ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: 60 години МНТ Драма

Институт за театрологија

Борче Грозданов: Навали народе на театар!
Наташа Бунтеска: Театарската еуфорија не гради нова публика
Цветанка Зојчевска: МНТ-Драма слави, прво на коктел ги покани актерите
Сунчица Уневска: Интервју со Љупчо Петрушевски, директор на МНТ
Борче Грозданов: МНТ ги почести вљубениците на Талија

______________________________________________________

Борче Грозданов: Навали народе на театар!

НЕВИДЕНА ФЕШТА ВО МНТ
Борче Грозданов
Навали народе на театар!

Деновиве, пред Театарот „Центар“ - МНТ, вистински вриеж од луѓе. Од почетоков на неделава, поточно од понеделникот, нашата прва национална театарска куќа, ширум ги отвори портите за оние без кои, всушност, и не би постоеле - публиката. Вистинска навалица предизвикаа првите три претстави: „М.М.Е. кој прв почна“, која по речиси двегодишна пауза повторно е обновена, „Буре барут“, во моментов најиграната и најгледана претстава и „Папокот на светот“, од Венко Андоновски, обработка на еден од најчитаните романи кај нас.   Сепак, право и можност да влезат и да ги видат претставите имаат оние кои навреме ќе  дојдат до билет, бидејќи, иако е бесплатно, процедурата е јасна: без „виза“ нема влез. Оние несреќници кои не успеале да се обезбедат на време, бараа секакво чаре - од познанства со актерите, па се до „фаќање за гуша“ на првиот човек на МНТ, Љупчо Петрушевски. Тој напати и буквално се засолнуваше од очите на присутните, кои беа упорни да бидат дел од „фештата".    А, за неа, има и директен повод - шест децении од формирањето на МНТ, во чија чест ќе игра цела Македонија (сите професионални театри во државава), а прославата ќе трае до крајот на месецов. Со свое присуство ќе не почестат и пријателите на МНТ, гостите од „Иван Вазов“ од Софија и Белградско народно позориште од главниот град на СЦГ. Доколку посетеноста продолжи со ова темпо, тоа би значело дека во Театарот ќе проврват ни помалку ни повеќе, ами околу 15.000 гледачи! Импресивна бројка, зар не?   Според сите прогнози, жедта за бесплатен театар, особено кај младите, тешко дека ќе се изгасне. Најверојатно, турканиците за место во театарската сала ќе бидат жестоки, а сигурно нема да се испушти можноста да се биде виден или да се види некој од милите и познатите. Овој потег на Управата на МНТ, во секој случај, е за поздрав. Сепак, по малку се наметнува и една дилема -  дали мотивот за ваквата огромна посетеност е навистина љубовта кон театарот или, пак, едноставно народот навали затоа што е бесплатно? Искрено, сакаме да веруваме дека младите сакаат да гледаат претстави и оти оваа ретка шанса им беше само добредојдена, затоа што можеби немаат пари. Во прилог на ова говори и посетеноста на неодамнешниот студентски фестивал „Скомрахи“ што, исто така, им беше достапен на сите. Појдувајќи од премисата дека уметноста е основна, напредна анимација на младиот свет, вреди да се размисли за модус кој би овозможил театарска едукација, а притоа да не се повредат основните економски параметри за опстој на штиците што „живот значат“ во државава. Во меѓувреме, не ни преостанува ништо друго, туку да се радуваме на вакви моменти и празници на театарската уметност.

Вечер, 08.04.2005г.