ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: МОБ - Опера

МОБ - Опера

Ангелина Димоска: Операта јуначки се бореше со комплексната партитура
Валентина Димитровска: „Посетата од старата дама“ - оперско доживување
М.Г.: „...Старата дама“ на германски
Тина Иванова: Освежување на музичко - сценската атмосфера
Драган Серафимовски: Старата дама достоинствено дојде и кај нас
Костадин Костадиновски: Весна Гиновска - Илкова со Чо Чо Сан ја дигна на нозе публиката
Драган Серафимовски: Импресивна изведба на Весна Гиновска
Елени Новаковска: „Мадам Батерфлај“ за нови сценски насоки
Тина Иванова: Македонската Чо Чо Сан ја остави публиката без здив
Ангелина Димоска: Домашната опера доби адут
Даниела Стојановиќ: Светска праизведба на „Лидија од Македонија“
Елени Новаковска: Дело со максимална музичка драма
Мирјана Павловска - Шулајковска: Исчекор на македонската култура
Драган Серафимовски: Спектакуларен концерт на Македонската опера и балет
Ангелина Димоска: Реприза подобра од премиерата
Даниела Стојановиќ: И „Рита“ ја свиткаа терористи
Драган Серафимовски: „Рита“ со висок уметничко-сценски настап
Даниела Стојановиќ: Магична ноќ со волшебникот Моцарт
Лилјана Митевска: Волшебна ноќ на Ана Дурловска
Ангелина Димоска: Очекувавме многу повеќе
Јордан Јовев: Ја почувстувавме магијата на Моцартовата музика
Мирјана Павловска - Шулајковска: Волшепството на флејтата
Драган Серафимовски: Магија ја запоседна сцената на МОБ
Радмила Пешева: Маглив приказ на злото
Даниела Стојановиќ: Необична оперска приказна
Ангелина Димоска: Хроматска музичка состојба
Јулијана Жабева-Папазова: Паранојата во светот на глобализацијата
Тина Иванова: Возбудлива креација на „Риголето“
Елени Новаковска: Риголето - МОБ
Трена Јорданоска: Блескаво од Ана Дурловски и Марк Холанд
Вест: Незрела и аматерска обнова
Тина Иванова: Современа опера за специфични вкусови
Елени Новаковска: Ништо од провокативните најави
Елени Новаковска: Просечна, но енергична претстава
Елени Новаковска: Здодевна и монотона претстава
Тина Иванова: Досадна премиера
Радмила Пешевска: Пучини повторно на сцената на МОБ

______________________________________________________

Трена Јорданоска: Блескаво од Ана Дурловски и Марк Холанд

Мајските оперски вечери како втора претстава го донесоа делото на Верди „Риголето“, кое спаѓа во железниот оперски репертоар и кое, заради својата популарност, долго опстојува и на светската и на македонската оперска сцена. „Риголето“ е опера полна со проклетства, одмазда и иронија. Операта го носи името на главниот лик, една од најтрагичните личности во оперските либрета, со што е одреден и главниот карактер на делото, кое композиторот Џузепе Верди многу успешно го озвучил низ лесно певливите и препознатливи арии, вокални ансамбли и инструментални делници.

Во согласност со репертоарската политика на манифестацијата, делото го изведе интернационална оперска екипа во која македонските учесници задржаа соодветно високо место. Сепак, заедничката драма во операта, која го следи традиционалниот модел на оперската форма, не ја доживеавме во целиот нејзин интензитет. Квалитетот на деловите не беше постојан, осцилираше од извонредно изработени арии, на сметка на драматуршки недоработените и неубедливи речитативи.

Во вокална смисла, операта ја понесоа двата централни лика - Марк Холанд, гостинот од Велика Британија во улогата на Риголето и Ана Дурловски, во улогата на Џилда, неговата невина ќерка што, исто така, има трагична судбина. Комплексноста на овие ликови тие, пред се', ја донесоа преку нивната музичка димензија во која посебно треба да се одбележат дуетите на таткото и ќерката. Тие оставија импресивна трага кај присутната публика на оваа вечер.

Во оваа смисла, уште повеќе се истакна сопранот Дурловски, која го изработи портретот на Џилда со сугестивна музикалност и впечатлива сценичност. Таа, и овој пат, успеа да го повлече и амалгамира целиот аудиториум во заеднички здив, потврдувајќи ги високите вокални квалитети како во однос на колоритот на нејзиниот глас така и во однос на вокалната техника, во која воодушевуваа колоратурните пасажи. Исто така, таа повторно се докажа и во сценските искажувања - во преколнувањето на својот татко, како и во трогателните изливи кон прикриениот војвода што го заробува нејзиното срце. Она што најмногу импресионира е дека сопранот Ана Дурловски со секоја нова изведба не' изненадува со својата моќ и натаму да ги надградува своите вокални и актерски квалитети.

Холанд, во улогата на Риголето, оствари моќна музичка изведба на трагичниот лик од почетокот до крајот на дејствието. Уште во првиот чин блесна со волуминозниот баритон, кој одлично ги контролираше екстремните вокални барања на улогата. Особено впечатлива беше и огромната скала емоции од вториот чин на операта, која се движеше од трогателни изливи за милост (извонредната „Пиета сињоре“) до бурните заложби за одмазда. Тој подеднакво се истакна и во тешките монолози на Риголето, како и во долгите пасажи за кои е потребен т.н. Вердиев крупен баритон, за да ги носи високите фрази. Единствено можеме да забележиме на актерската компонента на неговиот настап, која не го следеше во целост неговото вокално мајсторство.

Наспроти него, другиот гостин од Англија, Џефри Стјуард, донесе анемичен војвода од Мантова. Гласовно потфрли и генерално многу малку физички, актерски и вокално одговараше на убедливоста и кокетноста на тенорот заводник.

Басот Ивица Шариќ, гостин од Босна и Херцеговина, со зрелоста, сигурноста и длабочината на басовата партија на платениот опасен убиец Спарафучиле, ја заокружи вокалната димензија на операта.

Мецосопранот Ирена Кавкалевска како Мадалена, неговата привлечна сестра и соучесник во убиството, го потврди капацитетот на македонскиот солистички оперски ансамбл за комплетирање на делата од стандардниот оперски репертоар, кој покрај водечките солисти бара и комплементарност во споредните улоги. Повеќето од помалите улоги беа отпеани сосема солидно, што покажува дека ансамблот на МОБ влезе во манифестацијата во солидна форма.

Диригентот Јосип Шего, гостин од Босна и Херцеговина, не ја изврши докрај својата задача, да овозможи солидна звучна платформа за индивидуалните карактеристики на гласовите, во што оркестарот на моменти го покриваше пејачкиот ансамбл на сцената. Ова посебно се однесува на полифонизираниот квартет од последниот чин.

Најголемата забелешка се однесува на режијата на Нина Најденова од Бугарија, која не го донесе потребниот интензитет на трагедијата претставена во оваа опера. Ликовите драмски не соработуваа и како да не беа доработени.

Дневник, 18.05.2007