ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Турски театар - Скопје

Турски театар - Скопје

Ана Стојаноска: Ововремената „Бура“ како стрип верзија
Ана Стојаноска: Поинаков Едип што се бори со своите болки и гревови
Лилјана Мазова: Кој ја убива љубовта!
Анета Јанчевска: Колективна и експресивна игра на девет актерки
Борче Грозданов: Тимон ги разбуди сетилата
Емилија Матаничкова: Нови барања и потреби на театарот
Цветанка Зојчевска: Одамна е се прочитано, ништо не е сменето
Ердоан Максут: Претстава од соништата со три принципи
Илија Упалевски: Пот и „недоразбирања“
Анета Јанчевска: Оригинален перформанс на живи тела и енергии
Лилјана Мазова: Знаци на заедништво меѓу актерите и публиката
Тодор Кузманов: Ведро и допадливо
Наташа Бунтеска: Теренциј весело се врати на домашните сцени
Тодор Кузманов: Забавно и непретенциозно
Анета Јанчевска: Во секој од нас понекогаш лежи по еден Тартиф
Борче Грозданов: За хипокризијата денес
Цветанка Зојчевска: Лицемерието како колективен чин
Лилјана Мазова: За измамите и лицемерството
Борче Грозданов: Поблиску - далеку од публиката
Лилјана Мазова: Процес за и до никаде
Иван Ивановски: Нов ветар на сцената
Борче Грозданов: Симпатични заткулисни игри
Борче Грозданов: Животна музичко-драмска приказна
Даниела Стојановиќ: Светски модерно, (по)нашински емотивно
Лилјана Мазова: За ѕидовите, за забраните, за реалноста во која нема место за сонување

______________________________________________________

Лилјана Мазова: За ѕидовите, за забраните, за реалноста во која нема место за сонување

Лилјана Мазова
Претставите на Мартин Кочовски, режисер кој во секој нов проект ни ја плеска жестоко в лице вистината за времево во кое живееме, по правило се негов став низ познат текст/автор (Б. Брехт, П. Марбер, О. Памук, В. Шекспир). Тема/теми кои и тоа колку не засегаат. Тоа се ставови за слободата, за политиката, за љубовта од секаков вид, сместени во нашата реалност. Тој создава театар кој анализира и ја покажува зачудноста од времево во кое сме. Негова нова претстава е Шекспировата лирска комедија „Сон на летната ноќ“ со Турскиот театар во Скопје. Ја реализира со тим со кој често работи. Драматург му е Билге Емин, музиката е на Оливер Јосифовски, сценографијата е на Јулијана Војкова Најман, костимите се на Марија Папучевска. Во реализираниот концепт во кој секој секого разбира и со тоа се создава театарски проект кој моќно комуницира меѓу себе и со гледачот, нови се само актерите кои со својата енергија го доградуваат патот до целта.

ЗА УНИШТУВАЊЕТО
Шекспировиот „Сон на летната ноќ“ е разигран сон и крик по љубов во која се се нурнува и се се раѓа. Како во некој праисконски и магепсан сон во кој се е познато, а сепак е непрепознатливо. Но, романтиката денес и тука ги нема - ни порачуваат авторите на оваа изведба на „Сонот на летната ноќ“. Или, во изведбата ја има само како илустрација на нешто што го нема. Нема веќе соништа за нешто поново и подобро, има само разделеност, анархија и хаос, во кои систематски се уништуваат слободите.
И јунаците на Шекспир во претставата на Кочовски имаат свои цели, свои соништа, свои планов, имаат енергија, градат ама и разградуваат. Живеат во време кога секој е сам, некој некому нешто смислува, секому му станува речиси невозможно да сонува или да најде (за себе) одговор на прашањето кој е сега сопственик на мојот сон и на мојата љубов? Каде и дали има излез!

За таквиот концепт на играње на севремениот Шепспир и неговиот „Сон на летната ноќ“, Кочовски во патувањето кон целта за пореметените односи и суровоста на времето во кое денес се живее, за свој содружник ја има Билге Емин, како драматург. Заедно работеа и на претставата „Црвено“ по О. Памук, продукција на Мал драмски театар - Битола. И сега се сосема во својот став: веќе ништо не е сон. Се е реалност, а обидот да се сонува е невозможен.

Билге и Мартин „патувањето“ на јунаците на Шекспир од тогаш до денес го водат низ историските премрежија - романтизам, фашизам, реализам... Сублимирано и низ концепт за совпаѓање на јунаци од некогаш и сега во клучни или помалку клучни животни ситуации кои ги прекинуваат човековите цивилизциски права на сонување, на бајки со среќен крај. Сонувањето, пеењето на шумските птици, шумолењето на ветрот низ гранките на дрвјата... , се заменети со бучава, со насилствоо, со реалност во која нема место за сонување.

Од Шекспирова вилинска летна шумска ноќ во која се сонува и ситуациите се рашаваат, односно имаат среќен крај, дејствието го сместуваат во некаква темна метална „шума“ - на прво ниво - како место во кое се живее и немирно спие како илустрација на безумноста на градот, па нека е тоа и Скопје на кое, всушност, режисерот мисли и го осудува она што му се случува. Ликовите се исти, настаните се поклопуваат, а времетраењето на дејствието е сведено на осумдесеттина минути. Значи, се е брзо и јасно.

Второто ниво на дејствието е градот во кој се гради, се подигаат зданија кои делат. Од сцената кон гледалиштето (и над главите на публиката, актерите забрзано како на градилиште кое има скратен рок на градба, или како на долга „лента“ од исплашени луѓе, си ги подаваат големите црни кутиии од кои, со жестоко темпо се создаваат градби. Низ нивните празнини секој ѕирка колку може и гледа колку му е дозволено.
Нема ниту соништа, ниту љубов.
И пак се е брзо и јасно.

ЗА СЛОБОДАТА
Драматуршката интервенција и идејата на Мартин и на Билге е, по деконструкцијата на текстот, да се дојде до претстава која во широко отворен дијапазон „патува“ низ вековите а говори за гнасотиите на времето на фашизмот, за ѕидовите кои не делат, за уметноста на која и се ограничува слободата, за тоа дека „намерата на театарот во сите времиња била и ќе биде да претставува огледало на општеството". Во секоја сцена на Тезеј и Хиполита - ги играат Ријад Тахир и Фунда Ибрахим, Лисандер и Хермија - ги играат Аксел Мехмет и Сузан Акбелге, Деметар и Елена - на Селпин Керим и Зубејде Селимовска, Оберон и Титанија - на Џенап Самет и Несрин Таир, на Пук на Берхеда Решит, и на Ник Боттом, Петер Кинс и Францис Флут во интерпретација на Танер Сулејман, Тамер Ибрахим и Неат Али, или сите заедно, создаваат ликови кои се привлекуваат и вплетуваат во цела низа на идеи кои се во функција на метафорите на драмата на Шекспир.

Станува збор за главно млада актерска екипа во која и постарите ја влечат енергијата на помладите. Динамиката на играта, заедно со и енергијата и внесеноста во процес кој мора да оди синхроно со темпото на метафората, на покачениот тон на гласот, на заборавените љубовни капки или очилата кои го разубавуваат ликот или го заштитуваат погледот од реалното време, музиката која е придруѓник/илустација на настанот, бучавата при пеењето на новокопомираниот турбо фолк или нови песни за некаква тага или верба, се елементи на играта на актерската екипа.

Во црна, бела и црвена боја костимите, а сцената е црна и на почеток со бел балон/месечина која подоцна актерите си ја подаваат како топка и на крај ја пробушуваат. Една на друга се „лепат“ сцените на диктати, забрани и очекувана љубов и сцените на актерите-аматери кои се подготвуваат пред властите да ја одиграат приказната за Пирам и Тизба.

Двете нивоа на претставата - сцената и салонот - се преплетуваат и дополнуваат. На сцената се игра театар кој говори за театарот и за творците кои ја губат слободата, за диктати, за наредби кои мора речиси беспоговорно да се извршуваат. Во салонот се гради и разградува.

Драматуршката и режисерска идеја за овој „Сон на летната ноќ“ е сосема во времемо и сосема спроведен: невозможно е да си слободен со толку забрани.

Претставата е јасна е и отворена и кон гледачот пред и откако ќе ја види. Мартин и Билге на програмскиот лист на „Сон на летната ноќ" ни порачуваат:

„Се прекина цивилизацискиот, уметничкиот континуитет и дојде некое ново време, гласно, со насилство, без никаква бајка и што е најбитно се прекина не со сон, туку со реалност.
Идејата за неспособност на сон во ова време.
Смртта на слободниот говор.
Невозможноста на хуманизмот.
За оваа летна ноќ.
За ренесанса.“


ПОСЕБНОСТА НА ТУРСКИОТ ТЕАТАР
Секој има својата посебност. Турскиот театар во Скопје, барем по две причини/состојби е сосема посебен.

Прво: единствен е во балканскиот и европскиот регион па и во светскиот театарски простор (вон турското јазично пордачје) кој создава на турски јазик во земја вон турското јазично подрачје и тоа ни помалку ни повеќе од шест децении.

Второ: тој е театарски ансамбл со третман на национална установа кој нема свој простор. Вака е во последниве пет/шест години откако Театарот на народностите во Скопје се раздружи на Албански театар и Турски театар, и постојниот театарски објект (на Бит пазар) му припадна на Албанскиот театар а на Турскиот исто толку време му се ветува друг објект.

Идејата е на локацијата на некогашното балетско училиште во близина на Железничката станица - Скопје (иако имаше обиди да се најде друга!!!) да се изгради објект кој исклучиво ќе му припаѓа на Турскиот театар. Реализацијата, која државата Турција веднаш прифати да ја помогне, се развлекува од различни причини.

Зошто потсетувам на ова?

Затоа што ајде да го наречеме „потстанарскиот“ статус на Турскиот театар во Албанскиот театар, им создава проблеми на двата театра. Се разбира поголеми на Турскиот: тој е оној што треба да ги почитува правилата на домаќинот (орагнизационо и програмски) и оној од кој се чека да си замине. Ова, на објективен начин, се одразува и на целата дејност на Турскиот театар. Така ќе биде се додека не се всели во објектот за кој долго се вели - само што не почнала изградбата. Дотогаш Турскиот театар ќе прави претстави во чија реализација учествуваат врвни режисери и други творци од Македонија, од Турција, од регионов... И создава, во дадените услови, претстава каква што е овој „Сон на летната ноќ“, а на репертоарот има или имал уште низа претстави кои се врвови во неговата и во пошироката театарска меморија.
Глобус, 22.11.2011