ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп

Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп

Ана Стојаноска: „Балада за Големиот Костур“
Лилјана Мазова: За долината на стравот
Борче Грозданов: Лет од калта кон совршенството
Тодор Кузманов: Неисцелизирана претстава
Тодор Кузманов: „Стјуардеси“ – добар лет
Лилјана Мазова: Двојно празнување со двојно празно
Тодор Кузманов: Која е целта
Иван Ивановски: Драма за самоуништувањето
Лилјана Мазова: Раскошна радост на и од играта
Александра Бошковска: Свежина во поетиката на актерскиот израз
Александра Бошковска: По трагите на сеќавањата
Борче Грозданов: Жива македонска слика
Лилјана Мазова: Мјузиклот на македонските сцени

______________________________________________________

Ана Стојаноска: „Балада за Големиот Костур“

Ана Стојаноска
(Кон претставата „Балада за Големиот Костур“ од Мишел Д`Гелдерод, во режија на Владимир Милчин, продукција на НТ „Војдан Чернодрински“ - Прилеп)

Сцената како една од сликите на прославениот Хиеронимус Бош, некаде помеѓу реалноста, мистичноста и симболизмот. На просцениумот од левата страна, дрво со метални лисја наместо природни, а од десната предната страна - на еден христијански гроб. Сцена која своето опстојување го граничи со инвертираната стварност. Оваа алхемично решена сценографија на Крсте С. Џидров ја спојува во себе и поетиката на авторот и препознатливата естетика на режисерот во една магична симбиоза. Едноставна сценографија која ја „полнат“ актерите и нивната игра. Така изгледа празната затворена сцена со која почнуваа оваа несекојдневна претстава на Прилепскиот театар. „Балада за Големиот Костур“ од Мишел Д`Гелдерод, во режија на Владимир Милчин е претстава која се движи во контрасно отсликување на соништата, стварноста и суровите метафизички промислувања за театарот. И ова е претстава која повеќе ги актуелизира настаните од сегашноста. Претстава која прикажува еден зачуден и поместен свет, во кој наспроти фактот што се случува во земјата Дембелија (колективна импликација за земјата на благосостојбата и се-добриот свет), се случува еден чуден и невообичаен настан. Доаѓа Некрозотар или Големиот Костур или Смртта кој сака да ја уништи преубавата замја Дембелија со која владее Кнезот Цуцало. Во нешто повеќе од два часа, режисерот Владимир Милчин поставил претстава во која секоја слика е предадена од нејзината позадинска страна, а за да не биде експлицитно прикажана искористена е можноста понудена од самиот автор, а тоа е да се прикаже преку призмата на веселата, кловновска игра и симпатични интервенции со пеењето на актерите. „Балада за Големиот Костур“ е еден контрастиран Артоовски театар, едно поместување на суровоста на реалноста во театарот. Таа отпревртеност ја прикажуваат и актерите со нивната игра. Претставата почнува со Буребездно (што со целата своја можност и моќност го игра Зоран Љутков, како на ликот да му пристапува со крајна леснотија), кој од својата несекојдневна положба ја слави земјата, а е казнет од небото. Поточно од Големиот Костур качен на необичното дрво на почетокот на сцената. Во тие мигови на отсликана карневалност и веселост се случува и почетокот на претставата. Од средбата на Буребездно (и имињата на ликовите прилегаат на некои од карневалските ликови и маски) со Големиот Костур (во чиј лик актерот Игор Ангелов поставил јасно лична трансверзала од реално прикажување и гестикулација, до травестирано и комично-иронично прикажување на надворешноста на ликот, со правење маска од човечко тело) почнува да се отвора сликата за земјата Дембелија погодена од најсуровата на сите суровости – смртта! За да биде подзасилена сликата на стварноста контрастирана е со песната на вљубените (што ги играат Александар Тодески и Јасмина Мицоска на еден би се рекло симпатичен начин, правејќи комична дигресија во целата мачнотија). Понатаму доаѓањето на Големиот Костур секој од ликовите во претставата го доживува во својата изместена реалност. Од извонредно прикажаната брачна (не) комунација меѓу Садеум, Филозофот од Дембелија (Иван Јерчиќ кој овој лик го отелотворува од неговата внатрешност, со едноставно прецизни контакти на реалната и зачудната игра), кој во меѓу време е „добар“ сопруг, кој пере, мети и чисти, на Дупкавалкана (Камка Тоциновски, која за разлика од Јерчиќ игра надворешно, ефективно, нагласувајќи ги своите партитури во претставата), па до односите во палата на кнежевството, каде живее кнезот и неговите министри. Кнезот Цуцало на Владимир Ѓорѓијоски е карневалски прикажан лик, кој се трансформира од една наивна инфантилност до „строгост“ и „сериозност“ на крајот од претставата. Откако ќе се открие дека смртта ги одминала жителите на Дембелија, претставата завршува со резигнирано прифаќање на каква-таквата реалност. Извонредните костими на Марија Пупучевска ја заокружуваат комплетната претстава на Прилепскиот театар.
Оваа претстава си има своја траекторија кон која движи во текот на целата своја изведбеност. Јасната и прецизна режисерска концепција е доминатна во секој елемент на претставата. Можеби инсистирањето да се актуелизираат парчињата од реалноста, во некои моменти и ја одзема магичноста на претставата. Секој од учесниците во овој театарски чин ја комплетира претставата со својот ангажман и ја развива нејзината слоевитост. Од базичното ниво на текстот, кој мора и треба да се декодира повеќекратно, па до можното, останато отворено ниво кое само формално ја завршува приказната. Затоа што и во оваа претстава, како и во сликите на Хиеронимус Бош има безброј мали ситни, скоро невидливи со голо око парчиња измешана реалност и нереалност, од кое секое си ја создава својата наредна проекција. Едноставно една интересна претстава на Прилепскиот театар која заслужува да се види.

Дневник