ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: МОБ - Опера

МОБ - Опера

Ангелина Димоска: Операта јуначки се бореше со комплексната партитура
Валентина Димитровска: „Посетата од старата дама“ - оперско доживување
М.Г.: „...Старата дама“ на германски
Тина Иванова: Освежување на музичко - сценската атмосфера
Драган Серафимовски: Старата дама достоинствено дојде и кај нас
Костадин Костадиновски: Весна Гиновска - Илкова со Чо Чо Сан ја дигна на нозе публиката
Драган Серафимовски: Импресивна изведба на Весна Гиновска
Елени Новаковска: „Мадам Батерфлај“ за нови сценски насоки
Тина Иванова: Македонската Чо Чо Сан ја остави публиката без здив
Ангелина Димоска: Домашната опера доби адут
Даниела Стојановиќ: Светска праизведба на „Лидија од Македонија“
Елени Новаковска: Дело со максимална музичка драма
Мирјана Павловска - Шулајковска: Исчекор на македонската култура
Драган Серафимовски: Спектакуларен концерт на Македонската опера и балет
Ангелина Димоска: Реприза подобра од премиерата
Даниела Стојановиќ: И „Рита“ ја свиткаа терористи
Драган Серафимовски: „Рита“ со висок уметничко-сценски настап
Даниела Стојановиќ: Магична ноќ со волшебникот Моцарт
Лилјана Митевска: Волшебна ноќ на Ана Дурловска
Ангелина Димоска: Очекувавме многу повеќе
Јордан Јовев: Ја почувстувавме магијата на Моцартовата музика
Мирјана Павловска - Шулајковска: Волшепството на флејтата
Драган Серафимовски: Магија ја запоседна сцената на МОБ
Радмила Пешева: Маглив приказ на злото
Даниела Стојановиќ: Необична оперска приказна
Ангелина Димоска: Хроматска музичка состојба
Јулијана Жабева-Папазова: Паранојата во светот на глобализацијата
Тина Иванова: Возбудлива креација на „Риголето“
Елени Новаковска: Риголето - МОБ
Трена Јорданоска: Блескаво од Ана Дурловски и Марк Холанд
Вест: Незрела и аматерска обнова
Тина Иванова: Современа опера за специфични вкусови
Елени Новаковска: Ништо од провокативните најави
Елени Новаковска: Просечна, но енергична претстава
Елени Новаковска: Здодевна и монотона претстава
Тина Иванова: Досадна премиера
Радмила Пешевска: Пучини повторно на сцената на МОБ

______________________________________________________

Тина Иванова: Современа опера за специфични вкусови


Сосема спротивни реакции за завчерашната премиера на операта „Џуџето“ на Александар фон Землински. За едни, „Џуџето“ беше уште едно ’чудо’, уште еден непотребен излет на Македонската опера надвор од својата типична репертоарска шема, уште еден неуспешен обид да се доближи оваа уметничка форма до некои специфични вкусови притоа занемарувајќи ги апетитите на т.н. големи љубители на операта. За други пак, да се постави опера каква што е „Џуџето“ на македонска сцена, наспроти традиционалните вредности, е добар чекор што кореспондира со стварноста, со времето што го живееме. ’Чудото’ дојде во вистински период, кога на голем број од оперските конзументи им дојде ’преку глава’ од гледање и слушање на т.н. стандардни, класични оперски поставки. Судот на времето ќе покаже дали „Џуџето“ вреди и понатаму да живее на репертоарот на МОБ. Но, едно е јасно: премиерата на заборавената опера на Землински на македонската сцена доживеа убава реализација - добри пејачи, одлична сценографија и костими, интересно режиско видување...

Трагичната опера, создадена во 1921 година, базирана врз приказната „Роденденот на една инфантка“ од Оскар Вајлд, е своевидна автобиографија не само на композиторот Землински, туку и на самиот Вајлд. Нема сомнение дека и двајцата генијалци, особено во своите позрели години, на своевиден начин се поистоветиле со ликот на џуџето - човек кој служи само да ги забавува луѓето, притоа несвесен за својот надворешен изглед, за својот деформитет, па и за сексуалната ориентација, чиј сон ќе заврши трагично откако ќе се погледне во огледало. Оттука е и моќта на приказната која го поставува прашањето: дали е подобро да се живее во лагата, од стравот да се загуби маската да се криеме позади фасадата за воопшто да се преживее, или е подобро да се дознае вистината и да се живее со неа каква и да е? Режисерот Михаел Штурм од Германија, кој првпат гостува во Македонија, тежнееше да го прикаже токму тоа, илузијата да ја претвори во реалност, поточно паралелно да претстави две игри, не отстапувајќи всушност од суштината, од автентичноста на приказната, во што и успеа. Ликот на Џуџето, кој го толкуваше младиот тенор Ѓорѓи Цуцковски, во илузијата беше џуџе-играчка што на подарок за својот 18-ти роденден ја добива шпанската инфанта Дона Клара чија улога ја играше сопранот од Австрија, Паулина Абер Фачини, а во стварноста војник кој со себе ги носи сите стравови од Втората светска војна. Оттаму добра беше идејата на два видео-бима да се прикажат секвенци од војната, на некој начин да и се понуди директно на публиката една сурова реалност која ја живее главниот лик. Со обид за модернизација, помалку смешна беше замислата на режисерот пред почетокот на претставата да вметне една композиција од хеви-метал доајените „Ајрон Мејдн“ што не се вклопи во генералниот концепт на оваа постановка. Наспроти гостинката Фачини, со чиј блед вокален капацитет и покрај актерските способности не успеа да и се наметне на публиката, воодушеви тенорот Цуцковски кој создаде комплетен лик на џуџето, поистоветувајќи се емотивно со неговата траги-комична појава и страдална животна приказна - вокално и актерски сигурен, експресивен.. Воодушеви младата сопранистка Сандра Митровска во улогата на Гита, а допадливи беа всушност сите сцени во кои се појавува и заедно со трите собарки - Ана Ројдева, Александра Лазаровска и Марика Поповиќ. Баритонот Горан Начевски како Дон Естобан повторно темелно ја изработи својата улога, иако се чини дека неговата делница требаше да му се додели на бас-пејач. Женскиот хор подготвен од Ле Фи Фи овојпат звучеше одлично, а и оркестарот под диригентство на Пол Вајголд од Германија умешно ја совлада богатата мелодичност која ја краси оваа опера. Особено впечатливи беа сценографијата на Марија Ветероска и костимите на Невенка Тасева-Петровиќ.

Операта „Џуџето“ беше најавувана како провокативна, со нагласени еротски сцени, контроверзна, а и на самиот плакат стои знак дека е забранета за публика помлада од 16 години. Освен минималната доза на еротика, сценографските елементи кои наликуваа на еден куп сперматозоиди, или ’провидните’ костими кај женскиот хор и главната протагонистка, „Џуџето“ воопшто, што се однесува до споменатата најавена атрактивност, не одстапи од стандардните норми на поставување на една опера, иако е современа. Маркетиншките трикови на организаторот, Македонска опера и балет, не успеаја, зошто прексиноќешната премиера се изведе во полупразна сала.

Утрински весник, 17.12.2007