ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Универзална сала

Драмска продукција на Универзална сала

Ангелина Димоска: По премиерната изведба на „Посветување на пролетта”
Ана Сојаноска: Лоша копија на бродвејските спектакли
Анета Јанчевска: Жестока пиеса за македонските небиднини
Гоце Ристовски: Чиста игра
Борче Грозданов: Привлечна љубовна Вртелешка

______________________________________________________

Ангелина Димоска: По премиерната изведба на „Посветување на пролетта”

(Танц во чест на новиот животен циклус)

Премиерната изведба на балетот „Посветување на пролетта” од Игор Стравински, во кореографија на Рисима Рисимкин, изведена викендов во Универзалната сала, наиде на убав прием кај публиката.
Идејата околу кореографските решенија и приказната беа фокусирани на Стравински и на неговата музика, што беше сосема очигледно и од самиот поднаслов на овој мултимедијален проект - „Дневник Стравински”. Кореографката Рисимкин во оваа изведба на маестралното дело од Стравински се инспирирала од самиот композитор, а музиката ја искористила како илустрација за својата „балетска” приказна.
Инаку, оригиналната приказна во „Посветување на пролетта” е инспирирана од паганска Русија, од нејзините специфични обреди и обичаи, а еден од нив, искористен во ова дело, се однесува на доаѓањето на пролетта: волшебниците го претскажуваат нејзиното доаѓање, по повикувањето на предците и сакралните обреди во нивна чест, волшебниците и мудреците се соединуваат во ритуална игра, предводена од девица која се принесува како жртва. Таа играјќи, паѓа во екстаза и умира од исцрпеност.
Ова е оригиналното „сценарио” на Стравински, по кое ја пишувал и музиката, користејќи го фолклорот како фундамент, иако изразен со сосема нов музички говор во кој доминира архаичниот израз. Ова дело на Стравински е неконвенционално и остро ги „сече” музичките стандарди и норми на изразување, карактеристични за времето во кое е создадено (1913 година, праизведба во Париз). Затоа не е воопшто чудно што првата изведба била сфатена како сквернавење на природата, а публиката своето згрозување го изразила со персифлажа на насловот на делото во „Масакрирање на пролетта” (Sacre... masacre...).
Рисима Рисимкин балетот на Стравински го разработила преку музиката, фокусирајќи се на внатрешната борба на авторот со самиот себеси, потенцирајќи го неговиот немирен дух, вечната потрага по совршеното, по музите, по универзалната и космичка музика. Рисимкин одлично ја замислила целата приказна, играјќи си со Музата (Ирена Ветерова), со Музиката (Искра Ветерова), со Нотите (Бистра Делинкова) на вечниот Стравински, фантастично претставен преку ликот на актерот Васил Зафирчев. Тој во оваа претстава беше и актер и танчар. Многу повеќе танчар, отколку актер. Неговата игра во „Посветување на пролетта” ги надмина принципите и на танц-театарот.
Танчерски коректни остварувања имаа и Олга Боев (како Соната за пророкот), Ивана Коцевска (Соната за творецот) и Елисавета Скаловска (Соната за убавината).
Кореографското решение на Рисимкин беше минималистичко и репетивно, иако можеби малку недостасуваше похрабар танчерски став. Сепак, како целина овој мултимедијален проект по многу работи беше специфичен и нетипичен, можеби најмногу заради одличната изведба на Македонската филхармонија, која ова дело го изведе во живо.
Филхармоничарите како никогаш досега звучеа неверојатно добро, како од шега се справуваа со комплексната ритмика, разбиена со акордика на острите дисонанци, полимодалноста и политоналноста беа прецизно потенцирани преку секој отсвирен тон и фраза.
Оркестарот на Македонската филхармонија го отслика славењето на пролетта, онака како што Стравински го замислил и претставил преку својата музика - преку нејзината варварска големина и опседната ритмика. Нималку нежно, без пасторални претстави за цутењето на пролетта, напротив со многу острина и интензивност, кои ги следат заслепувачката моќ на природата и нејзиното повторно раѓање.

Време, 16.03.2004