ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Народен театар - Штип

Народен театар - Штип

Ана Стојаноска: Постмодернистички „исткаена“ претстава
Ана Стојаноска: Како во голема кутија за кукли
Илија Упалевски: Шармантно дело со инвентивни актерски трансформации
Борче Грозданов: Eрнест или не, љубов е тоа!
Цветанка Зојчевска: Дон Кихот како Балкан бој
Илија Упалевски: Дон Кихот и без Дон Кихот
Анета Јанчевска: Свежа режисерска визија и изобилство актерска енергија
Борче Грозданов: Еден свеж, поинаков Сервантес
Анета Јанчевска: Дон Кихот во борба со ветерниците на нашето време
Тодор Кузманов: Минималистичка претстава
Тодор Кузманов: Дон Кихот
Тодор Кузманов: Блескава и виртуозна игра
Тодор Кузманов: Виртуозна актерска игра
Анета Јанчевска: Симнување на маските на високата класа
Борче Грозданов: Поетиката на Лермонтов - голем залак
Борче Грозданов: За хипокризијата и распадот
Цветанка Зојчевска: „Бегалка“, да не се заборави
Борче Грозданов: Битот е наш и денес

______________________________________________________

Ана Стојаноска: Постмодернистички „исткаена“ претстава

Ана Стојаноска
(Кон претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар - Штип)

Претставата „Црнила“ (гледана една дождлива ноќ во Крушево) е пример за комплексна, сложена текстура/ткаење/мрежа, како што е и секоја постмодерна театарска претстава. Претставата не завршува во мигот кога актерите се поклонуваат и се гаснат рефлекторите. Претставата продолжува во секој гледач, преку обидот и понатаму да се декодираат небројно многуте значења и елементи. Режисерот Дејан Пројковски „ткае“ мрежа од најразлични комплекси, кои меѓусебно се поврзани со коментарот на лајтомотивот (и тој сложен, симбиотски растргнат): Тешкото – Македонија – Црнила. Играјќи со драмскиот текст (наспроти сите досегашни стереотипи за и околу македонската класика Црнила), создавајќи и еден нов текст кој се вметнува во веќе постоечкиот (одличното решение со аукцијата на која се продава Македонија, закопувањето на Македонија и песната на детето на крајот од претставата), играта на актерите, современите општествено-политички впечатоци, оваа претстава многузначно се гради самата себеси во текот на изведбата. Сценографијата на Владо Ѓорески е симболично претставен круг поставен на косо врз кој лежи земја-почва (македонската, онаа по која сите Македонци емотивно се однесуваат) и три метални конструкции, кои навидум прилегаат на трите крста на Голгота, само што наместо крст имаат место за стоење, како кај тениските судии (коментар!). Тој определен простор го заокружува шинска конструкција, на која во вид на процесија најчесто се движат актерите во клучните, акцентирани моменти. Претставата говори преку неколку јазици: јазикот на драмскиот текст, јазикот на симболите, коментарот на јазикот на актерите (откривањето на македонската патетика и видно прокоментирана на крајот од претставата, кога се пее песната за Ѓорче Петров), јазикот на глувите (во делот кога Момчето ја раскажува приказната за неговиот идол), јазикот на телото (кореографијата), јазикот на знамињата, и т.н.
Секој од учесниците во театарскиот чин својата активност, дејство, улога ја гради на неколку-повеќе-многу нивоа (и се разбира, во контекст со режисерскиот концепт). Примарното ниво е на односот кон текстот, потоа односот кон претходните претстави работени според „Црнила“ и односот на секој од авторите во претставата кон нивните претходни активности (автореференцијалност). Костимографот Благој Мицевски направил одличен своевиден коментар на униформа од едно поинакво, старо време, (доминантна сиво-зелена боја) со акцентирање и симболика на црвеното (марамчето во џебот на Луков, знамињата, плаштот од кој се извива предавството на Македонија). Музиката на Горан Трајковски е исто така, вешто исткаен комплекс од неколку препознатливи композиции („Тешкото“, македонските народни песни, аргентинското танго, маршови и процесии) кои и самите се главен учесник во театарската претстава, надополнети со изведбата во живо на двајцата кларинестисти. Тргнувајќи од сцената, костимите, музиката, светлото, мноштвото скоро небројното многу симболи, актерите покажаа како се игра на еден нов, не така често гледан начин на игра во македонските театри, на еден постмодернистички актерски израз. Кореографијата на Александра Хонг го надградува начинот на актерска игра, правејќи „смеша“ од повеќе разновидни танцови и движења (од кои принципите на биомеханиката на Мејерхољд се најдоминатни). Посебно се истакнува актерската екипа, поточно актерскиот избор што го направил режисерот, и кој на многу суптилен начин ги крши досегашните стереотипи за тоа кои се всушност ликовите во оваа претстава. Во  претставата секој од актерите игра во контекст на „ткаењето“ на претставата. Секој актер игра како да е сам, но (многу интересно) и е во симбиотична врска со своите партнери на сцената. Рубенс Муратовски креира еден нов Луков, кој се движи од иронија, до коментар на предавството и коментар на некои веќе видени општествено-политички состојби. Игор Стојчевски како Фезлиев, Кристина Атанасова како Неда, Владимир Тулиев како Господин Христов, Пеце Ристевски како Иван, Методија Колоски како Момчето, Ива Зенделска како Сосетката играат предизвикувајќи се и себе си и публиката, поставувајќи ја актерската игра како една од главните нишки во текстурата  на претставата. Ова е претстава која ве тера да ја гледате повеќепати, затоа што во потребата да се биде претстава/текстура, изобилува со мноштво значења, кои бараат постојано да ги гледате и декодирате.

Дневник, 10.08.2004 г.