ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Театар на месечина

Театар на месечина

Лилјана Митевска: Во рамките на „Скопско лето“ в недела почнува „Театар на месечина“

______________________________________________________

Лилјана Митевска: Во рамките на „Скопско лето“ в недела почнува „Театар на месечина“

Во недела, во рамките на „Скопско лето“, започнува манифестацијата „Театар на месечина“, во чиј склоп ќе бидат изведени седум театарски претстави, од кои две премиери и две гостувања, како и една балетска претстава. Програмата, која се реализира како партнерство помеѓу Универзална сала, МНТ, независната група „Артмедија“ и Дирекцијата за култура и уметност, ја отвара кабаретското шоу „Мадам кабаре“ на Наташа Поплавска. Како што вели режисерката Поплавска, станува збор за „нешто помеѓу претстава и концерт, кое приклонува кон формата на кабаре. Претствата не случајно е избрана да ја отвори оваа програма бидејќи е нешто кое ги обединува двете уметнички форми, театарот и музиката“. А токму музичките манифестации, покрај драмските форми и даваат главен белег на најголемата скопска летна манифестација. Во овој контекст, интересно е дека веднаш по завршувањето на претствата „Мадам кабаре“, на истиот сценски простор, во летното кино Парк, концерт ќе одржи „Беневентан трио“, на кој ќе го промовира својот најнов албум.

По кабаретскиот момент на отварањето, програмата „Театар на месечина“, во наредните денови продолжува со претствите „Доле Влада“, од (не)познат автор, во режија на Сашо Миленковски на МНТ, урбаната комедија „Новогодишна трилогија“, работена според текстот „Белградска трилогија“ на Биљана Србљановиќ, во режија на Дејан Дамјановски на Универзална сала, а Велешкиот театар гостува со познатата класика од Виктор Иго „Ѕвонарот на богородичната црква во Париз“, во режија на Благојче Божиновски. Првата премиера во рамките на „Театар на месечина“, ќе се случи на 2 јули. Станува збор за претствата „Дипломец“ која според филмското сценарио на Хенри Бак за познатиот истоимен филм работен врз основа на новелата на Чарлс Веб, ја режира Синиша Евтимов. Претствата е копродукциски проект помеѓу Дирекцијата за култура и уметност и Драмата на МНТ. Веднаш по „Дипломец“, на 8 јули, следи втората премиера, „Хамлет во транзиција“, според Светислав Басара, во режија на Сашо Миленковски, а во продукција на МНТ. Пред самиот крај на „Театар на месечина“ ќе биде изведена балетската претстава „Зборувај ми“ во кореографија на Јагода Сланева, а на самата завршница, на 10 јули гостува Кумановскиот театар со претствата „Лонг плеј“. Сите претстави започнуваат од 21 часот, а се играат на отворена сцена, во летното кино Парк. Во случај на врнежливо време, претставите ќе се изведуваат од 22 часот, на сцената на театар Центар.

„Ревитализирањето на летното кино Парк е една од главните цели на овој проект. Сите знаеме дека театарските куќи во Скопје немаат соодветна вентилација, па театарскиот живот на лето практично замира. Идејата беше да и се овозможи на скопската публика да ужива во театрските претстави, односно без прикрпени сцени, во соодветни театарски услови да се направи еден колаж на театарски претстави. Поточно, ова е иницијатива, можеби најдобрата летна сцена во Скопје, да заживее особено во летниот период“, вели Бојан Перин, раководител на драмскиот сектор при Универзална сала.

Билетите за претствите ќе чинат 150 денари, а во случај на организирани посети билетот ќе чини 120 денари.

Утрински Весник, 25.06.2004 г.