ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Театролошка дата база (1999-2005) - преглед на дејноста

За Институтот за театрологија

Театролошка дата база (1999-2005) - Преглед на дејноста
Наташа Бунтеска: Архивата на Петре Прличко чека музеј
Лилјана Мазова: Презентирана дејноста на Институтот за театрологија
Борче Грозданов: Седум години на Институтот за театрологија - на ред е театарски музеј
Сребра Пашовска: По седум години работа на Институтот за театрологија

______________________________________________________

Театролошка дата база (1999-2005) - Преглед на дејноста

Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје
Факултет за драмски уметности – Скопје

ИНСТИТУТ ЗА ТЕАТРОЛОГИЈА


ТЕАТРОЛОШКА ДАТА-БАЗА
(1999-2005)

- Преглед на дејноста -


1. ВОВЕД

Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности – Скопје, континуирано и перманентно шест години собира, архивира, дигитализира театрографска граѓа, истата ја анализира и објавува во зависност од работата на конкретни проекти. Ваквиот начин на елаборација е потребен за да се има предвид за тоа што содржи целокупниот фонд на Институтот, поконкретно Театролошката дата база. Фондот на Институтот за театрологија е разнороден и разновиден. Постојат архивски, библиотечни и кинотечни подфондови, како и дигитализирани фондови. Во овој текст е пренесен краток историјат за работата на Институтот, листата на истражувачи и соработници, како и проектите на кој се работи во Институтот. Потоа е елабориран клучниот проект на Институтот Македонска театролошка дата-база, како и прегледот на дејноста на Институтот, кој е конкретно прецизиран за работата на професионалните театарски институции во Македонија.


2. ИНСТИТУТ ЗА ТЕАТРОЛОГИЈА

2.1. ИСТОРИЈАТ

Инициран од несомнена потреба да се евидентира / систематизира, но – најважно! – да се дигитализира севкупната примарна театролошка граѓа што може да се прибере во Македонија, Институтот за театрологија природно се разви имено при специјализираната високообразовна институција каква што е Факултетот за драмски уметности. Во текот на првите години (1997-1998), истражувачките театролошки проекти ги следеа, главно, потребите за осовременување и подобрување на наставниот процес по теориските и историски предмети, кои се предаваат на ФДУ. Постапно, со вклучување во истражувањата на сe поголем број заинтересирани млади соработници, но и со систематска поддршка од страна на Министерството за култура (коешто, од 1999 година, започнува да ја финансира оваа дејност, овозможувајќи го – пред сe – набавувањето на софистицирана компјутерска опрема, како и континуиран ангажман на квалификуван кадар), Институот започнува систематски да го развива својот основен макро-проект наречен МАКЕДОНСКА ТЕАТРОЛОШКА ДАТА-БАЗА. Номинално, Институтот постои и функционира токму од 1999 година. Резултатите од овој капитален проект, чијашто реализација продолжува, постојано се вградуваат во други научни проекти на Институтот. Едновремено, тие резултати секојдневно им се достапни на голем број заинтересирани корисници (студенти, постдипломанти и докторанти; научници-истражувачи од разни области; театарски критичари и/или новинари од културните редакции од сите македонски медиуми и т.н.). При крајот на 2003 Институтот започна систематски да ги дигитализира видео снимките од театарските претстави на сите македонски театри. Засега, овој фонд собира над 200 поединечни наслови. Во архивата на Институтот, во над 150 архивски кутии, веќе се чуваат десетина лични збирки/фондови на македонските театарски творци, дигитализирани според важечките научни стандарди. Институтот поседува и голем број артефакти – собрани, главно, преку донации – коишто би требало да имаат третман на музејски експонати. Проектот на Институтот, дигиталната ениклопедија Театарот на македонската почва, ја доби највисоката македонска награда за научни постигнувања „Гоце Делчев“ (2003).


2.2. ПРОГРАМА И ПРОЕКТИ НА ИНСТИТУТОТ

2.2.1. РЕАЛИЗИРАНИ ПРОЕКТИ
- Театарот на македонската почва – енциклопедија, ЦД-ром (2002)
- Македонска театролошка дата-база: фази I-VI (1999-2004)
- Илија Милчин – монографија (2003)
- Балканска театарска сфера - меѓународна театролошка конференциja (2003)
- Театар на разлики / интеркултурален театар (2002-2004)
- Осумдесетгодишнината од организираниот театарски живот во Штип (2004)
- Петре Прличко - монографијa (2004)
- Театарот на почвата на Македонија (2004) од макропроектот на МАНУ (том 1)
- Интернет страница: www.mactheatre.edu.mk (2004)

2.2.2. ТЕКОВНИ ПРОЕКТИ
- Македонскиот театар во контекст на балканската театарска сфера (допири, врски, влијанија, специфики) (2004-2006)
- Македонска театролошка дата-база - фаза VII (2005)
- Интеркултурален театар - меѓународна научна конференција (Скомрахи 2005)
- Македонско-хрватска билатерална програма за соработка: Истражување на театролошка граѓа (2005-2007)
- Театарот на почвата на Македонија (2005) од макропроектот на МАНУ (том 2)
- Интернет театарско списание: www.mactheatre.edu.mk (2004)

2.2.3. ПЛАНОВИ
- Драма-нација-идентитет – меѓународна конференција и зборник
- Физибилити студија за формирање на театарскиот музеј на Р. Македонија
- Монографија за актерот Илија Џувалековски
- Монографија за актерот Бајруш Мјаку
- Подготовки за издавање на дополнетото издание на дигиталната театарска енциклопедија (ДВД)
- Монографија за Театарот на Ромите „Пралипе“
2.3. НАУЧНО ИСТРАЖУВАЧКИ ТИМ НА ИНСТИТУТОТ

Главен истражувач:
Д-р Јелена ЛУЖИНА (1950), театролог, професор на ФДУ по предметите македонска драма и театар, односно Теорија и методологија на театролошките истражувања; автор на дваесетина книги (монографии, зборници, хрестоматии, студии) и на библиографија од околу 400 единици (студии и есеи), објавувани во текот на триесет години научна работа.

Истражувач координатор:
М-р Ана СТОЈАНОСКА (1977), театролог, помлад асистент по предметот македонска драма и театар. Приредувач на книгата Драми од Дејан Дуковски. Автор на повеќе студии и есеи објавувани во македонската периодика.

Специјалист по информатика:
Андреј ТИМОФЕЈЕВ (1972), информатичар,  комплетно го дигитализира и компјутерски го обработува материјалот од театролошката дата-база. Референца за поставување и одржување на компјутерски мрежи, интернет комуникации, сервисирање на информатичка опрема, инсталации на софтвер и обука и поддршка на корисници.

2.4. НАДВОРЕШНИ СОРАБОТНИЦИ

Соња Абаџиева () – историчар на уметност
Д-р Наташа Аврамовска (1965) – книжевен теоретичар, научен соработник во Институтот за литература
Искра Гешоска (1968) - театарски критичар.
Благоја Иванов (1931) – писател, театролог и театарски критичар.
Ивана Јарчевска (1976) – историчар на уметност
Д-р Лидија Капушевска-Дракулевска (1962) - доцент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје
Елјеса Касо (1961) - актер и доцент на ФДУ
Сузана Киранџиска (1963) – актер и асистент на ФДУ - Скопје
Д-р Ермис Лафазановски (1961) - виш научен соработник во Институтот за фолклор „Марко Цепенков” - Скопје.
Ангелина Љаковска (1951)  - лектор во Народен  театар - Битола
Лилјана Мазова (1947) - театарски критичар, новинар и публицист.
М-р Љубиша Никодиновски – Биш (1949) – филозоф и театролог, уметнички директор на Фестивалот МОТ, Генерален секретар на македонскиот центар на ИТИ-УНЕСКО.
Кристина Христова-Николова (1973) – актерка, постдипломец по театрологија на ФДУ-Скопје
Д-р Мишел Павловски (1964) – театролог, научен соработник во Институтот за литература
Д-р Нада Петковска (1949) - книжевен теоретичар и театролог., професор на ФДУ-Скопје
Д-р Никос Чаусидис (1959) - археолог., професор на Филозофски факултет - Скопје
М-р Соња Здравкова - Џепароска (1969) – театролог
Џанан Али Џумкар (1956) - преведувач во Театарот на народностите - Турска драма.

3. МАКЕДОНСКА ТЕАТРОЛОШКА ДАТА БАЗА (1999-2005)

3.1. ЛИЧНА КАРТА
Тип/вид проект: ТЕАТРОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА

Област на истражувањето: ТЕАТРОЛОГИЈА

Институција: ФАКУЛТЕТ ЗА ДРАМСКИ УМЕТНОСТИ – ИНСТИТУТ ЗА ТЕАТРОЛОГИЈА
Наслов на проектот: МАКЕДОНСКА ТЕАТРОЛОШКА ДАТА-БАЗА

Главен истражувач: проф. д-р Јелена Лужина, театролог

Реализација на проектот:  ПЕРМАНЕНТНА


3.2. КОНЦЕПЦИЈА
Истражувачкиот проект насловен како МАКЕДОНСКА ТЕАТРОЛОШКА ДАТА-БАЗА е прв/единствен обид за собирање, систематизирање, верификување и научно валоризирање/ толкување на севкупната театролошка граѓа што сe уште може да се прибере на македонската почва.  Атрибуцијата театролошка граѓа го подразбира/третира театрографскиот материјал испишан/испечатен на сите јазици преку кои театарот на македонската почва се практикувал и се практикува, како во минатото така и во сегашноста.  Истражувањето го спроведува соодветно квалификуван тим, составен од професионално и технолошки обучени специјалисти (театролози, постдипломанти и/или докторанти по театрологија), коишто работат со поддршка на посебно изработена и кон специфичните  потреби на оваа научна дисциплина прилагодена компјутерска програма (софтвер), целосно компатибилна со актуелните светски стандарди (UNESCO), коишто се релевантни за оваа област.
Комуницирајќи со повеќе театролошки /истражувачки центри во светот и вклучувајќи се - постепено - во некои странски театролошки проекти, членовите на македонскиот тим не само што ја афирмираат домашната театролошка наука, туку и го промовираат Скопје како несомнено влијателен балкански театролошки центар.
Фундаменталните/базични истражувања што го структурираат овој амбициозен, исклучително сложен и - што е сосема разбирливо - долгорочен макро-проект Министерство за култура ги финансира од септември 1999 година, кога го прифати и поддржа нашиот проект. Во оваа фаза од неговата реализација - резимирајќи го големиот дел од нашето истражување  - со задоволство можеме да констатираме дека  веќе е создадена основа за формирање на идниот Театарски музеј на Република Македонија, институција проектирана и во нацртот на Национална програма за развојот на културата во државата.
3.3 ЕКПЛИКАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ


Во текот на изминативе 7 години (1999-2005), со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, во Институтот за театрологија при ФДУ формирана е дата-база на театролошките податоци, во кои до сега  се  систематизирани (меѓу другото):

Комплетни репертоарски податоци (поделба, соработници, фотографии, плакати, програми, евентуално костимографски/сценграфски скици) за сите претстави одиграни во македонските професионални театри од 1945 до денес - драмски, оперски, балетски, куклени, детски  (обработени се 4034 претстави)

Комплетни репертоарски податоци за 6 театарски фестивали (податоци за 1800
претстави; податоци за награди; Совет и жири на фестивалот)

Персонални датотеки за повеќе од 200 автори

Библиографија од приближно 50.000 театарски критики

20.000 обработени/идентификувани и дигитализирани фотографии

Дигитализирани, над 200 снимки на театарски претстави (околу 500 часа  ДВД записи)

Реализирани, или се во тек, 15 научно-истражувачки проекти, финансирани од други институции или донатори - сите втемелени врз досега апсолвираните истражувачки резултати

Во соработка со различни институции, одржани 9 научни  собири/симпозиуми
на релевантни театролошки теми, на кои учествуваа (вкупно) 220 еминентни
партиципиенти од земјата и од странство

Во соработка со различни институции, подготвени и публикувани 6 зборници/
хрестоматии,  4 монографии и 1 ЦД - дигиталната театарска енциклопедија

Според научните стандарди целосно се обработени и дигитализирани  повеќе
лични  збирки/фондови, организирани во 150 архивски кутии, кои содржат
оригинални/уникатни 8500 архивски единици (примарна театрографска граѓа)


4. ПРЕГЛЕД НА ДЕЈНОСТА


Прегледот е изработен за секоја професионална театарска институција во Македонија, детално според неколку базични назнаки: претстава, учесници во претставата, фото и видео записи.

Во текот на 2004 година именувањето на театрите е променето во согласност со Националната програма за култура. Во овие прегледи (за полесна елаборација) театрите ги задржаа претходните именувања, со напомена дека некои од нив денес се Национални установи, а некои и преминаа во рамки на Национални установи – Домови  на култура. Театарот на народностите со двете драми, денес е поделен на Албански и Турски театар.

За дел од театрите за кои постојат податоци и за нивните претходници, пример во Битола, наведени се и театарските институции од минатото.

Институтот за театрологија располага и со податоците за театрите од минатото (1913-1944), како и за професионалните театри (1945-1950), како и за поголем број на аматерски, алтернативни и независни театри.

Богатиот фонд на Институтот за театрологија содржи и поголема збирка на предмети, лични архиви и персонални датотеки на поголем број реномирани македонски автори. Пример за тоа е Фондот - Петре Прличко (49 архивски кутии – подарок од семејството), Фондот - Илија Милчин (8 архивски кутии – подарок од семејството), Фондот - Крум Стојанов (23 архивски кутии – подарок од наследниците), Фондот - Илија Џувалековски (9 архивски кутии – подарок од семејството), Фондот - Љубиша Георгиевски (8 архивски кутии – подарок од сопственикот), Фондот на Владимир Милчин (5 архивски кутии – подарок од сопственикот) и др.

Персоналните фондови се дигитализирани и архивирани според стандардите за архивирање на податоци. Институтот за театрологија има и пообемна збирка на театрографски материјал и во дигитална и во печатена форма (плакати, програмки, фотографии, исечоци од весници и сл.)