ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Година на Прличко

100 години Прличко

Година на Прличко
Прличко оживува низ прстите на Серафимовски
Игор Џамбазов ќе го игра ликот на дедо му
Одбележана стогодишнината од раѓањето на Петре Прличко
Корифеј со автентична актерска магија
100 години од раѓањето на Петре Прличко
Прличко во безвремето
Синот на Талија
Нушиќ не можел да го прими Прличко в театар!
Изложба и филмови со Петре Прличко
Лулињата од Петре Прличко во МНТ!

______________________________________________________

Корифеј со автентична актерска магија


Сто години се навршија од раѓањето на легендата на македонското актерство - Петре Прличко. Роден е на 13 март 1907 година во Велес, а почина во Скопје на 16 ноември 1995 година. Изоди долг професионален животен пат, остварувајќи една од најимпресивните кариери во историјата на македонскиот и балканскиот театар.  
Последниот балкански скомрах Петре Прличко паралелно со глумата ја сакаше младоста, го сакаше животот. Беше млад кога го напушти својот Велес и на 15-16-годишна возраст тргна во театарска авантура долга речиси 67 години. Го одработи најсовесно и најчесно актерскиот век, вградувајќи се во културната историја-меморија со голема професионална и лична кондиција и комбинација на ентузијазам, хедонизам и талент. Низ делото на боемот, фантаст и идеалист Прличко, македонскиот и балканскиот театар добија еден од своите највистински и најголеми корифеи со автентична актерска магија.

Во таа автентичност на Прличко се педесетина ролји одиграни во патувачките трупи и во неговиот Патувачки театар „Боем“, дваесетина на професионалната скопска сцена помеѓу 1940 и 1944, речиси осумдесет драмски ликови на сцената на МНТ (и два оперетски). Сними триесетина поголеми и помали филмски ликови, околу дваесетина телевизиски ликови во драмски емисии и во играни серии за возрасни и за деца. Реализира едночинки и агитки во одделни естрадни пригоди (патувачкиот период или агитпроповските години во и по Втората светска војна). Бројот на одиграните ликови се заокружува на околу 250, репризирани во околу 8.000 поединечни претстави. Во меѓувреме и режираше. Пишуваше драми, работеше на драматизации и адаптации.

Многу, многу за еден актерски век. Полни 43 години го играше Јеротие Пантиќ во „Сомнително лице“, по кој најчесто и се идентификува, го обожаваше Митке од „Коштана“ и неговата „жал за младост“, се паметат Положаев во „Неспокојна старост“, Мојсо во „Македонска крвава свадба“, Арсо во „Чорбаџи Теодос“, Лука во „На дното“, Флоки во „Глорија“, Аркадиј во „Шума“, Фезлиев во „Црнила“, Градоначалникот во „Ревизор“, ликовите на Швејк, на Спасое, на Хенри Осми... на Мандана во филмот „Мис Стон“... ликови за кои доби многу награди и признанија. Пишуваше драмски текстови, работеше врз драматизации и адаптации.

Глумата му беше живот и тоа го правеше безрезервно, низ искрен, мимикрички, емоционален и прилежен на својата става начин на играње и на откривање. Си однегува свој стил на игра и свој однос кон сцената. Со понекогаш и кокетирачкиот однос кон публиката беше нејзин миленик. Тврдеше дека секој чекор е дел од нашата животна улога што ја играме секојдневно. Се потпишуваше како „5-ре“. Есента 1995, како и Митке со жалта по младоста, свесен дека и доцната младост минува - замина.

Одамна веќе беше влезен во легендата.

Лилјана Мазова
Дневник, 14.03.2007