ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Промоција на монографија: Милица СТОЈАНОВА

За Институтот за театрологија

Сунчица Уневска: Театарот како модел на живеење
Анита Јованоска: Играм - само така постојам
Марија Зафировска: Театарот е нејзиниот живот
Јасна Франговска: Играм, значи живеам

______________________________________________________

Сунчица Уневска: Театарот како модел на живеење

Милица Стојанова: „Јас, таму, на гробишта нема да бидам, дури и плоча да има врз мене... Барајте ме во театрите, на сцената под рефлекторите, зад и пред кулисите, во гардеробите, меЃу Шминките, периките, костимите разни... Потсетете се на ликовите...“
Педесет и пет години живот на театарската сцена, па сепак фасцинацијата со театарот е подеднакво жива за Милица Стојанова (родена 1932) како што била и пред 55 години, ако не и повеќе. Бидејќи сега и низ сите овие години таа беше дел од неа, таа беше дел од нејзиното создавање, растење и менување, бидејќи сега и низ сите овие години таа стана нејзин неразделив дел чие битисување е можно само заедно никако оделено. По повод овој исклучителен јубилеј на сцената во Драмскиот театар, каде што Милица помина цели 40 години, публиката присуствуваше на навистина особен настан во рамките на кој и беше оддадена чест на Милица како актерка, но и како човек, како жена, како еден особен сензибилитет. Сето тоа, всушност, на тој начин и е претставено во монографијата (чиј автор е Јасна Франговска, уредник Искра Гешоска, а издавач „Темплум“) која по тој повод беше промовирана, монографија која токму како насловот што го носи, „Превези, лица“, се обидува да погледне зад сите нив. Така течеше и вечерта посветена на Милица Стојанова, разоткривајќи ја нејзината интимна и професионална природа, разоткривајќи ја нејзината животна и актерска биографија, разоткривајќи ги нејзините стравови, очекувања, надежи, борба, храброст и бескрајна упорност, а над се, една единствена фасцинација со театарската уметност, која ќе биде нејзино прибежиште, која ќе биде нејзина утеха и љубов, во која секогаш одново ќе согорува докрај, брз задршка. Милица Стојанова е навистина единствена појава на македонската сцена, пред се, поради начинот на кој театарот живее во неа. А тоа се гледа, тоа е видливо веќе при самата средба со неа, додека зборува за театарот, за своите улоги, додека зборува за начинот на кој тие улоги растат во неа или таа со нив. Театарот е нејзиниот живот, вели таа, нејзиниот живот е оној на сцената, во неспокојот на улогите кои ги играла и во чие битисување единствено можела да го пронајде сопствениот спокој. А тоа е симбиоза од која станувате зависен, симбиоза која и овозможи на Милица да донесе и оствари извонредни улоги, да донесе ликови кои долго ќе се паметат и кои на свој начин ќе бидат инспирација за многумина. Во таа смисла беше говорот на Ѓунер Исмаил на оваа вечер посветена на Милица Стојанова, посветена на сеќавањето, како што рече тој, посветена на нашите интимни мигови во средбата со неа. И токму тука, во неговото сеќавање на нејзината улога на Беатриса Хансдорфер во претставата "Дејството на гама зраците врз сенишните невениии (1973) беше содржано сето она што и го дава животот и значењето на оваа професија и покрај нејзината ефемерност (која честопати ја истакнува самата Милица). Ѓунер Исмаил зборуваше за оваа нејзина улога како нешто што ќе ги одбележи тогашните негови студентски денови, за нешто што ќе биде обележје тогаш за неговата генерација и за нешто кое ќе биде инспирација за многумина и кое на свој начин ќе стане дел од нивните животи, вградувајќи се на различен начин во меморијата на секој од нив. А тоа веќе само по себе го урива мислењето за ефемерноста на оваа професија, бидејќи тоа што таа го дала во еден миг станало вечност за многумина, оставило неизбришлива трага или на свој начин дало придонес во нивната борба, а тоа е доволно. Доволно е за да проговори за мигот и за неговата вечност, доволно е да ги урне стереотипите, што кај Милица ќе биде чест случај, дека вечноста останува ако биде запишана, бидејќи вечноста уште повеќе останува ако ја сочуваме во нашата меморија. А ноќта посветена на Милица Стојанова беше токму тоа, ноќ во која многу различни генерации ја оживеаја својата меморија, во која театарот и една од многуте исклучителни улоги на Милица, оставиле своја трага. Во таа смисла ние овде нема да ги набројуваме сите нејзини улоги и нема да ја следиме хронолошки нејзината биографија, туку само ќе потсетиме на силата и сугестивноста вградена во нив. Впрочем, така оваа вечер и започна со еден монолог од претставата „Керубин“ и нејзината улога на Горка Сута, со еден монолог донесен така што ви предизвикува трпки по телото. По една таква улога во „Диво месо“ ја памти токму потписникот на овие редови, по гласот и улогата на Марија во кој ќе биде содржана целата злокобност на оваа претстава. Подеднакво исклучителна ќе биде Милица во своите стотина театарски претстави кои ќе ги одигра (пред се, во своите матични театри, во МНТ, а од 1965 во Драмскиот театар), од кои ќе ги споменеме Леди Магбет, Малина во „Еригон“, Елиза во „Пигмалион“, Јокаста во „Цар Едип“, Химена во „Сид“, Моника Дорсеј во „Партија реми“, Параскева во „Дупло дно“, Алтана во „Тетовирани души“, Маргарита во „Татко“... Милица Стојанова ќе реализира 3.000 улоги во програмите на Радио-Скопје, ќе игра во повеќе телевизиски серии и ќе настапува на многу манифестации. И ќе стане ѕвезда, филмска ѕвезда, како што рече Илинденка Петрушевска во нејзината изјава по повод овој јубилеј, една прекрасна, луцидна и искрена изјава дека Милица Стојанова која ќе игра во девет играни филма и во уште толку ќе го позајмува гласот не можела а да не биде ѕвезда на македонското филмско небо. „Ако не ми верувате, рече Илинденка, тогаш тоа е ваш проблем“. Тоа беше еден прекрасен спонтан миг на оваа вечер, кој всушност го отсликува и времето во кое Милица ќе ги остварува своите бројни улоги. Времето кое се подудира со многу нешта кои во тие повоени години беа во зародиш, радио-програмите, македонскиот театар, филмската уметност. А таа со својата преголема желба, љубов и неуморност во оваа работа, го даде својот исклучителен придонес. Милица Стојанова ќе остане парадигма во многу нешто, а меѓудругото, како што се вели во оваа монографија, и како жена која ќе ги даде првите феминистички проблесоци во една патријархална средина. Но, она што е карактеристика и една исклучителност кај Милица Стојанова, е што сето тоа таа го прави преку целосното предавање на својата работа, преку согорувањето во неа, преку суштината на живеењето која ќе ја пронајде во своето алтер его. Со други зборови, таа нема да се бори и наметнува ставови, таа нема да докажува или да пркоси, туку таа едноставно ќе го живее она кое многумина се обидуваат да го докажат. И токму тука е нејзината големина, токму тука е суштината и инспирацијата која со целата своја појава ја носи Милица Стојанова, токму тука е јадрото, содржината која ќе ја издигне над се и ќе ја претвори во парадигма на овие простори, во некој кој ќе урне многу граници, кој нема да отстапи пред никаков предизвик, чиј живот секогаш ќе ја има смислата бидејќи во неа никогаш не попуштила нејзината волја, љубов, фасцинација, целосното предавање, па ако сакате и бегството, бегството во своето прибежиште кое никој не може да ви го одземе. На тој начин таа ќе ја победи и смртта, бидејќи што е смртта освен физичко исчезнување. Нејзината волја може да победи се, тоа и се потврди низ животот и затоа целосно веруваме во нејзините зборови: „Јас, таму, на гробишта нема да бидам, дури и плоча да има врз мене... Барајте ме во театрите, на сцената под рефлекторите, зад и пред кулисите, во гардеробите, меѓу шминките, периките, костимите разни... Потсетете се на ликовите...“ А тоа е суштината на ваквите јубилеи, да се потсетиме на големината создадена низ времето, големината која оставила траг во нашето сеќавање и која успеала и неуспехот да го претвори во успех, минливоста да ја претвори во траење, стравот во фасцинација, загубата во придобивка. Затоа, фантастична е метафората во монографијата која почнува со нејзината прва улога на момче во „Печалбари“, истакнувајќи ја нејзината тупаница, а завршува со нејзиното отпоздравување, задоволство и успех на лицето преземено од улогата на Соња во „Злосторство и казна“, со кренатата рака која победоносно ни мавнува. Милица Стојанова успеа во својот живот да се издигне над себеси и нема поголема парадигма од моделот кој таа ни го остави, ако ништо друго да се потсетиме дека суштината е во предавањето, во своето целосно предавање. Овој јубилеј беше во знакот на тоа и затоа засекогаш ќе го паметиме.

Утрински весник, 20.06.2005