ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Народен театар - Куманово

Народен театар - Куманово

Ана Стојаноска: Силна актерска експресија
Ана Стојаноска: Balkan Blues или претстава на крајности
Цветанка Зојчевска: Затворени во мансарда
Лилјана Мазова: Надеж во темнината на сегашноста
Борче Грозданов: Клаустрофобична свадбена журка
Илија Упалевски: Претстава ослободена од авторитетот на Јонеско
Тодор Кузманов: Жртви на транзицијата
Тодор Кузманов: Нова визура и ново читање
Лилјана Мазова: Безизлезот од црнилата на гробарите на живите
Илија Упалевски: Што е Глоговиот џбун?
Лилјана Мазова: Чиста идеја и чиста игра
Тодор Кузманов: Циркусот Титаник
Борче Грозданов: Во женскиот свет на бескрупулозноста
Тодор Кузманов: Претстава за разигрување

______________________________________________________

Ана Стојаноска: Силна актерска експресија

Ана Стојаноска
(За претставата „Партија реми“ од Дин Ли Кобурн, во режија на Димитар Станкоски, продукција на Народен театар - Куманово)

Добро напишаните драмски текстови секогаш и без никаков исклучок му служат на актерот. Драмскиот текст и актерот, во координација со режисерот, се разбира, (и со сите други креативци во театарското чинствување), создаваат добра претстава, доколку се наоѓаат во заедничкото поле на креација. Таму е магнетната привлечност. Потрагата по добриот „стар“ текст кој му е постојаниот помошник на актерот, за секој театарџија, значи и потрага по сопствената креација. Решението да се игра еден добро напипан текст, значи да се прифати предизвикот да му се одговори. Ова не би требало да биде подигање на пиедесталот на драмскиот текст во мигови кога театарот (посебно во Македонија) се расчинува на повеќе патеки барајќи го својот израз (од театарот во кој телото говри погласно од кога и да е – до театарот на текстот). И ова не е рецензија во која ќе биде демонстрирано познавањето на теориската драматургија на авторот на рецензијава. Ова е рецензија за една добро одиграна театарска претстава, која се базира на драмската предлошка насловена како Партија реми од американскиот писател Дин Ли Кобурн, кој за овој негов премиерен драмски текст ја има добиено Пулицеровата награда, во далечната 1978г. На годинешниот ФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица имав прилика да ја гледам токму оваа претстава во изведба на актерите од Народниот театар од Куманово – Љубица Гојковиќ и Илија Струмениковски. Иако премиерата на претставата беше во февруари годината, ова не е претстава со даден рок на употреба, така што никогаш не доцна да ја рецензирате.
Сцената е празна. Ова е сцена од еден од соништата на Питер Брук, на Гротовски, на Арто... Актер и сцена. Две фотелји и една софа во позадина. Она што ја „наполни“ сцената не беа ниту режисерската интервенција, ниту сценографијата, ниту костимите, ниту светлото, ниту музиката,... Оние што ја креираа сцената беа само актерите и текстот и публиката пред нив. Ова е една камерна претстава, во која текстот му служи на актерот како поткрепа за тој да ја оствари својата креација.
На сцената стојат тие: македонската актерска дива, дама со богато портфолио – ЉУБИЦА ГОЈКОВИЌ и ИЛИЈА СТРУМЕНИКОВСКИ, актерски џентлмен кој би се вклопил во многу поголеми актерски трупи со светско реноме. Но, да се разбереме. Не е само актерското искуство, возраста, годините во кои стигнувате за да го рекапитулирате она што сте го создавале како претходен труд, за да покажете како треба да се игра претставата. Овие актери, надвор од секоја можност за режисерска интервенција создаваат своја дуо претстава, во која освен влезот на публиката, ја исклучуваат секоја можност некој да им продре во прецизно создадениот универум. Затоа и ми беше потребен воведот во овој текст за да можам што попрецизно да ја елаборирам нивната вештина. Затоа што таму на празната сцена овие двајца актери покажаа како треба да се игра еден вака напишан текст. Љубица Гојковиќ донесе на сцена една силна Моника која раскрстува не само со својот живот (запишан од авторот Дин Ли Кобурн), туку и една жена која преку партијата реми (интересен лајтмотив) игра и го игра својот живот. Нејзината актерска вештина се транспонира од внимателно суптилно предадена женственост до остра, систематична промисленост на повредена жена. Затоа и токму оваа актерка и токму овде и сега ја покажа актерската експресивност како една од позитивните оски, на еден театар кој ововремено беше во изумирање. Таа игра како да е ова последната партија – реми, актерство, живот! Ја голта до крај својата способност за трансформација. И ја покажува максимално.
Илија Струмениковски пак, својот Вилер го создава пред нашите очи. Од едноставно чекорени почетни точки, во кој тој игра и со текстот и со себеси на сцена, до еден експлозивен Вилер кому животот му служи само преку добро одиграна партија реми. Ама, и во картите и во животот повеќе од поголемиот број пати губите. Токму на оската на губење, се раѓа овој Вилер како човек од конфликт. Актерската експресија набиена до максимум тука доаѓа до својата експлозија. Затоа и беше неверојатно да се гледа како ликот се гради по аритметичка прогресија.
Претставата „Партија реми“ е претстава на актерите. Секоја преголема режисерска интервенција би и била само на штета на претставата. Затоа токму одиграна на ваков начин таа го покажува токму уникатниот актеризам – актерот и сцената ја прават претставата. Другото и не е потребно.

Дневник, 14.09.2004г.