ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Турски театар - Скопје

Турски театар - Скопје

Ана Стојаноска: Ововремената „Бура“ како стрип верзија
Ана Стојаноска: Поинаков Едип што се бори со своите болки и гревови
Лилјана Мазова: Кој ја убива љубовта!
Анета Јанчевска: Колективна и експресивна игра на девет актерки
Борче Грозданов: Тимон ги разбуди сетилата
Емилија Матаничкова: Нови барања и потреби на театарот
Цветанка Зојчевска: Одамна е се прочитано, ништо не е сменето
Ердоан Максут: Претстава од соништата со три принципи
Илија Упалевски: Пот и „недоразбирања“
Анета Јанчевска: Оригинален перформанс на живи тела и енергии
Лилјана Мазова: Знаци на заедништво меѓу актерите и публиката
Тодор Кузманов: Ведро и допадливо
Наташа Бунтеска: Теренциј весело се врати на домашните сцени
Тодор Кузманов: Забавно и непретенциозно
Анета Јанчевска: Во секој од нас понекогаш лежи по еден Тартиф
Борче Грозданов: За хипокризијата денес
Цветанка Зојчевска: Лицемерието како колективен чин
Лилјана Мазова: За измамите и лицемерството
Борче Грозданов: Поблиску - далеку од публиката
Лилјана Мазова: Процес за и до никаде
Иван Ивановски: Нов ветар на сцената
Борче Грозданов: Симпатични заткулисни игри
Борче Грозданов: Животна музичко-драмска приказна
Даниела Стојановиќ: Светски модерно, (по)нашински емотивно
Лилјана Мазова: За ѕидовите, за забраните, за реалноста во која нема место за сонување

______________________________________________________

Ана Стојаноска: Ововремената „Бура“ како стрип верзија

Ана Стојаноска
(кон претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Александар Поповски, Турски театар - Скопје)

На почеток да се разбереме! Можеби наједноставно ќе беше во програмата за претставата да се наведе дека „Бура“ е работена според Шекспир, а не дека се игра Шекспир. Иако не го познавам турскиот јазик (макар што се надевам дека за  брзо ќе го научам), и секогаш кога сум во театар, јазикот не е тој што ме стопира да гледам една претстава, како од тоа што се играше на сцената на МКЦ, да го немаше овој неверојатен драмски текст на Шекспир. На режисерот Александар Поповски постмодернистичката режија не му е туѓа. Начинот на кој реферира кон своите претходни претстави, начинот на компонирање на мрежата од мултиплексни корелации на сцената, потребата да се комбинираат повеќе наметливи импликации во контекст со сегашните простор и време, се се тоа комплементарни елементи на едно постмодернистичко театарско остварување. Тие елементи (најчесто знаци или симболи) може да се набројат и каталогизираат како автореференцијални на самиот режисер (дрво, земја, коноп, фотографија и поза, травестија на ликовите, играње со историското или традицијата, парчиња реалност употребени на несекојдневни места и т.н.). На сцената остров полн земја, на островот и околу него повеќе соголени кади, како мали прибежишта, како брод со кој стигнуваат на островот – Алонсо (Салаетин Билал), Антонио (Атила Клинче), Себастијан (Тамер Ибрахим) и Гонзало (Мустафа Јашар) - сите одиграни како впечатливи актерски минијатури. Почетната сцена е целосно мрачна, од костимографијата на актерките (играње со муслиманската традиција) облечени во црни були, па се до црните платна со кои е прекриена сцената. Во претставите на Поповски симболите говорат најмногу. На тој имагинарен простор бурата ја предизвикува една машина за перење, духот Ариел (игран во игрива варијанта на актерката Филиз Ахмет) сместен во непосредна близина на прашакот за перење алишта „Ариел“. Освен тоа на тој остров трупчиња дрва (елемент од претходните претстави на режисерот – „Диво месо“, на пример). И Калибан (што исто како и Просперо-Бедиа Беговска го игра жена – Несрин Таир) сместен под када. Ликовите се травестирани, изместени, искоментирани, и со самиот податок дека главна лектира на Просперо е црвено повезаниот „Капитал“ од Карл Маркс, дури и повеќе од сигнифицирани. На едно место се играат повеќе парчиња разнообразни материјали. Од старата традиција кон која не само што се покажува, туку и се проверува, се истражува, па се до претпоследната сцена кога сите актери се на сцената и кога шутот - Тринкуло (во одлична интерпретација на Џенап Самет) ги фотографира и кога бојата се менува во драстично сино-бела комбинација, се се тоа повеќенаменски интервенции кои би требало да и послужат на претставата. Во „Бура“ актерите играат во доверба кон режисерот. Во нивната игра се забележува диспропорција меѓу оној добро познатиот драмски текст на Шекспир и овој Шекспир што го прикажува Александар Поповски на сцената.
Интервенциите на режисерот во поглед на тоа „Бура“ да се направи сегашна претстава, со портфолио од целокупната светска традиција и култура се препознаваат и во свежите решенија да се упати на цртаните филмови (со Том и Џери – како нововремен симбол, културна придобивка) во сцената кога Ариел на Антонио во ножните прсти му става кибритчиња и ги пали, за потоа да стави мал цвет. Се разбира дека „Бура“ изобилува со интересни досетки и режисерски интервенции (машината за перење, прашакот „Ариел“, велосипедот што го вози Фердинанд, секојдневната облека, ...). Но, на „Бура“ како да и недостига еден цврст концепт преку кој би се покажала оваа несекојдневна Шекспирова магична бајка.
Сцената и костимите (на Благој Мицевски) ја надополнуваат таквата режисерска концепција, за разлика од музиката. Според тоа што го видовме, соработката Кирил Џајковски – Александар Поповски во оваа претстава како најмалку да и помагаше на истата. Решението да се искоментира традиционалното турско пеење и да се вклопи во современа варијанта, колку-толку успева да ја отслика сцената. Но, последните сцени на претставата во кои се искористени дел од некои претходни авторски решенија не го направија своето. Во контекст со претходно напишаното, „Бура“ е претстава за тоа како би изгледала „Бура“ од денешен аспект со целиот товар на поранешните времиња, како општествено-политички, така и културолошки, но во една свежа стрип-варијанта. Во тоа е позитивната страна на режисерското решение.

Дневник