ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Театролошки студии

Театролошки студии

Ана СТОЈАНОСКА: ВО ПОТРАГА ПО НАСЛЕДСТВОТО: AD MAJOREM DEI GLORIAM
Јелена ЛУЖИНА: МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР ДО И ПО АСНОМ
Лидија КАПУШЕВСКА-ДРАКУЛЕВСКА; Јелена ЛУЖИНА; Ана СТОЈАНОСКА: РЕЧНИК НА ТЕОРИСКО-ТЕАТРОЛОШКИ ТЕРМИНИ
Ана СТОЈАНОСКА: ИНТЕРКУЛТУРАЛИЗМОТ И ТЕАТАРОТ
Јелена ЛУЖИНА: ТЕАТАР НА ДРУГИ ЈАЗИЦИ – ИНТЕРКУЛТУРАЛЕН ТЕАТАР (1950-2003)
Јелена ЛУЖИНА: БАЛКАНСКА ТЕАТАРСКА СФЕРА КАКО РАБОТНА ХИПОТЕЗА
Лидија КАПУШЕВСКА-ДРАКУЛЕВСКА: АСПЕКТОТ НА ДРУГОСТА ВО МАКЕДОНСКАТА ДРАМА
Јелена ЛУЖИНА: ИНТЕРКУЛТУРАЛНОСТА: ТРЕНД, ЕГЗОТИКА, ЕСТЕТИКА, ПОЕТИКА И...ТАКА НАТАМУ!
Ана СТОЈАНОСКА: ИНТРAКУЛТУРАЛНА ТЕАТАРСКА ДИСПЕРЗИЈА или ЗА ПОНОВИТЕ МАКЕДОНСКИ ТЕАТАРСКИ РАБОТИ
Соња ЗДРАВКОВА-ЏЕПАРОСКА: ИНТЕРКУЛТУРАЛНОСТА ВО ТАНЦОТ

______________________________________________________

Лидија КАПУШЕВСКА-ДРАКУЛЕВСКА; Јелена ЛУЖИНА; Ана СТОЈАНОСКА: РЕЧНИК НА ТЕОРИСКО-ТЕАТРОЛОШКИ ТЕРМИНИ

(Аспект: Интеркултуралност/мултикултуралност)

А
АЛТЕРИТЕТ (в.: другиот)


АНТРОПОЛОГИЈА НА ТЕАТАРОТ (ТЕАТАРСКА АНТРОПОЛОГИЈА)

Антропологија на театарот е научна дисциплина која се занимава со проучување на социјалното, културното и физиолошкото однесување на човечкото суштество во специфичната ситуација-театарската претстава.
Посебно дефиниран предмет на проучување на антропологијата на театарот е актерот во мигот на изведбата/претставата. Едно од прашањата на кои треба да одговори театарската антропологија е во кои области изведувачот може да открие како да ја направи материјалната основа на својата уметност.
Основна задача на театарската антропологија е потрагата по заедничките принципи (различни изведувачи, на различни места во различно време напоредно со карактеристиките на својата традиција поаѓаат од принципи кои се повторуваат), кои еден од проучувачите на театарската антропологија, италијанскиот режисер Еуџенио Барба/Eugenio Barba ги нарекол слични принципи-различна претстава. Театарската антропологија оперира со термините: традиција, културен идентитет, размена, патување и взаемните релации меѓу различните културни подрачја.

АРХЕТИП (анг. Arhetype, гер. Arhetyp, фр. arhetype)

Древен митски, ритуален, религиски или симболички образец на дејствието или однос меѓу учесниците на едно дејствие кој може да се препознае во колективното и индивидуално несвесно, во поширока смисла, а во потесна, во одредена генеричка низа на книжевни дела.
Јунговата аналитичка психологија и Фрејзеровата антропологија поаѓаат од претставата за историјата како циклична обнова на некои универзални мотиви, симболи и нивните схеми. Тие схеми во природниот ритам (на пример, годишните времиња) се активираат на длабинско рамниште на човековото несвесно, определувајќи го на тој начин, неговото свесно однесување и неговата целокупна духовна активност. Во науката за литература, оваа концепција се манифестира во т.н. архетипска критика, која своја вистинска афирмација доживува со делото на канадскиот критичар Нортроп Фрај Анатомија на критиката (1957).

Б
БАЛКАНОЛОГИЈА (анг. balkanology)

Интердисциплинарна научна област која се занимава со Балканот како посебен лингвистички и културен феномен. Настанува кон крајот на XIX-от и почетокот на XX-от век, кога се заклучило дека балканските јазици, колку и да се различни, покажуваат слични феномени во меѓусебниот контакт и мноштво траги од меѓусебното влијание.
Кон крајот на XX-от век доаѓа до клучни промени во сфаќањето на поимот. Денес, општоприфатениот термин или концепт „балканизам“ како имаголошки феномен се врзува за начинот на којшто овој поим го промислува бугарската историчарка Марија Тодорова во студијата Замислувајќи го Балканот (1996). Книгата на Тодорова го претставува митологизирањето на Балканот кој од географски поим се претвора во стереотип од типот на арогантната дистинкција меѓу варварите (Истокот), од една, и цивилизираните (Западот), од друга страна (Нил Ашерсон). Оттаму, „балканизмот“ е компромитирачки поим, „изложбен простор“, сатанизирано, морбидно, „исклучено Друго“ (во однос на Европа и на Западот), со нагласено негативни конотации и фрустрирачки детерминанти.

В
ВАРВАРИЗАМ (анг. barbarism)

Зборови и изрази кои не му се својствени на еден јазик, туку се преземени од друг (грцизми, латинизми, турцизми, германизми и сл.). Во поширока смисла, варваризам е секоја јазичка конструкција која не одговара на нормите и духот на еден јазик, како и секоја отстапка од граматичките и стилистичките правила. Варваризмот може да биде и резултат на свесна намера на оној кој пишува или говори, желба да се укаже на карактерот на говорот на некој лик, или да се постигне хуморен елемент. Во поширока културолошка смисла, варваризмот е ознака за примитивност, нецивилизираност, заостанатост; со еден збор, има негативен предзнак. Стереотипот се врзува за наездата на племињата од Исток по падот на Римското царство или големата миграција на народите, како и за големите откритија (откривањето на Америка во XV-от век). Денес, вулгаризацијата на поимот се проширува и се однесува на дистинкцијата: Исток (варвари) - Запад (цивилизирани), при што под Запад се подразбира Западна Европа.

Г
ГЛЕДНА ТОЧКА (анг. point of view, гер. Blickpunkt, фр. point de vue)

Поим со кој во теоријата на прозата од крајот на XIX-от век се означува односот на раскажувачот кон инстанците на прикажаниот свет (диегетичкиот универзум); алтернативно, со исто значење се употребувани и поимите: набљудување, перспектива, ситуација, позиција, стојалиште, точка на гледиште. Во поширока смисла, упатува на односот помеѓу инстанцата на чинот на исказот и инстанцата на самиот исказ.
Во почетокот, поимот се промислува во рамките на опозицијата помеѓу кажувањето и прикажувањето, која потем се рефлектира и на мноштво други опозиции како што се: прво/трето лице, учесник/сведок на настаните, сезнаење/незнаење, (просторна, временска, интелектуална, морална, афективна) оддалеченост/блискост во однос на ликот, саморефлексија/нерефлектираност, автор/раскажувач, итн. Во обидот да ја разреши збрката на разновидните мерила, Ж. Женет го воведува поимот диегетички универзум (диегеза) од прв, втор, трет итн. степен, како и помот диегетички нивоа. Притоа, тој разликува: внатрешно диегетички раскажувачи (му припаѓаат на примарниот диегетички универзум), метадиегетички раскажувачи (како составен дел на историите вклопени во примарниот диегетички универзум) и надворешно диегетички раскажувачи (кои не му припаѓаат на ниту еден универзум). Гледните точки, пак, може да бидат: хомодеигетички (ако му припаѓаат на дадениот универзум како ликови) и хетеродиегетички (ако не му припаѓаат на дадениот универзум). Припадноста на различните универзуми и нивоа го определува степенот на веродостојност на инстанцата во очите на реципиентот.
Вториот предлог за типологија го дава С. С. Лансер. Таа го преименува класичниот поим гледиште во стојалиште (stance) како една димензија на вкупната раскажувачка легитимација во текстот, на којашто и  го додава односот на раскажувачот спрема различните аспекти на читателот (контакт), како и односот на раскажувачот спрема самиот себеси (статус) како две други рамноправни димензии.

ГЛОБАЛНО СЕЛО

„Светот како глобално село“ е термин на теоријата на информацијата (како научна дисциплина) со која се дефинира комуникациската поврзаност меѓу сите луѓе на светот. Терминот се употребува кога се сака да се потенцира мултикултуралноста на одредено уметничко дело, односно дека не постојат прекини во комуникацијата.

Д
ДИЈАЛОГ (анг. и фр. dialogue, гер. Dialog)

Во потесна смисла на зборот, поимот во теоријата на книжевноста се употребува како ознака на усната говорна размена меѓу два лика во драмата, романот или расказот. Структуралистичката теорија на раскажување го толкува дијалогот воглавно како „мимеза на говорот“, т.е. како постапка која, во спрега со сегментите на описот, го доловува „впечатокот на стварното“. Феноменологијата го толкува како составен дел на деиксот (сегмент на исказот кој упатува на просторно-временските координати) на раскажувачките текстови со чија помош рецепцијата на тие текстови спонтано се префрла од текстовната (имагинарна) во сетилна (визуелна) стварност, поради проверка на веродостојноста на првата.
Поимот „дијалог“ како спротивност на поимот „монолог“, може да се користи и за означување на книжевен, филозофски, научен или политички тип на дискурс и значи исказ свесен за соговорникот. Во оваа смисла, значаен е придонесот на рускиот теоретичар на јазикот и на книжевноста – Михаил Бахтин – за чијашто концепција настаната во активен критички дијалог со теориската традиција и современоста, се врзуваат почетоците на т.н. дијалошка критика во науката за литература.

ДРУГИОТ (анг. other, фр. autre, гер. Andere)

Во современата теорија поимот го воведуваат херменевтиката и психоанализата, а своја широка примена добива со постструктурализмот. Ако херменевтиката тврди дека „другиот“ е секогаш веќе проекција на „јас“, тогаш психоанализата тврди дека „јас” е секогаш веќе проекција и на „другиот”, односно резултат на некоја првобитна и потисната идентификација со таа проекција. Многу влијателна концепција на дијалошки другиот развива рускиот теоретичар Михаил Бахтин. Кај Бахтин „другиот“ се разделува на собеседник (другиот во буквална смисла)  и адресат („третиот“ во дијалогот) Освен како проблем на интеракција на личност со личност или на исказ со исказ, односно текст, во современата теорија од почетокот на 60-тите години на XX-от век, поимот се промислува и како проблем на временска или просторна далечинска комуникација меѓу културите. Во оваа смисла, пионерска улога има Клод Леви-Строс и неговото дело Дива мисла (1962). Феминизмот, културните студии и постоколонијалната критика вршат натамошна актуализација на поимот.

Е
ЕТИКА, ЕТИЧКИ ПРИСТАП (анг. etic approach)

Терминот е кованица на Кенет Пајк, по аналогија на терминот фонетички. Надворешен и таксономичен пристап (како опозиција на емичкиот или внатрешен пристап, функционален), пристап на проучување на (човечките) ситуации и последици. Наместо дефинирање и опишување на елементите на системот од гледна точка на оној кој е близок со тој систем, етичкиот пристап употребува критериум кој не е внатрешен.

ЕТНОТЕАТАР

Театарска претстава која се базира на народните/фолклорните мотиви и карактеристики.

ЕНЕРГЕТСКИ ЈАЗИК

Терминот „енергетски јазик“ е еден од поимите со кои оперира антропологијата на театарот.  Изразот е и метафоричен и има ироничен призвук. Метафоричен е затоа што применува одреден израз за  предизразната фаза на изведувачот, која настанува од одредена езотерична традиција која верува во постоењето на примаордијален и ефективен јазик, поточно кој може да се трансформира, а не само да се именува. Овој примаордијален јазик се нарекува уште и „енергетски јазик“ или „јазик на птиците“. Изразот се употребува и оронично, затоа што, иако често изгледа дека успехот на изведувачот зависи од мистериозните и необјасниви сили, сепак ќе можеме со преземање на научниот пристап и употреба на експериментален метод да го проучиме овој јазик.
Изразот се користи за да се препознае она што е познато за изведувачите, што може да биде од корист за нивната изведба на сцена.

Ж
ЖАРГОН (фр. jargon)

Специфичен јазик на којшто говорат луѓето од иста класа, професија или општествена група, а којшто се разликува од општиот говорен јазик и е разбирлив само за оние кои и  припаѓаат на односната класа, професија, група. За разлика од аргото, жаргонот има донекаде пејоративна смисла, како на пример: војнички жаргон, граѓански жаргон, морнарски жаргон, спортски жаргон, итн.

И
ИДЕНТИТЕТ (гер. Identitat, фр. identite, анг. identity)

Прашањето за идентитетот е старо колку што е старо човештвото и тоа е во тесна корелација со прашањето за алтеритетот или за другоста: уште во митското мислење идентитетот се формира и се определува преку или низ призмата на Другиот. Многу подоцна, психоаналитичката критика токму несвесното ќе го толкува како инхерентна другост.
Поимот теориски се проблематизира преку релацијата со сродниот поим разлика во постструктурализмот и деконструкцијата или преку поимот идентификација, односно пренос во психоаналитичката критика. Сите концепции ја преиспитуваат хегеловската логика или сфаќањето дека идентитетот настанува како резултат на минување на ентитетот низ составот на разликата. Спорно во оваа концепција е тоа што идентитетот, како член на парот идентитет-разлика, истовремено, и ја втемелува целината на оваа спротивност (бидејќи е составен дел на разликата која ја спроведува идентификацијата), и самиот е заснован на идентитетот. Со други зборови, основната недоумица при објаснувањето на поимот е прашањето: дали идентитетот е причина (претпоставка) или последица (резултат) на определена низа разлики. Еманципациската идентификација ја подразбира намерата на субјектот да постигне внатрешна хомогенизација преку совладување на својот внатрешен расцеп на разликата помеѓу себе и непријателската претстава на другиот. Видови идентитети: национален, расен, политички, религиски, јазичен, културен, полов, родов итн.

ИМАГОЛОГИЈА (анг. и фр. imagology)

Посебна дисциплина во компаративната книжевна наука која се занимава со книжевната претстава за други народи и култури. Клучен поим е поимот „image” или сликата за Другиот. Но, книжевните дела како второстепени моделативни системи (како што би рекол Лотман), креираат сопствени слики, замисли, конструкции, претстави за Другите, не ретко деформирани, искривени, оптоварени со мноштво клишеа, стереотипи и предрасуди; не станува збор, значи, за реални претстави, туку за нешто што во голема мера навлегува во доменот на имагинарното. Оттаму и замената на поимот на сликата или „image” со поимот „mirage”, со значење на привид, прелага, фатаморгана или лажна слика.)
Целата на компаратистиката се состои во утврдување на причините кои довеле до создавање на ваквите деформирани претстави; оттаму и интердисциплинарниот карактер на имагологијата и нејзиното нужно рефлектирање кон сферата на други науки, како што се: социологијата, филозофијата, антропологијата, историјата, психологијата, етнографијата, лингвистиката и др.

ИНТЕРКУЛТУРАЛНОСТ (анг. interculturalism)

Посебна филозофска и естетска перспектива на системот на културата која подразбира вклучување и активирање на различни култури во еден концепт. За разлика од мултикултуралноста, тоа е состојба во која различните култури мораат нужно да доаѓаат во допир.

а) ИНТЕРКУЛТУРАЛНА ХЕРМЕНЕВТИКА (гер. Interbildung Hermeneutik, анг. intercultural hermeneutics)
Посебен вид на постколонијална критика (критика која се занимава со книжевноста и културите на бившите колонијални земји, т.н. Трет свет) која се развива во Германија во 80-тите години на XX-от век. Таа го насочува својот интерес врз културната специфичност на читање, разбирање и интерпретација на книжевните текстови, пред сe германски. Имено, ако германската литература се чита како странска, тогаш не станува збор само за (евентуалната) историска дистанца како во Гадамеровата херменевтика, туку и за јазичка, културална и цивилизациска дистанца која читателот го дели од нејзиниот значењски универзум. Подразбира напуштање на мисловните обрасци на европскиот колонијализам.

б) ИНТЕРКУЛТУРЕН ТЕАТАР (анг. intercultural theatre)
Театар насочен во потрага по заборавените и потчинетите национални традиции, со цел да се оствари стил на претстава во којшто на подзаборавените извори ќе им се даде можност да се изборат за подобра ситуираност на релација со „надворешните влијанија.“

ИНТРАКУЛТУРАЛНОСТ (анг. intraculturalism)

Специфичен модел на мултикултурниот концепт во една култура. Ако мултикултуралноста ги промовира разликите меѓу културите во едно општество, интракултуралноста се залага за истостите (истите елементи) на културите како присуство во другите култури во едно општество. Истостите го подразбираат присуството на еден културен код од некоја од постоечките култури во другите сопостоечки култури во истиот регион или постоењето на некој код којшто е заеднички за сите сопостоечки култури во еден регион.
Интракултуралноста е суштинска спротивност на вулгаризацијата на мултикултуралноста: наспроти нејзината деструктивност, заговара афирмативност. Со други, зборови, интракултуралноста го промовира начелото на „истост“ во различните култури, што претставува специфично изедначување на разликите. Оттаму, едновремената свесност и за припадност кон својата, сопствената (вклучително - различната) група и за припадноста на едно пошироко културно милје, поточно културолошки склоп.

К
КЛИШЕ (фр. cliche)

Востановени стилски или структурни постапки кои го изгубиле своето уметничко значење и изразност, но, и натаму се употребуваат како некаков „механички образец“. Особина на клишето е „значителна прегледност и јасност, која помага за побрзо сфаќање“, па токму тоа ја објаснува виталноста на клишетираниот начин на изразување во епигонската и забавната книжевност. Не ретко, клишеата или стереотипите добиваат негативна конотација, па доаѓа до злоупотреба при нивната примена во сликањето на одредени типови ликови или ситуации, што, од друга страна, претставува изневера на принципот веродостојност.

КОД (анг. и фр. code, гер. Kode/Code)
Низа од знаци на која упатува некоја порака. Поимот во лингвистиката го воведува Ф. де Сосир во своите Предавања од општа лингвистика (1916) со значење на јазик (“code de la langue”) како конвенционално утврден збир од правила кои произведуваат говор (“parole”). Потоа, во својот комуникациски модел го презема Р. Јакобсон, а поимот стекнува поголема популарност со социолингвистичките проучувања од крајот на 60-тите години на XX-от век (Д. Хајмс, Б. Бернштајн).
Во семиотиката поимот ги напушта тесните рамки на теоријата на јазичната комуникација и почнува да се однесува на секој вид јазичен состав (биолошки, медицински, секојдневен, културен и сл.). Во понатамошниот развој на семиотиката, кодот станува темел и претпоставка за разбирање и толкување на сите видови знаци и тоа не само во комуникациските процеси. Кодот станува тековина на современата книжевна теорија во францускиот структурализам, а клучна улога игра и во теоријата на системи.

КОМУНИКАЦИЈА (анг. communication, фр. communication, гер. Kommunikation)

Еден од средишните поими не само во современата книжевна теорија, туку и лингвистика, семиотика, кибернетика, комуникологија, психологија, неурологија, социологија итн. Во книжевната теорија неа, на различен начин, ја користат: структурализмот, семиотиката, теоријата на дискурси, теоријата на говорниот чин, теоријата на исказот, теоријата на системи, емпириската наука за книжевноста, психоаналитичката критика и критичката теорија. Голем дел од овие теории поаѓа од моделот според кој комуникацијата претставува пренос на порака или информација од испраќачот до примателот во некој на обајцата досатпен код. Во некои модели, како на пример, оној на Шанон и Вивер (1949), кон споменатите елементи се додадени уште неколку и тоа: извор (“source”), канал, (“channel”), пренесувач (“tranmitter”) и цел (“destination”). Со оглед на тоа што овој модел е воспоставен пред сe за техничката комуникација, Р. Јакобсон (1960), имајќи ја предвид поетската комуникација, го прилагодил со воведување на уште неколку елементи во комуникацискиот чин и тоа: испраќач на пораката, примател на истата, контекст, код и медиум. Схемата на Јакобсон доживува огромна популарност меѓу лингвистите и книжевните научници.

КОНТЕКСТ (анг. и фр. context, гер. Kontext)
Поимот го воведуваат структуралистите во 60-тите години на XX-от век како замена на поимите: стварност, свет, претпоставки или ситуации, коишто дотогаш биле користени како ознака на „подлогата“ на книжевниот текст, средината во којашто тој текст настанува и во која се восприема. Поимот контекст подразбира дека референтното поле на било кој исказ, со тоа и на книжевниот текст, е веќе текстуализирано од јазичките закони. Со други зборови, книжевниот текст може да реферира на стварноста само преку други книжевни (и некнижевни) текстови.
Така сфатен поимот контекст го преместува проблемот на прикажување на стварноста или на светот кој дотогаш владеел во теоријата на прозата, од референтната на комуникациската оска. Структурата на читателската свест станува примарен контекст на „моделирање“ на текстот. Во оваа смисла, значајни се концептите што во рамките структурализмот ги развиваат: тартускиот семиотичар Ј. Лотман и францускиот критичар Р. Барт. Феноменолошката и марксистичката критика ја пресвртуваат хиерархијата на текстот и контекстот што ја воспоставуваат структуралистите: текстот е само одговор, реакција на прашањето за контекстот и неговиот предизвик, тој е апостериорен и „per definitionem” не може да го исцрпи контекстот, туку може единствено да го трансформира.
Деконструктивистичката концепција на Дерида, пак, тргнува од фактот дека ниту текстот, ниту контекстот не се априорни еден на друг, туку дека постои еден двонасочен пренос во рамките на исклучително комплексната релација текст-контекст. Наспроти неа, новиот историцизам (и културалната поетика) инсистираат на историската спецификација како институциона рамка на книжевноста; него помалку го интересираат самите текстови, а повеќе разновидните и често пати, меѓусебно противречни начини на креирање, интерпретација и употреба на текстовите.


КОНВЕНЦИЈА (анг. и фр. convention, гер. Konvention)

Поим поврзан со концепцијата на книжевното дело. Функционира како своевиден договор меѓу авторот и читателот. Со други зборови, конвенциите претставуваат формални и содржински услови на договорената комуникација кои истовремено, допуштаат и слобода, и наметнуваат одредени ограничувања, на пример, во поглед на жанрот, стилот, композицијата или темата. Сепак, конвенциите немаат нормативна сила како во јазичната комуникација, што ќе рече дека тие може до одредена мера и да се занемаруваат, рехиерархизираат или дури и да се нарушуваат, и тоа како од страна на авторот, така и од страна на читателот. Изневерата варира од период до период и не мора априори да се поистоветува со творечката инвенција.
Структуралистите поимот „конвенција“ го поистоветуваат буквално со сите видови норми во книжевната комуникација, додека пак, постструктуралистите се спротивставуваат на конвенционализмот и го прошируваат поимот „конвенција“ на изневерата, односно поимот „изневера“ – на конвенцијата. Новиот историцизам ја промислува социјалната основа на конвенцијата како подвижна граница меѓу обележаните културни зони и со тоа ја овозможува релацијата помеѓу книжевните и вонкнижевните текстови.

КУЛТУРА, КУЛТУРОЛОГИЈА (анг. culture, фр. civilisation, гер. Bildung)

Културата е вид на оформување специфични кодови кои ги бележат нашите претстави, чувства, активности, со еден збор, секој аспект на нашиот ментален живот, па дури и на нашиот биолошки организам под влијание на групата. Културата е артифициелна структура или творба на човековата уметност. Таа се разликува од природното. Во таа смисла, Клод Леви-Строс зборува за опозицијата помеѓу природата и културата: „Сето тоа што е универзално во човештвото произлегува од редот на природата и се карактеризира со спонтаност; сето тоа што се придржува кон нормите и  припаѓа на културата и ги поседува атрибутите на релативното и посебното.“

а) КУЛТУРОЛОШКИ КОД (анг. cultural code)
Референцијален код. Треба да се истакне дека и сите веќе познати кодови или модели се културолошки детерминирани. Како еден од фундаменталните конституенти на било кој акт на комуникација, културолошкиот код подразбира систем од норми, правила и ограничувања во рамките на една култура.

М
МАНИПУЛАЦИЈА (анг. manipulation)

Во Греимасовото објаснување за канонската раскажувачка ситуација, манипулацијата го означува дејството на испраќачот до субјектот; таа му овозможува на субјектот да ја извршува дадената програма. Субјектот може да го исполни или да не го исполни договорот, па оттаму, следува награда или казна од испраќачот.

МАНИР (фр. maniere)

Во уметноста и литературата означува постапка, техника на работа, начин на изразување својствен на еден ументник, писател или својствен на цел еден период. Во книжевната критика се подразбира занаетско повторување на еден првобитно оригинален стил, негова шаблонска примена. Подоцна, терминот добива пејоративно значење, во смисла, она што е рутинско, извештачено, еднообразно, барано.

а) МАНИРИЗАМ (анг. mannerism, гер. Manierismus)
Првобитно, стилски правец во ликовната уметност на доцниот XVI-ти век, меѓу ренесансата и барокот, кој настанал како резултат на потребата да се синтетизира идејата за еволуција и идејата за континуитетот. Маниризмот е творечка имитација, повторување на познатите техники на големите мајстори, која не е лишена ниту од субјективна експресија. Е. Р. Курциус со своето знаменито дело Европската литература и латинскиот Среден век (1976) го воведува терминот во доменот на книжевните феномени.

МАТРИЦА (в.: хипограм)

МЕТАЈАЗИК, МЕТАКОМУНИКАЦИЈА (анг. metalanguage, фр. metalangage, гер. Metaschprache)
Поимот е инаугуриран од страна на логичарите на Виенската (Р. Карнап) и Лавовско-варшавската школа (А. Тарски) заради потребата од јасно разликување на јазикот за којшто говориме од јазикот со којшто говориме. Го презеле американскиот лингвист З. С. Харис и данскиот семиотичар Л. Хјелмслев.
Во книжевната теорија поимот доживува своја афирмација во 60-тите години на минатиот век во кругот на француските структуралисти, иако го антиципирале уште руските формалисти, а по нив, Р. Јакобсон и чешките структуралисти. По аналогија со лингвистиката, Ж. Женет предлага промислување на книжевните дела како јазик, а на книжевно-аналитичките текстови – како нивна граматика, односно метајазик. Оваа сугестија натаму ја развива Ц. Тодоров кој се залага за разграничување на поетиката од критиката. Меѓутоа, Р. Барт покажува дека аналитичките судови може да бидат и предмет на проучување и со тоа го отвора патот на постструктуралистите и нивното оспорување на можностите на метајазикот. Всушност, книжевните теоретичари, по аналогија на лингвистичкото наоѓање на метајазикот во природниот јазик, го откриваат метајазикот во самата структура на книжевниот текст.

МИЛЈЕ - СРЕДИНА (фр. milieu)

Сe она што опкружува еден лик и влијае врз формирање на неговиот карактер, сите непосредни и реални околности во коишто тој живее. Поимот, во теоријата на книжевното творештво, го воведуваат реалистите, особено Балзак. Кај Балзак, а подоцна и кај натуралистите, значењето на средината е нагласено со цел литературата да се поврзе со науката, како последица на влијанието на парадигмата на позитивизмот. Теоријата за биолошките видови кои се формираат според средината во којашто живеат, Балзак ја применува врз планот на книжевните феномени.
Поимот „средина“ зазема значајно место и во теориите на толкување на уметничкото творештво. За И. Тен, средината е збир географски услови и општествени односи во коишто се формира определен пистел. Според него, средината е еден од одлучувачките фактори во развојот на одредена книжевност или уметност. Тен ја фомулира познатата теорија за расата, средината и моментот.

МУЛТИЕТНИЧНОСТ

Ознака за една општествена заедница или држава која опфаќа повеќе етнички групи, некој вид заедница на повеќе етноси. Во најново време, мултиетничноста се промовира како концепт на современите граѓански општества. Поимот апелеира на соживот, рамноправен статус и заемна почит на етничките групи кои опстојуваат во една држава.

МУЛТИКУЛТУРАЛНОСТ (анг. multiculturalism)

Терминот првпат е употребен 1971 година во еден говор на Пјер Тридо, тогашниот претседател на Канадската влада: „Терминот бикултурализам не го отсликува доволно добро нашето општество. Зборот мултикултуралност во тој поглед, е попрецизен“. Значи, терминот изворно, не му припаѓа на корпусот на теоријата на културата, туку тој потекнува од светот на практичната културна политика. Во буквална смисла, терминот го подразбира постоењето на многубројните светски култури и нивниот меѓусебен контакт, но, означува и коегзистенција на бројни култури во рамките на една држава-нација. Мултикултурализмот може да се промислува и како преплетување на поодделни идеологии (на пример, феминистичката, марксистичката, либералната, движењето на хомосексуалците и др.) во рамките на заедничките традиции.
Мултикултурализмот е идеја или идеал за складен соживот на различни етнички и културни групи во рамките на едно плуралистичко општество. Тој го промовира концептот на „разлики“, на признавање и на почитување на разликите. Критичкиот мултикултурализам се стреми кон деконструирање на претставите не само во смисла на односи на моќ кои лежат зад конструкцијата на тие артефакти. Оттаму, неговата задача е двојна: од една страна, деконструкција на „европоцентричните“, „културните“, „националистичките“, „патријархалните“, „родовите“, „расистичките“ итн. норми, а од друга, градење и промовирање на мултикултурни алтернативи. Со други зборови, радикална критика на односите на моќ и повик за посодржаен и реципроцитетен интернационализам.
Мултикултурниот концепт нема априори еднозначни импликации, зашто освен што зближува, може и да ги пренагласува духовните и физичките граници на една културна група или заедница, занемарувајќи го афирмативното гледање на Другата/Другите култура/култури. Особено ако се работи за мошне различни и меѓусебно некомпатибилни култури. Основната идеја на мултикултурализмот не е глобален културен концепт; тој не е ниту транскултурен, ниту над-културен концепт, никаква дифузна мешавина во која се изгубени сите битни белези на културниот персоналитет. Синтагмата ги анонимизира партиципиентите покриени со нејзиниот контекст, но, внатре во секоја мултикултурна заедница, во основа, остануваат јасно разграничени културните идентитети.

П
ПАТУВАЊЕ

Патувањето, или (н)ововремениот номадизам, претпоставува заминување по сопствена волја, со желба да се истражува, запознава, разменува информации.
Истражувачите, режисерите, авторите на интеркултуралниот театар патуваат многу со желба да откриваат нови култури, непознати места/предели и да разменуваат информации. И поради глобалниот развој на човештвото и познатата кибернетичка максима „светот како глобално село“, патувањето и запознавањето на другата култура е потпомогнато од мас-медиумите и овозможеноста на глобалното комуницирање. Патувањето подразбира излегување од сопствената култура/традиција/идентитет, одење кон ново, непознато, неоткриено. Патувањето, посебно патувањето во група (братство) води кон запознавање на аспектите од новата култура, кои доколку се компатибилни се внесуваат во новите уметнички дела на патувачот.
Патувањето се изведува за да се почне од нула. Се прочистува на некој начин и актерот и режисерот, ..., уметникот од личниот однос кон матичната култура и нејзините матрици на создавање на уметничко дело, и се оди кон нешто ново, непознато, а со самото тоа силно експресивно. Нема претходни знаења. Комплексот на научени материјали се брише при средбата со новото. Со тоа повеќе се зголемува моќта за впивање на другото.

ПОРАКА (в.: код)

ПРОВИНЦИЈАЛИЗАМ (анг. и фр. provincialism)
Јазичко обележје или појава ограничена на говорот на некој крај или покраина. Уште се нарекува и регионализам, а ако е ограничено на некое уште потесно подрачје или место, се вика и локализам. Провинцијализмот е и такво обележје преземено од некој месен субстандард во стандардниот книжевен јазик, како и нагласување или пропагирање на она што е запоставено во јазикот. На книжевен план, провинцијализмот се стреми кон постигнување локална боја и карактеризација на ликовите.

ПРОТОТИП (анг. prototype)

Во идеалистичката филозофија ја означува идејата или својството на божествениот дух според чиишто облик е создадена овоземната реалност. Оттаму, во поширока смисла на зборот, прототип преставува првобитен или оригинален модел на обликување, урнек, праслика.
Во доменот на книжевноста, под „протип“ се подразбира дело или лик кои ги навестуваат карактеристичните својства на други, подоцнежни дела или ликови.


Р
РАЗЛИКА – ТЕАТАР НА РАЗЛИКИ (фр. difference, анг. difference, гер. Differenz)

Еден од клучните поими на современата книжевна теорија. Во делото Предавања од општа лингвистика (1916), Сосир постулира дека јазикот функционира како состав на разликата. Според де Сосир, идентитетот се утврдува токму преку разликата. Во таа смисла, Р. Јакобсон и Н. Трубецки говорат за фонемата како за збир на разликовни обележја: во еден збор, знаците се она што другите не се.
Спинозиното сфаќање според кое она што е нешто, зависи од она што тоа нешто не е, го радикализира францускиот филозоф Ж. Дерида со својот поим „difference”. Со оглед на тоа што писмото како мрежа од разлики му претходи на говорот, означеното бескрајно ни бега и се оддалечува, произведувајќи сe нови и нови разлики. Граматологијата на Дерида влијае натаму врз Бартовата концепција. Самиот поим доживува многубројни импликации во рамките на современите теориски школи како што се: структурализмот, семиотиката, феминистичката критика, деконструкцијата, постструктурализмот, теоријата на системи, историјата на менталитетот и др. Она што е значајно, тоа е фактот дека наспроти тоталитарното мислење изградено врз бинаризмот, застапниците на поимот „разлика“ поаѓаат од заемната зависност на дури и меѓусебно спротивставените елементи на еден семиотички состав.

РАЗМЕНА/ПРЕЗЕМАЊЕ

Во интеркултуралниот театар, размената и преземањето се двата клучни принципи. Размената се изведува со размена на елементи од матичната култура на авторот на претставата со културата во која тој патува. Преземање, значи, да се вметнат во претставата елементи од други/туѓи култури. Преземањето не би било успешно доколку не е извршена размена. Ако само се преземе нешто ново од туѓа култура и се вметне во сопствената изведба-перформанс-претстава, без да биде комуницирано со културата од која доаѓа преземениот материјал, сe останува само на обична колекција на егзотични елементи кои служат само да се дополни сликата со детаљи.Според Барба, во целокупното негово истражување идејата за размената се гледа во два пристапа:

1. Пристап на „слични принципи, различни претстави“

Овој принцип подразбира дека, откако ќе биде извршено откривањето на непознатото, ќе откриеме дека различни изведувачи, на различни места и во различни времиња, наспроти стилските облици карактеристични за сопствената традиција, поаѓаат од принципите кои се повторуваат.

2. Пристап на разлика

Како два културни модуси Истокот и Западот се разликуваат во повеќе нешта: начинот на мислење, социјалните, културните, филозофските и други позиции.



С
СЛИКА (фр. image, анг. picture, гер. Bild)

Давање на свеста на карактерот за ситуацијата како да не е на сцена. Во терминологијата на Х. Џејмс, сликата е во спротивност со драмата, којашто сценски го дава говорот и однесувањето на карактерот. Поетската слика, пак, е еден од најмногузначните и најнеодредените термини во науката за литература.
Претставникот на германското просветителство, Г. Е. Лесинг, во своето знаменито дело Лаокоон или за границите помеѓу книжевноста и сликарството (1766), начелно го осудува оној вид книжевно творештво заснован врз сликата, нагласувајќи дека литературата, според својата природа како уметност на зборот, во еден определен временски след може да прикаже само дејствија, а не и слики.

СТЕРЕОТИП (в.: клише)


Т
ТОЧКА НА ГЛЕДИШТЕ (в.: гледна точка)


ТРАДИЦИЈА (анг. и фр. tradition)

Збир од обичаи, ставови и верувања кои поврзуваат некоја човечка заедница со минатото. Традицијата, како што вели Т. С. Елиот, „ги вклучува сите оние востановени постапки, навики и обичаи – од најзначајниот верски обред до конвенционалниот начин на кој го поздравуваме странецот – кои го сочинуваат крвното сродство на истите луѓе што живеат на исто место“. Елиотовата одредница на традицијата како основен медиум на книжевна смисла и значење, ги проникнува и минатото, познатото, и новото, непознатото.
На книжевен план, поимот може да има потесно и поширико значење; може да се однесува или на рамките на националната литература, или на целата светска книжевност. Исто така, под традиција може да се разликуваат уште и следниве значења: долг континуитет на некои изразни средства, одредено книжевно наследство, конвенција или збир на наследени книжевни норми, итн. Со оглед на тоа што поимот подразбира став на сегашноста во однос на минатото, како и со оглед на тоа што тој став во различни епохи и книжевни периоди се менувал и често пати, бил контроверзен, таа променливост и контроверзност се одразиле врз различниот вредносен призвук на традицијата воопшто, и конкретно, на некоја точно определена книжевна традиција.


ТРАНСКУЛТУРАЛНОСТ

Над-културен концепт, дифузна мешавина во која се изгубени сите битни белези на културниот персоналитет во има на некакво заедништво.

Ф
ФОКАЛИЗАЦИЈА (фр. и анг. focalisation, гер. Fokalisierung)

Поимот е инаугуриран од Ж. Женет во поглавјето „Дискурз на раскажувачкиот текст” (Фигури III, 1973), како полемика против мноштвото типологии на раскажувачкото гледиште изведени во традицијата на „point of view criticism”. Основната забелешка на Женет е мешањето на двата критериуми: гласот (кој говори?) и модусот (кој гледа?). Женет предлага ограничување на модалниот критериум начин на гледање и со тоа се надоврзува на француските теоретичари Ж. Пујон, Г. Блин и Ц. Тодоров. Во склад со Пујоновата поделба на: гледање отстрана, гледање со и гледање вон, а преземајќи го апстрактниот и поширок израз на Брукс и Ворен (1943), Женет предлага поделба на: focus of narration, лишен од исклучиво визуелни конотации, нулта, внатрешна и надворешна фокализација.
Натамошна разработка на поимот дава холандската теоретичарка М. Бал. Третирајќи ја фокализацијата како иманентна на јазичката дејност, таа го реинтегрира модусот и гласот и на тој начин и раскажувањето го претвора во дискурс. Своја оригинална актуализација, фокализацијата добива и во теориските разработки на А. Ј. Греимас и П. Рикер.

Х
ХИПОГРАМ (фр. hypogramme, анг. hypogram, гер. Hypogramm)

Слично на анаграмот и параграмот настанува со преместување на букви или слогови од еден збор или низа од зборови за да се создаде друг збор или друга низа од зборови. М. Рифатер, пак, во своето дело Семиотика на поезијата (1978) се обидува да му даде поинакво значење на поимот. Тој го разликува од параграмот по тоа што оперира со цели зборови што ги вклопува во раштркани реченици, така што преку начинот на нивното вклопување се евоцира сопствената структура. Во така дефинираниот хипограм, било тој да се промислува како клише, цитат или тематски комплекс, Рифатер го препознава генераторот на поетскиот текст, неговата матрица или клучниот збор. Од матрицата се развива моделот, а од моделот, варијациите на текстот. Матрицата, моделот и текстот се варијанти на една иста структура. Читателот тргнува во обратна насока од писателот: соочен со „аграматичноста“ која го спречува референтното читање, тој поаѓа во потрага по обединувачкиот модел, а потем и по матрицата. Наместо хетерогеноста како параграм, хипограмот кај Рифатер му обезбедува хомогеност на текстот. Тоа ќе ја определи и неговата концепција на интертекстуалноста.

ХОРИЗОНТ НА ОЧЕКУВАЊЕ (гер. Erwartunshorizont)

Со овој поим се служи Х. Р. Јаус, естетичар на рецепцијата од Универзитетот во Констанца, преземајќи го од германската феноменолошка и херменевтичка традиција (Е. Хусерл, М. Хајдегер, Х.–Г. Гадамер). Но, истиот поим, под влијание на К. Попер, го употребувал и историчарот на уметноста Е. Х. Гомбрих со значење на духовен склоп кој со нагласена чувствителност го бележи отклонот од нормата. Гадамер го применува за историско променливата ситуација на толкувачот, која ситуација со своите предубедувања и предрасуди ги ограничува можностите на неговото гледање. Кај Јаус хоризонтот на очекување станува интерсубјективен амблем на читателската заедница од определен историски период, па истиот се промислува како некој вид позадина за препознавање на уметничките „пречекорувања“. Според Јаус, без реконструкција на автентичниот „хоризонт на очекување“ не е возможно правилно да се разбере уметничкото дело од минатото, а конечно ни неговата естетска вредност. Реконструкцијата мора да се врши од аспект на читателската, критичката, научната и филозофската реакција на делото во дадениот временски интервал. Иако подоцна Јаус отстапува од „хоризонтото на очекување“ како единствен естетски критериум, тој и натаму ќе го смета за важно средство во книжевно-историската контекстуализација.