ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Албански театар - Скопје

Албански театар - Скопје

Лилјана Мазова: Малите луѓе во глобалните проблеми
Лилјана Мазова: Во огледалото на вистината за себе
Лилјана Мазова: Невистина загнездена во вистината
Лилјана Мазова: За изгубената љубов - со љубов
Лилјана Мазова: Надежта како лајт-мотив
Е.Д.: Инкогнито враќање на режисерот Унковски
Лилјана Мазова: Питачка опера како сатиричен стрип за криминалот и изгубениот морал

______________________________________________________

Лилјана Мазова: Питачка опера како сатиричен стрип за криминалот и изгубениот морал

Лилјана Мазова
Режисерот Дино Мустафиќ со ансамблот на Албанскиот театар во Скопје ја постави претставата „Питачка опера“ по драмата на Вацлав Хавел, која е приказна за криминалот и изгубениот морал, и сатиричен стрип кој ја исмејува нашата стварност на релација позиција - опозиција.

По изведбите на „Хенри VI“ на Народниот театар во Битола и „Антигона“ на Државниот театар од Истанбул, во рамките на драмската програма на 52. „Охридско лето“, Албанскиот театар од Скопје ја прикажа премиерата на „Питачка опера“ по познатата драма на Вацлав Хавел, писател, есеист, дисидент и прв претседател на демократска Чешка, во режија на Дино Мустафиќ (Босна и Херцеговина). Претставата се одигра на 18 јули на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“.

„Питачка опера“ е храбра и точнo поставена претстава за криминалот и изгубениот морал во светски, балкански и македонски услови: режисерски, драматуршки, сценографски, костимографски, музички, кореографски и, сето тоа, со одлична актерска игра која во текот на целата изведба го држи вниманието на публиката која со смеење реагира на познати работи и им ракоплеска на актерите на отворена сцена. На сцената се спомнуваат имињата на премиерот, на некогашниот премиер, на министри, на позициски и опозициски лидери, настани кои се од македонската стварност.

САТИРИЧЕН СТРИП
Претставата е „микс“ од сцени од драмата на Вацлав Хавел и македонската транзициска стварност - од почетокот до денес. Иако приказната е важечка за целиот балкански транзициски простор, препознавањето/лоцирањето во македонскиот е преку владиниот „специјалитет“ (авторите тврдат дека е единсвен на Балканот) на промотивни кампањи и ТВ спотови за нејзината успешност и за неуспесите на опозицијата како некогашна позиција. Претставате е реализирана како стрип за она што е наша животна дневна доза, за она што го гледаме на ТВ екраните, читаме во весниците, пишуваме или читаме на интернет. Во изведбата е вметнато и писмото на Хавел од 1975 година до Др. Хусак, тогашен генерален секретар на Комунистичката партија на Чехословачка. Во него Хавел укажува на системот кој кај народот внесува страв и апатија, систем кој нуди хипокризија како единствена форма на општествена комуникација. И веднаш тргна приказната дека претстава е левичарска!

Во изведбата на оваа „Питачка опера“ е екипа со која Дино Мустафиќ главно рабити во последниве години. Драматург е Жељка Удовичиќ Плештина, сценографијата е на Драгутин Броз (и двајцата од Хрватска), кореографијата е на Ѓерѓ Превази (Албанија), костимите се на Благоја Мицевски, музиката на Тримор Доми. Во целиот ангажиран процес на работа актерската екипа е моќна: супериорен во играта е Џевдет Јашари (во  главниот лик на Мекит, шеф на криминална банда), а неговата мотивирана и прецизна игра ја доградуваат и реализираат како дел од вкупноста на концептот, исто одличните Адем Карага (Вилијам Пичам, шеф на другата банда), Бајруш Мјаку (Бил Локит, шеф на полиција), Греса Паласка ("Дама"), Мирилинда Саити, Фисник Зеќири, Теута Ајдини Јегени, Амернис Нокшиќи Јовановска, Дрита Каба Карага, Зарије Јонузи, Дритеро Аме, Бесфорт Идризи, Генци Мирзо, Мона Мустафа и Висар Етеми, кои ги играат ликовите на сопруги, криминалци и членови на банди, „дами“, лицемери, лажговци...

КОРУПЦИЈАТА КАКО НАЧИН НА ЖИВОТ
Хавел „Питачка опера“ ја напишал во 1972 година според приказната за Британецот Џон Гај од 18 век, и ја сместил во приказната за тогашниот комунистички режим. Изведувана е многу често на разни сцени во Европа и светот, и е останата до денес како верна слика на времето во кое се игра, зашто се однесува на човековите релации и норми кои ги наложува општеството а не се менливи.
Како и текстот, и претставата ги брише границите помеѓу доброто и злото, а акцентот е ставен на транзициската ерозија на моралот и моќноста на криминалот. Вметнатите „текстови“ од македонското секојдневие се однесуваат на промотивните владини спотови, полициските акции за сузбивање на криминалот со смешни кодните наслови, медиската битка меѓу позицијата и опозицијата, падот на моралот на сите нивоа - во општеството и во домот.

Тоа е сатиречен театар кој и се потсмева на стварноста, гротеска која е на работ на мјузикл и стрип за криминалот и изгубениот морал. Една по друга се нижат сцените од Хавеловата драма и сцени во кои актерите ги читаат, играат или пејат „бисерите“ на политиката во печатените медиуми или ТВ спотовите, аферите од почетокот на транзицијата до денес, полициските акции, кражби, приватизацијата, министрите во тренерки кои во вреќи ги носат парите на штедачите, рекламите и паролите кои повикуваат на образование како онаа „знаењето е сила, знаењето е моќ“... Се игра криминалот кој го контролираат моќниците, државата и криминалците кои, фалејќи ги своите „успеси и заслуги“, не се симнуваат од ТВ екраните, се спомнува „Скопје 2014“, притисоците врз медиумите и затворањата на некои од нив, корупцијата која стана начин на живеење. Се слуша: „Осум од десет граѓани во Македонија живеат под стрес, а останатите во странство“, „Што ќе ми слобода кога едната страна не ме разбира, а другата не ме слуша“, „7 години на Тибет, да ти е... мајката а цел живот во Македонија“, „И овој народ заслужува споменик“, „Умот се собира при перење“, се спомнуваат луѓе со лопати за кои се знае дека се министри...

РЕАЛНОСТА
Сонговите/песните што актерите ги пејат заедно и како ретко добар хор (автор на специјално напишаните песни е Џабир Ахмети), се инспирирани од нашата реалност, а еден со сменет текст е и на музика на познатата „Мама миа“. Единствен реквизит на актерите, повремено, им се држачите за ноти што ги користат музичари при изведба на музика во живо. Како илустрација на диригирана криминална реалност што, во принцип, насекаде ја води државата. Како „школка“ во која наместо музичари се криминалци, а со нив диригира шеф на криминална банда. Рекламите, спотовите, аферите се читаат или пејат на албански и на македонски јазик. Таа гротескна стварност актерите ја играат на единствениот можен начин: со дистанца која им овозможува докрај да ја заокружат приказната, ама со свој став и ставот на режисерот и целата екипа во оваа „Питачка опера“. Заедно од театарската сцена го прикажуваат денешниот корумпиран, надуен и нафракан живот.

Претстава е сместена во сценографијата на Драгутин Броз: високи скалила од плексиглас на кои актерите „минуваат“ низ таа мачна вистина како низ пекол или жестоко танго на смртта. Во костимите на Благоја Мицевски кои ја покажуваат „високата нога на живот“, во домашни или жолто-црвени престилки и капи што ги носат вработените во мекдоналдсовите продавници за брза храна, претставата го илустрира светот на криминалналот и на криминалните банди. Светот на крадци, проститутки и полицајци, односно на затвори, крчми и бордели. Ни кажуваат дека секој изговорен збор е лага, а доаѓа од оние кои не се симнуваат од ТВ екраните или насловните страници - од министри до партиски лидери. И уште не потсетува на народната поговорка дека она што ќе го посееш и ќе го ожнееш.

Глобус, 24.07.2012