ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Година на Прличко

100 години Прличко

Година на Прличко
Прличко оживува низ прстите на Серафимовски
Игор Џамбазов ќе го игра ликот на дедо му
Одбележана стогодишнината од раѓањето на Петре Прличко
Корифеј со автентична актерска магија
100 години од раѓањето на Петре Прличко
Прличко во безвремето
Синот на Талија
Нушиќ не можел да го прими Прличко в театар!
Изложба и филмови со Петре Прличко
Лулињата од Петре Прличко во МНТ!

______________________________________________________

Прличко во безвремето


„Да си ми живо и здраво детуле...“ Не верувам дека има некој што не се сеќава на почетокот од милозвучниот благослов на Манданата од Мис Стон, со кој во свет пркнува ново чедо, поттикнато и поздравено од песната на славејот, која тече од устата на стариот комита... Токму овој момент го чини незаборавен овој легендарен лик кој го (пре)создава единствениот, најголемиот - Петре Прличко! Тој го сака и негува актерот во себе во театарот, филмот, операта, на медиумите, создавајќи од својот живот метафизика, заради која уметноста е уметност, актерот - уметникот е создаден да твори, да премине преку времето, да остане во безвреме... Тоа маркантниот чичко Перица го достигна. А, започна како штотуку пркнато детуле - момчак. На 16 години го напушта родниот Којник во Велес и од неговиот макадам, преку театарот на Михајло Лазиќ, тргнува во светот на смеата и солзите, песната и плачот. Научил се, од корен - играл по улиците, дворовите, кафеаните, импровизираните сцени, неретко и гнилите штици... Најнапред во Србија...Но, токму тие и такви штици и буквално живот му значеле. Враќајќи се дома, македонската врвица ја започнува со Аркадиј во „Платон Кречет“, првата пиеса одиграна на македонски јазик, со што свесно се вградува во темелите на македонкиот театар... Оттогаш па се до 1991 година, тој игра, оставајќи на сцената и надвор од неа ѕвездена трага... Никој не ќе го заборави ниту легендарниот Јеротие Пантиќ, кој опстојува полни 43 години (262 изведби). Тука е и Арсо во „Чорбаџи Теодос“ (346), Митке во „Коштана“ (203)... И навистина многу други.

Зад себе остава 55 професионални режисерски ракописи, една оперска режија - „Гоце“ (1954 - МНТ), шест куси драмолетки - едночинки, 11 драматизации, 17 режии на куклени претстави... Триесет и два филмски лика... Бројки! Но, бројки кои говорат за еден постамент во театарот, за еден столб кој, и да сакаш, не можеш да го одминеш, токму поради тоа што последната премиера ја доживува на 82 години - го игра Убав во претставата „На сечило“ (текст Бранко Варошлија, режија Душан Наумовски на сцената на „Јордан Хаџиконстантинов - Џинот“ во Велес). Интересно заокружен, креативен пат, зар не?!

Наградите се бројни добиени низ целата територија на некогашна СФРЈ - филмски, театарски, животни... Во 1977 година е најполуларно ТВ лице на „Вечер“... Не само печатот и колегите, ами и оние поради кои Петре Прличко создаваше - гледачите, го имаа за свој, преку сцената, платното, ТВ екраните, „во живо“...

И токму затоа, по еден век од неговото раѓање, деновиве, весниците (медиумите) се полни со неговиот „лик и дело“. МНТ му се оддолжува со биста и ново „Сомнително лице“, а Јеротие го игра неговиот наследник... Но, дали е тоа доволно, дали е се направено, дали е се речено... Останува да се помислиме, оти: зборот е збор, мислата - мисла, сеќавањето - сеќавање, а легендата е легенда. Прличко е токму тоа.

Игор за Петре...
Има еден факт за дедо ми кој не верувам дека некој од помладите, па и многу возрасни не го знаат: во 1939 година во Српското народно позориште во Скопје, Петре Прличко бил примен во редовен работен однос токму од Бранислав Нушиќ, тогашен директор на овој театар.
Што се однесува до тоа како дедо ми го одигра Јеротие можам да кажам дека тој беше „марсовец“ во однос на тоа како го правеше сето тоа...

Борче Грозданов
Вечер, 17.03.2007