ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Српска сцена „Нушиќ“

Српска сцена „Нушиќ“

Борче Грозданов: Клаустрофобијата на душевниот ќумез
Анета Јанчевска: Превртливото лице на судбината
Лилјана Мазова: Силна енергија и артизам на Лилиќ
Тодор Кузманов: Модерните печалбари

______________________________________________________

Борче Грозданов: Клаустрофобијата на душевниот ќумез

За „Превртач“ Од Ненад Вујадиновиќ; Продукција Српска Сцена „Нушиќ“; Театар Центар, МНТ
Борче Грозданов
Двајца браќа - два света, далечина, закопана желба, растопена и разградена во едно парче земја и вештачка трева, голубарник - ќумез на 25-катницата која води в небо, но толку блиску до дното... Нафрлани мисли во една студија за поразот, трагикомичното навраќање на патриотизмот и два субјекта со кои судбината си поигрува... Сонот се персонифицира преку гулабот кој превртувајќи се околу себе ги одминува сите „плови“ свесен за својот крај. Ова е дел од повеќеслојноста на пиесата Дунек или „Превртач“ од Ненад Вујадиновиќ, која на оригинален српски јазик премиерно ја изведоа актерите Дејан Лилиќ и Александар Микиќ, како дел од „Српска сцена Нушиќ", на малата сцена на театарот Центар - МНТ.  
Клаустрофобичен дијалог, со енергија која кружи, оградена со жица, а која сепак се стреми кон експлозија и претворање на душевната длабочина во смеа, солзи, болка и крв. Сите тие чувства и состојби на духот обата уметнички субјекта ги преточуваат со единственото оружје - телото и зборот и се обидоа да не допрат, оставајќи не во размисла... оти светот е сцена, нели?!   Двајцата актери, едниот преку молкот и редуцираната реплика (Микиќ), а другиот со жестокост, ги распослаа енергијата и мислата, функционирајќи  точно во јасната и концизна реплика. Сепак, во одредени моменти како да имаше амплитуда во нивната игра, како да „одмораа“ од жестокоста на внатрешниот дијалог, прво во себе, а потоа со партнерот. Нивниот Дунек - Превртач, на моменти, со својот систем на сврдел, како да ги „олабавуваше конците“ во она што се вели беспрекорност и точност.  
Речиси и невидлива е режисерската рака на Јовица Павиќ, што во случајов е доказ за доволноста на актерската моќ и трансформација, со веристичкиот пристап, кој не внесува директно во душевната драма на младиот (Дејан Лилиќ) и стариот (Александар Микиќ) брат. Единствената конкретна замерка би можела да се состои во изразот (се говори на српски) и понекое „промакнување“ на македонскиот акцент, што пак вешто е прикриено со уфрлање на македонски реплики. Инаку, клаустрофобичната сцена многу верно предадена преку голубарникот - ќумез и живата „гугутлива“ музика на гулабите е уште еден ефект која влече кон позитивен впечаток. Што се однесува до верниот приказ на она што се гледа на сцената мора да се признае за ефектноста на последните две сцени, каде гледаме гола жестокост, како вербално, така и физички (тепачка и „плукање“ крв) што ја заокружува приказната за добро обмислена и заокружена претстава.      
  
Вечер, 11.02.2006