ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Театар за деца и младинци

Театар за деца и младинци

Цветанка Зојчевска: Василиса, навистина Прекрасна
Лилјана Мазова: Прекрасната „Василиса Прекрасна“
Лилјана Мазова: Бајка со политички контекст
Лилјана Митевска: Со Арсен Дедиќ, но без помпа
Лилјана Мазова: Претстава на добри актери
Борче Грозданов: Вистината и љубовта не ја трпат лагата
Борче Грозданов: Да погледнеме со детските очи...
Цветанка Зојчевска: Мјузикл во комплетен раскош
Лилјана Мазова: Претстава на добри актери
Иван Ивановски: Претстава за мали и за големи
Борче Грозданов: Волшебната моќ на убавото
Лилјана Мазова: Костимите на Елена Дончева - вистинско уметничко дело
Борче Грозданов: Во светот на детето и сонот
Лилјана Мазова: Мјузикл за деца ама и за возрасни
Борче Грозданов: Лебедот не засени со убавина
Лилјана Мазова: „ПИПИ...“ и добра забава
Борче Грозданов: Ни палачинките не се вкусни без љубов

______________________________________________________

Лилјана Мазова: Претстава на добри актери

Лилјана Мазова
Театарот за деца и младинци во Скопје, за една и пол деценија успеа да создаде однегувано актерско јадро кое денес, и многу од поодамна, може се. Ова значи дека со својата специјализираност при обраќањето и комуникацијата со публиката, што ја сочинуваат деца од разни возрасти, се создаваат претстави и репертоар врз основа на енергијата, на знаењето и на умеењето. Резултатот е максимален спој во кој се бришат границите сцена - гледалиште. Таква е и најновата претстава „Три древни приказни“, работена според три приказни на Ивана Брлиќ Мажураниќ (Хрватска), а во превод на Јелена Лужина и Лиле Мазова. Тоа се приказните „Братчето Јагленче и сестричката Рутвица“, „Стриборовата шума“ и „Како Потјех ја бараше вистината“, кои под еден наслов се во драматизација и режија на Горан Головко. Костимите се на Марија Жарак, музика е на Арсен Дедиќ, а сите тројца се гости од Хрватска.

Најбитно е што и оваа претстава, практично, ја прават актерите на овој театар: Олгица Христовска, Владимир Лазовски, Елена Трајковска, Драган Довлев, Тања Кочовска, Катарина Илиевска и Предраг Павловски. Тие, играјќи по повеќе ликови, го создаваат и она што за режисерот било пречка или немоќ во истражувањето и откривањето на сценскиот тек на трите приказни соединети во една. Приказните се силни, суптилни, поучни во целта да се покаже доброто над лошото, говорат за естетските и морални вредности што денес ги нема или се помалку ги има, а за кои Ивана Брлиќ Мажураниќ, преку многуте нејзини приказни, повеќе од еден век ја споредуваат со големиот мајстор на бајките за деца Х.К. Андерсен.

Сите проблеми на режијата ги покриваат актерите. Нивниот опит и нивната моќ да наоѓаат сами решенија за сложената сценска приказна во „Трите древни приказни“, е одушевувачки. Партнери во креацијата им се костимите на Марија Жарак, сценографијата на Љубомир Чадиковски и кореографијата на Владимир Јаневски. Меѓу овие релации седумтемина актери создаваат своја претстава од која се излегува со задоволство и со нова поука за вредностите што треба да се почитуваат. Ова е постигнато преку актерската разиграност, сопственото мајсторство во барањето на вистинскиот израз, моќта за брзо влегување од лик во лик, од ситуација во ситуација, од приказна во приказна во магичноста на сценската приказна. Наративниот тон на драматизацијата го надминуваат со тоа што на дејството му ја даваат своја динамика и сложност за надминување на проблемите и градење стил на игра во кој тие се сигурни и задоволни. Вообликуваат дејство во кое, практично, се бара вистината по која трага Потјех и низ која тој го раскажува дејствието, при што и другите ликови, без разлика на нивните добри или лоши особини на карактерите, заедно доаѓаат до вистината. А таа е, како и во сите бајки - победа на доброто над лошото.

Во идејните и добро реализирани костими, кореографијата, интерпретацијата на ликовите и на целото дејство, музиката - која е убав спој на хрватскиот и македонскиот фолклор, текстот што го говорат или пеат актерите (препевот на песните е на Васил Пујовски) е привлечноста на „Три древни приказни“. Низ тој збир на промисленост и стамена реализација, во кои делумно се негува јазикот на приказните, на пример од Марко Цепенков и соодветствуваат на древниот хрватски на кој пишува Ивана Брлиќ Мажураниќ, создадена е претстава која е уште една алка во низата што ја почитува публиката на Театарот за деца и младинци.

Дневник, 01.02.2006