ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Градски театар - Охрид

Градски театар - Охрид

Лилјана Мазова: Битка за сопственото его
Лилјана Мазова: Да се верува во театарот и во актерот
Борче Грозданов: Хипокритична веселба

______________________________________________________

Лилјана Мазова: Битка за сопственото его

(„Верона, Верона“ на Градскиот театар во Охрид)
Лилјана Мазова
Софија Ристевска (1979) која дипломира пред околу три години на отсекот театарска режија на Националната академија за театар и филм „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија, оди сигурно од проект во проект. Само во оваа календарска година веќе реализира четири претстави низ кои докажува барем две свои цврсти определби: работи според принципите на солидното образование, што подразбира сигурност во идејата и реализацијата (или не гази на гнила штица), а во тој стил на работа битен и е сценскиот дизајн, кој го усовршува на постдипломските студии во Белград. Но и дека љуби да работи во континуитет, во различни услови/предизвици и на теми што говорат за интимните и секогаш од окото на јавноста подзаскриени човечки состојби. Во тие откривања користи и точно осмислени видеоинсерти што ја дооформуваат главната приказна. Тој нејзин театарски светоглед годинава се огледа во претставите „Емигранти“ (за духовната стеснетот и осаменоста на емигрантот, продукција на ОДА од Тетово), „Снежни волшебници“ (за интимниот свет на децата и победата на доброто над злото, продукција на Детскиот театарски центар - Скопје и Центарот за култура во Тетово), „Човек од перници“ (за последиците кај жртвата на малограѓанштината која предизвикува насилство, продукција на Албанскиот театар во Скопје) и сега во „Верона, Верона“ - сексот како ринг на кој беспоштедно се бие една од најбитните енергии во животот на жената и мажот.

„Верона, Верона“ е една од четирите фестивалски театарски премиери што беа изведени на Охридско лето. Продукција е на неодамна официјализираниот Градски театар во Охрид, кој со претставата во режија на Ристевска промовира и нова сцена - „Подрум 69“. Во интимниот подрумски простор, на голем кревет и само уште со неколку реквизити - фотелја, масичка и боксерска вреќа, на дофат на гледачот (просторот е за педесетина посетители) е сместена едночасовна жестока битка меѓу неа - Жената и него - Мажот. На ниво на животна игра таа е отровно беспоштедна и во задоволувањето и во одбраната на сопствената сексуалност. Низ текстот Алексеј Шипенко, автор од поновата руска драматургија, смело влегува во темата: колку е сексот заедничка потреба на партнерите, дали во него има насилство, колку и како може да се претвори во одмаздничко бегство на еден од партнерите наспроти физичките и психички потреби на другиот, колку е доброволна и едновремена потребата на партнерите за секс, како се манифестира, задушува или користи бегството од партнерот за одмазда на сопствената незадоволеност... Исклучително интимна тема што поврзува уште многу како и зошто за да се стигне до логичното прашање: „А што е полесно отколку да го пронајдете Бог во мажот што го сакате и Божицата во жената што ја сакате?“ Или, за љубовта која за нејзината можна чистота, сакале или не, секогаш одново и одново на враќа на Шекспировите љубовници од Верона, на нивата изгубена љубовна битка.

За Софија Ристевска темата мора континуирано да се открива до крајот. Ја поставува и гради сигурно и целно низ играта на актерите: Жената ја игра Јасмина Билаловиќ, а Мажот е Горан Стојаноски (двајцата дипломирани актери на ФДУ во Скопје). Сигурноста е во отворената граница меѓу желбата и одмаздата, телесноста и духовноста, во и со беспоштедна актерска работа која не ја преминува границата на интимноста меѓу нивната игра и близината на гледачот. Тантрата - духовна наука што влегува во методите на потсвесното и несвесното за да се стигне до натсвесното како почеток на животот меѓу, според истата традиција, Јони - женскиот полов орган и Лингам - машкиот полов орган, во режијата и играта на двајцата актери ја истражува енергијата на вистината. И Стојаноски и Билаловиќ ја следат идејата во која чувствата се претвораат во силно дозирана моќност на еден кон друг. Финалето е во откривањето/доаѓањето на Ангелот, кој е чувар на сопственоста, на интимноста, на желбите и потребите, на исконски човечкото чувство за секс. Го игра Никола Тодоровски, кој дипломирал актерско мајсторство во Софија. Режијата на Ристевска и на тројцата актери доследно ја следи идејата дека секој има свој ангел - само треба да го открие во себе и за себе.

Дневник, 05.09.2006