ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Унко фест

Унко фест

Наташа Бунтеска: Сакаме топла вода!
Заврши „Театар-фест“ на Унковски: Манифестација со можно продолжение
Наташа Бунтеска: Да се работи Чехов со Унко е животна шанса
Цветанка Зојчевска: Во Скопје беше Унко фест
Лилјана Митевска: Унковски го разбуди нашето „задремано“ театарско секојдневие

______________________________________________________

Наташа Бунтеска: Сакаме топла вода!

Наташа Бунтеска
Во манир на македонското традиционално гостопримство, домашната публика ги честеше гостите од Југословенско драмско позориште со неколкуминутни френетични аплаузи на крајот од изведбите на трите претстави во продукција на Унковски, прикажани во рамките на „Театар-фест“.
Една од причините за видната возбуда на скопската публика и за преполнетиот салон на МНТ беше ретката можност да се видат познатите лица на југословенското актерство и да се проследат изведбите на една од најголемите балкански театарски куќи, препознатлива по перфекционизмот и позитивната опседнатост во работата. На задоволството од овие аспекти во соработката со Југословенско драмско позориште неколкупати се наврати и режисерот Унковски.
Меѓутоа, остана интензивно упадлива тенденцијата кај домашната публика, како и секогаш, културните производи кои доаѓаат однадвор да ги прима безрезервно, без дистанца, секогаш како исклучителни, дури и кога не се драстично поуспешни од оние што се поставуваат на домашните сцени. На репертоарите на нашите театри се наоѓаат претстави кои нудат еднакво естетско уживање, но се чини неможно некоја од нив да ја наполни салата на МНТ до врв и да заврши со таков еуфоричен и долг аплауз.
Дека во приказната не учествува само публиката, туку дека станува збор за аномалија подигната на ниво на национален феномен, зборува и нерамномерниот однос на МНТ спрема своите уметници и спрема гостите. За гостите од Белград, под будното око на Унковски, МНТ ги обезбеди нормалните цивилизациски придобивки во облик на топла вода, неопходна по двочасовното прпелкање по сцената. За домашните изведби тоа е далечен и копнежлив сон. Научна фантастика. Особено во објектот на театарот „Центар“.
По ова, логично се наметнува идејата дека можеби ваквите наши реакции се последица на некакво чувство на немоќ да се живее во чекор со светот, на неможност да се ѕирне во него заради животот во исклучително културно, општествено, економски... провинцијализирана средина. Така, сe што доаѓа однадвор се доживува како можност да излеземе од локалниот кожурец и да станеме парче од цивилизираниот свет, на кој фанатично мора да му докажеме дека го разбираме и се вклопуваме со него.

Време, 27.04. 2004