ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: МОБ - Опера

МОБ - Опера

Ангелина Димоска: Операта јуначки се бореше со комплексната партитура
Валентина Димитровска: „Посетата од старата дама“ - оперско доживување
М.Г.: „...Старата дама“ на германски
Тина Иванова: Освежување на музичко - сценската атмосфера
Драган Серафимовски: Старата дама достоинствено дојде и кај нас
Костадин Костадиновски: Весна Гиновска - Илкова со Чо Чо Сан ја дигна на нозе публиката
Драган Серафимовски: Импресивна изведба на Весна Гиновска
Елени Новаковска: „Мадам Батерфлај“ за нови сценски насоки
Тина Иванова: Македонската Чо Чо Сан ја остави публиката без здив
Ангелина Димоска: Домашната опера доби адут
Даниела Стојановиќ: Светска праизведба на „Лидија од Македонија“
Елени Новаковска: Дело со максимална музичка драма
Мирјана Павловска - Шулајковска: Исчекор на македонската култура
Драган Серафимовски: Спектакуларен концерт на Македонската опера и балет
Ангелина Димоска: Реприза подобра од премиерата
Даниела Стојановиќ: И „Рита“ ја свиткаа терористи
Драган Серафимовски: „Рита“ со висок уметничко-сценски настап
Даниела Стојановиќ: Магична ноќ со волшебникот Моцарт
Лилјана Митевска: Волшебна ноќ на Ана Дурловска
Ангелина Димоска: Очекувавме многу повеќе
Јордан Јовев: Ја почувстувавме магијата на Моцартовата музика
Мирјана Павловска - Шулајковска: Волшепството на флејтата
Драган Серафимовски: Магија ја запоседна сцената на МОБ
Радмила Пешева: Маглив приказ на злото
Даниела Стојановиќ: Необична оперска приказна
Ангелина Димоска: Хроматска музичка состојба
Јулијана Жабева-Папазова: Паранојата во светот на глобализацијата
Тина Иванова: Возбудлива креација на „Риголето“
Елени Новаковска: Риголето - МОБ
Трена Јорданоска: Блескаво од Ана Дурловски и Марк Холанд
Вест: Незрела и аматерска обнова
Тина Иванова: Современа опера за специфични вкусови
Елени Новаковска: Ништо од провокативните најави
Елени Новаковска: Просечна, но енергична претстава
Елени Новаковска: Здодевна и монотона претстава
Тина Иванова: Досадна премиера
Радмила Пешевска: Пучини повторно на сцената на МОБ

______________________________________________________

Тина Иванова: Освежување на музичко - сценската атмосфера

(Кон изведбата на современата опера „Посета на старата дама“)

Современото оперско творештво, и покрај тоа што зазема клучна позиција на музичката карта на европските и светските сцени, кај нас се уште се третира како езотерична уметничка форма. Една од повеќето причини за ваквата состојба, е и можеби недостигот од храброст на оние кои што го креираат музичкиот живот во обидот да се демистифицираат за нас се уште неоткриените хоризонти, па колку тие да изгледаат далечни и неприфатливи за широкиот аудиториум. Голем дел од современите опери, секако, не мора и не треба, а и немаат таква функција да ја задоволат масовната жед и страст за мелодраматика, за идентификација со главните херои и хероињи, за прикажување на една лажна реалност. Тие се природен континуитет на претходната идентична форма, тие се дел од современото битисување и секако се неопходност за доживување на една поинаква естетика, естетика која ни ја наметнува минливоста на времето. И колку повеќе му се наметнуваат на аудиториумот, толку повеќе за него ќе бидат прифатливи и разбирливи. Нашата публика, па дури и поширокиот круг на почитувачи на оперската уметност, веќе одамна има потреба од новитети во оваа област, па макар тие да се прифатат само како експеримент. Премиерата на современата траги-комична опера „Посета на старата дама“ од австрискиот композитор Готфрид фон Ајнем, ја видоа голем број на љубители на музиката, но колку таа или некоја слична на неа ќе опстои на репертоарот на нашата оперска куќа, не може да се знае. Сепак, нејзината реализација беше успешен почеток во освежувањето на монохроната и монотоната програмска концепција, но и перцепција на публиката.

Мултимилионерката Клер Цаханасиан (старата дама), по долги години се враќа во својот роден град, германското мало и сиромашно градче Гилен, со единствена цел, да ги натера тамошните жители нудејќи им голема сума на пари, да го убијат нејзиниот поранешен љубовник Алфред Ил, затоа што тој своевремено ја изневерил. Ова е кусата дескрипција на либретото на Фридрих Диренмат на операта „Посета на старата дама“, претстава која на најдиректен начин зборува за корупцијата, неправдата, суетата, за слепата трка по пари, власт и моќ, теми кои секако го засегаат и нашето секојдневие. Оттука доаѓа и непосредната блискост на публиката со текстот, наспроти комплексната звучна содржина. Режисерскиот потфат на младата гостинка од Австрија, Надја Кајали, беше едноставен, на места усогласен со присутната звучна динамика, компатибилен со текстуалната структура, без некои посебни експериментирања како што често бидува во обликувањето на современите претстави. Но, тоа беше така се до самиот крај на операта, кога хорот и солистите, односно жителите на Гилен во обидот да ја прикажат радоста од нивното нечесно збогатување, наместо ѓаволски посмртен танц, тие заиграа македонско оро!? И покрај, можеби намерата на режисерката за вметнување на една традиционална нишка како би се поистоветиле ние, ваквиот чекор воопшто не соодветствуваше со она што претходно беше прикажано на сцената и делуваше смешно и сосема непотребно. Што се однесува до тежината во интерпретацијата на партитуратата, пак, неа успеаа да ја олеснат мошне прецизните гестови на хрватскиот диригент Јосип Шего, кој оркестарот и воопшто целиот ансамбл го водеше со целосна посветеност, очигледно со зад себе доволно искуство за диригирање на современи дела. Со оглед на тоа што „Посета на старата дама“ првпат се изведува кај нас, оценката за оркестарскиот звук е солидна, и покрај тоа што за интерпретирање на дела пишувани со посовремени композициски техники, сепак потребна му е поголема пракса.

„Посета на старата дама“ е опера која не бара толку голема ангажираност кај пејачите во однос на вокалниот „спектар“ како што тоа е присутно кај оперите од т.н. железен репертоар, но затоа, пак, бара огромна концентрација во следењето на оркестарската подлога во која силно се чувствува тоналниот, мелодискиот, ритмичкиот дисконтинуитет. Барем делото остава таков впечаток при првото слушање. Солистите Анастасија Кептелова, мецосопран, како Клер Цаханасиан и баритонот Томислав Бекиќ од Хрватска како Алфред Ил, покажаа исклучителна интерпретација, каква што беше и нивната актерска игра на сцената, а концентрацијата не ги напушти до самиот крај на претставата во која и двајцата беа присутни во речиси сите десет сцени. Младата Кептелова воодушеви и во однос на чистата дикција, што е особено сложен процес со оглед на тоа што операта се пееше на германски јазик. И останатите солисти, Цветан Стојановски, Невен Силјановски, Игор Дурловски, Надежда Петровска, Дејан Стоев, Билен Еминов... очигледно добро се потрудиле на сцената да ги донесат своите ликови онака како што треба. Сценографијата на Зоран Николовски и костимите на Марија Пупучевска беа во некоја рамка функционални, во дослух со временската детерминираност на претставата.

„Посета на старата дама“ беше проект изработен во копродукција меѓу Македонската Опера и Австриската амбасада и беше своевиден тест за нашата оперска куќа да си ги испроба силите и да согледа колку и каков капацитет има и за во иднина да се посвети на вакви слични проекти. Со операта на Ајнем, таа го положи тестот, за почеток.

Утрински весник, 05.12.2004