ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Театролошки студии

Театролошки студии

Ана СТОЈАНОСКА: ВО ПОТРАГА ПО НАСЛЕДСТВОТО: AD MAJOREM DEI GLORIAM
Јелена ЛУЖИНА: МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР ДО И ПО АСНОМ
Лидија КАПУШЕВСКА-ДРАКУЛЕВСКА; Јелена ЛУЖИНА; Ана СТОЈАНОСКА: РЕЧНИК НА ТЕОРИСКО-ТЕАТРОЛОШКИ ТЕРМИНИ
Ана СТОЈАНОСКА: ИНТЕРКУЛТУРАЛИЗМОТ И ТЕАТАРОТ
Јелена ЛУЖИНА: ТЕАТАР НА ДРУГИ ЈАЗИЦИ – ИНТЕРКУЛТУРАЛЕН ТЕАТАР (1950-2003)
Јелена ЛУЖИНА: БАЛКАНСКА ТЕАТАРСКА СФЕРА КАКО РАБОТНА ХИПОТЕЗА
Лидија КАПУШЕВСКА-ДРАКУЛЕВСКА: АСПЕКТОТ НА ДРУГОСТА ВО МАКЕДОНСКАТА ДРАМА
Јелена ЛУЖИНА: ИНТЕРКУЛТУРАЛНОСТА: ТРЕНД, ЕГЗОТИКА, ЕСТЕТИКА, ПОЕТИКА И...ТАКА НАТАМУ!
Ана СТОЈАНОСКА: ИНТРAКУЛТУРАЛНА ТЕАТАРСКА ДИСПЕРЗИЈА или ЗА ПОНОВИТЕ МАКЕДОНСКИ ТЕАТАРСКИ РАБОТИ
Соња ЗДРАВКОВА-ЏЕПАРОСКА: ИНТЕРКУЛТУРАЛНОСТА ВО ТАНЦОТ

______________________________________________________

Ана СТОЈАНОСКА: ВО ПОТРАГА ПО НАСЛЕДСТВОТО: AD MAJOREM DEI GLORIAM

Ана Стојаноска
ВО ПОТРАГА ПО НАСЛЕДСТВОТО:
AD MAJOREM DEI GLORIAM
(Или Театарската историја и Исусовците)


* Вовед

Театарот, онаков како што го познаваме денес, сместен во зграда со цврста градба, поделен на повеќе делови - административен, главен-сцена и гледалиште и помошни делови, управуван како институција, - своето потекло не го должи на некои многу мистично дефинирани минати времиња. Првите театарски почетоци, како што обично го дефинираат тоа, и другите помошни дисциплини на театрологијата, па и самата театрологија, се сместуваат во дамнешните, пра-историски или прото-историски времиња. Времињата на ритуалот, митот, магијата. Времињата на говорот на телото и говорот на музиката. Но, за овој театар, овој од почетокот на текстот, но и овој што и денес функционира добро, почетоците ги бараат некаде кон средината на шеснаесеттиот век, во периодот што историјата го нарекува Против-Реформација, но и уметнички го позиционира како период на барок, на вознес и совршенство, базирани на антиката.
Театарската историја, како една од научните дисциплини на театрологијата, најчесто, како и секоја историја, своите тврдења ги објаснува со факти, податоци, факсимили, оригинални или протолкувани записи. За историјата на театарот понекогаш и малечок исечок од некој настан е непроценлива скапоценост, како што во една прилика тоа лапидарно го артикулирал хрватскиот театролог Никола Батушиќ/Nikola Batusic (1991:50). Додека ги истражував историските предизвици на времето кое довело до организирање на редот на нештата во театарот, перманенто се повторуваше името на редот на Исусовците и начинот на организирање на нивниот едукативен систем. Затоа мојата потрага по наследството на претходно опишаниот вид на театар ја започнувам со откривањето на Исусовците. Не само историјата, туку во овој случај и мистиката, малкуте кажани, но промислени длабоко зборови, миситифицирани и наративизирани ја создаваат приказната за Исусовците, која како и секоја помалку позната приказна се обидува да навлезе во границите помеѓу (табу-приказни, теории на заговор, мистични фасцинации,...) Бидејќи и самиот театар се поврзува со математичката формула: историја + мистика = театар, целта на овој текст, воден од театролошка инспирација (читај: теориска!), е насочена кон театарската историја. Таа ќе биде главната нишка-водителка во процесот на откривањето на Исусовците и нивниот театар. Се разбира дека, во овој вака замислен вовед, би сакала да истакнам дека ова не е религиозна проповед. Религијата е само местото на кое почнала приказната и нашата прва попатна станица. Теоријата, воопшто, но и теоријата на театарот мудро им бега на заводливите патеки на мистичното и загадоночното.
Задачата, пак на театарската историја, и не е друга освен, условно речено, спиритистичка: целта е – секогаш! – да се „врати во живот“, да се реконструира, некој театарски настан од минатото, било да станува збор за една единствена театарска претстава (дури и еден единствен нејзин сегмент) или за цели театарски епохи. (Лужина, 2000: 16)
Токму оттука, од реконструкцијата на одредена театарска епоха, а со самото тоа, и на одредени настани, ја започнувам мојата потрага. По Светиот Грал...

1. Кои се Исусовците и што ќе му се тие на театарот?

Католичката црква е позната по бројните редови, кои се формирани со цел подобро да се организира и шири нејзината доктрина. Исусовците или Језуитите, како што се познати во делот од светот со латинско лингвално потекло, се ред на католичката црква, најконцентрирано посветен на Црквата, поточно на претставникот на Бог на земјата или Римокатоличкиот папа. Формирани се во периодот на Против-Реформацијата (или Контра Реформација) како одговор на 95 тези на Мартин Лутер/Martin Luther .
Исусовците денес се најбројниот ред на Католичката црква. Се претпоставува дека само во Соединетите Американски Држави, нивните питомци се над милион (1.000.000!) свештеници кои студираат на исусовечките колегиуми. Познати се како први мисионери, кои католичката религија ја проповедале од Гоа, Индија (1541 година), преку Нагасаки, Јапонија (1580 година), па се до целата Латинска Америка, на чие тло се основани повеќе чисто исусовечки градови, како што се Сао Паоло, Рио Де Жанеиро и др.
Редот е основан во Париз, 1534 година и до денес е активен. По Тридентскиот концил  Исусовците се активни како главни носители на двата валидни документи – Конгрегација за книгите и Конгрегација за науката на верата. (Само за потсетување: сегашниот папа Бенедикт XVI, дваесет и четири години беше на чело на Конгрегацијата за науката на верата.) Двете конгрегации на Исусовците им дозволуваат владеење со образованието и уметноста, и двете се подредени на црквата, поточно на папата.
Историчарот, па и историчарот на театарот, треба да има имагинативно разбирање на умовите на оние личности чии постапки ги проучува, за мислата што стои зад она што го сториле (Кар, 2001: 27) Оваа прилика ќе ја искористам да се обидам имагинативно да се разберам со припадниците на тој ред. Нивната базична инспиративна посветеност кон образованието може да ги навести на еден неверојатен начин почетоците на театарот од првите реченици во студијава. Како што подоцна ќе се обидам да објаснам, нивното образование, концентрирано во колегиуми, на театарскиот свет му ги дава првите организирани театарски претстави (предпродукција и продукција), првите напишани програми (театарски афиши), првите професионални театарски договори. Не само за театарот, Исусовците се значајни и за целата западна култура, поради нивните пионерски чекори во образованието и религиозното мисионерство.
Следува дека, одговорот на прашањето поставено во насловот на поглавјето е дека, Исусовците му се потребни на театарот, исто колку што и театарот им е потребен ним. Тие го користат како воспитно средство за ширење на религијата (Театарот е место каде што се образуваат луѓето – ќе биде истакнато малку подоцна во историјата на човештвото). Можноста, јавно да се презентира некоја идеја, да се делува на широките народни маси, да се прикаже одредена фасцинација и денес се вкоренети во базичната егзистенција на театарот. Театарот, пак, од Исусовците ја презема организацијата, маркетингот, восхитувачките сценографии и костимографии, сето она што го направило театарот да функционира како институција.

2. Основачот на редот – Ignatius Loyola (1491-1556)

Мирча Елијаде/Mircea Eliade, еден од најдобрите познавачи на религиозното,
магиското и митолошкото искуство на човекот, воопшто, во својата многупати до сега споменувана и цитирана книга - Историја на верувањата на религиските идеи/Histoire des Croyances et des Idees Religieuses (1983), на Игнасио Лојола/Igantius Loyola му посветува дел од третиот том во поглавјето за Религијата, магијата и херметичките традиции пред и по Реформацијата. На учењето на Лојола ќе се повикува и неколку пати во книгата, а не само во третиот том. Според него, суштината на учењето на Игнасио Лојола, накратко прикажана, би можела да се дефинира како, апсолутна покорност кон Бога, значи на неговиот претставник на земјата, папата, и на генералот на Дружината, увереност дека молитвите, размислувањата и моќта за расудување која произлегува од нив можат да ја изменат човековата судбина... (Елијаде, 2005: 208).   
Животната приказна на Игнасио Лојола (денес светец во римокатоличката екумена) е помалку романтичарска, но и едукативна, со дидактичко повикување на класичните елементи од ритуалите на иницијација. Роден е 1491 година како најмладиот син во семејство на познат баскиски благородник. Како и секое дете родено во лулката на аристократската благородност, така и Игнасио ги уживал придобивките на татковото наследство. Воден од  - подоцна дефинираната како романтичарска – идеја да се бори за својот претпоставен (во случајов тоа е Шарл V/Charles V), учествува во неколку битки и е познат како војник-сладострасник  (Спореди: Catholic Encyclopedia - on line). Според историски потврдените извори, во 1521 година е ранет бранејќи ја Пампуна/Pampuna. За време на лекувањето читал многу за животот на Исус и светците (авторот на неговата биографија-хагиографија, сака, се разбира, да не „подучи“ со епизодата на трансформација – од еден безначаен материјално профилиран и хедонистички настроен, кон сакрален, религиозно тематизиран подоцна и мистично објаснуван - живот). Жанровски детерминирана, неговата хагиографија опишува чуда и мистични визии: повеќе пати се опишувани визиите за Богородица и нејзиното бебе Исус. Лојола заминал во Светилиштето На нашата Госпоѓа/Notre Damme во Монсерат, Арагон, и станал испосник, живеејќи во пештера близу Мантова, 1522 година. (Сите историски извори консултирани за животот на Игнасио Лојола се согласуваат со оваа епизода од неговиот живот. В: Користена литература).
Одел во повеќе мисии, бил познат духовник и мисионер, како што подоцна тоа бил секој добар Исусовец. Учел теологија и латински јазик во Барселона, Алкара и Саламанка  (од 1523 до 1530), а докторирал во Рим, 1540 година.
За Исусовците најважно е образованието!
Во образованието се стремат кон профилирање на високо научен кадар. Лојола е поставен за свештеник во Венеција, 1540 година од страна на папата Павле III. Таму им помагал на болните и сиромашните. Потоа заминал за Рим, каде се сретнал со повеќе истомисленици. Сакал да замине во Ерусалим, ама не му дозволиле Турците.
Верскиот гениј на Игнасио Лојола, како што пишува Елијаде, се потенцира со објавувањето и практицирањето на неговите Духовни вежби, куса расправа која почнал да ја пишува по својата мистичка визија во Манеса, близу Монсерат. Станува збор за практичен прирачник за молитви и размислувања кои, од ден во ден, можат да му бидат од полза на оној (не мора да биде член на дружинаа) кој се осамува за време од четири седмици. ... (Елијаде, 2005: 209).
Духовните вежби ги пишува во 1528 година. За време на конституирањето на редот истите им ги дава на читање и бара одобрување за објавување од своите пријатели. Нив ги доработува, редактира и дополнува во текот на дваесет и шесте години, се до 1548 година, кога е објавена верзијата што е актуелна до денес. Во нив е концентриран тренингот на исусовците сместен во триесет дена. Четиринеделниот период се користи за серии на вежби од духовни медитации. Матрицата е насочена кон прочистување, како на телото, така и на духот. Вежбите се конструирани како духовна практика на верникот, која се активира еднаш годишно. Се изведуваат осамено, под менторство на духовниот водач. Духовниот водач се повикува според потребите, најчесто на крајот од вежбите, за да се споредат искуствата и за да може да се потврдат резултатите. Како што тоа го забележал и илустративно го нагласил Елијаде, самотникот научува да го сакрализира просторот во кој се наоѓа пренесувајќи го со помош на имагинацијата во просторот во кој се одвива (сега!) светата историја. ... (Ibid.).   
Игнасио Лојола умрел во Рим, на 31 јули 1556 година. Овој ден се смета како ден на сите исусовечки колегиуми ширум светот. Подоцна Лојола е беатифициран од Католичката црква. Денес е еден од најпознатите светци, со чие име се поврзува значењето на зборот лојален, приврзан, покорен, посветен, како што бил и самиот Лојола кон Бог, односно, кон неговиот емисар на Земјата – Папата. Да се биде лојален = да се биде посветен како Лојола!

3. Исусовци – парадигма за строга хиерархија (воено уредена)

Во 1534 година, на 15 август, седуммина (!)  приврзаници на Католичката црква, водени од надоаѓачката протестанска еуфорија, во координација со Ватикан, во Париз го формираат редот Дружбата на Исус, подоцна познати како Исусовци. Местото на настанот во Париз е ридот Монмартр, поточно Сен Дени/Saint Denis, малата црква која стои и денес на истото место. Во Париз, две години подоцна ќе им се придружат уште тројца нивни пријатели. Со одобрение на папата – Павле III/Paul III, ќе заминат во мисија во Ерусалим. Освен Игнасио Лојола, основачи на редот се неговите пријатели-колеги од Сорбона: Франсис Ксавиер/Francis Xavier (познат и како првиот исусовечки мисионер во Индија), Петер Февр/Peter Favre (прв од сите седуммина ракоположен за свештеник), Николас Бобадила/Nicolas Bobadilla, Диего Лањез/Diego Laynez, Симон Родригез/Simon Rodriguez и Алфонсо Салмерон/Alphonso Salmeron. Овие симболично изброени седуммина ќе се обидат да го вратат големото влијание на Црквата и посебно, големото влијание на папата. Пасказ Броет/Paschase Broet, како и двајцата другари на Петер Февр – Жан Кодур/Jean Codure и Клод ЛеЖе/Claude LeJay, ќе им се придружат подоцна. Нивното мото кое е задржано и како лого до денес, во најбројниот и најактивниот католички ред, воопшто, е AD MAJOREM DEI GLORIAM (или во превод За големата Божја слава)!
Во темелите на Редот се вградени Водечките правила (Канони), пошироко познати како Уставот на Лојола. Овие канони ги востановил Лојола во 1554 година. Нив ги наведувам во оригинал, преземени од актуелната интернет презентација на Исусовците (www.jesuit.org):

1. Да бидат на располагање на Папата
2. Да одат каде што тој ќе им нареди за да спасуваат души
3. Да не прифаќаат никаков имот, освен ако не им нареди Папата
4. Да не носат специјална облека
5. Да не мачат и да не бидат мачени
6. Да не одат на заедничка служба
7. Да ги земат трите големи завети, а елитните и четвртиот
8. Да ја шират верата со проповедање, духовни вежби, милосрдие и образование во Христијанството

Секое од овие осум правила е базирано на четирите завети.
Првото правило е целосно во корелација како со заветот на покорност кон Папата, така и кон заветот на послушност. Според овие правила, исусовците ги запознаваме како длабоко мотивиран религиозен ред, целосно фокусиран кон зачувување на опстанокот на Црквата и ширење на нејзините учења.
Редот е организиран слично како и било која голема воена формација, а на неговиот врв се наоѓа Генералот на Дружбата. Поделен е (грубо) на ученици, братство и елита. Самиот Игнасио бил избран за прв Генерал на Дружбата, во 1541 година. Таа позиција ја задржал до крајот на неговиот живот, во 1556 година.
Тренингот во редот бил долг и тежок. Во базичната хиерархија се наоѓа подмладокот. Неговите питомци имаат две години теориска подготовка и практична мисионерска, волонтерска работа. Потоа мора, задолжително, да заминат на аџилак. Ако го поминат добро овој претквалификациски период (а може и без образложение да бидат истерани од редот), тогаш им следува 10-12 години активна едукација – студирање Теологија, Филозофија и Хуманистички студии, како и учењето како да се подучуваат другите, бидејќи основата на Исусовците е доброто образование. Тоа е доволно да се стане, според нивната номенклатура – образован схоластик. Следното ниво на едукативната прогресија е образован асистент, па се до предавач (најчесто, функција на припадниците на свештенството).

Четирите завети на Исусовците, кои се полагаат и денес, се:

1. ЧЕСНОСТ
2. ПОКОРНОСТ
3. СИРОМАШТИЈА
4. ПОСЛУШНОСТ КОН ПАПАТА

Овие завети се полагаат при премин од еден во друг повисок степен во редот. Обуката на Исусовците прво е еднаква за сите, а по стекнатиот повисок степен се разгрануваат во две групи, кои и понатаму стеблено се разгрануваат. Едните кои сакаат да се замонашат и на тој начин да партиципираат во дружбата се делат во Братство, а другите кои сакаат активно да го пренесуваат своето знаење и умешност во Свештенство. Основата ја прават неофитите . Во своите почетоци го учат животот во заедништво и традицијата. Практицираат духовни вежби, и две години напорно работат и учат. По давањето на заветите за сиромаштија, чесност и покорност, ако се избрани, ќе продолжат да се образуваат во рамки на редот. Подредени се перфектно, како и секоја воена формација. Братствата се подредени на теолошката едукација и се специјализираат за некоја определена вештина или професија. За разлика од нив, Свештенството, изучува теолошки и филозофски студии и практицира однапред зададен тренинг. Работат макотрпно неколку години. Во секој миг, сите припадници на редот зависат од елитата, и ако елитата не е задоволна од нив, без образложение ги отпишува од редот. Се разбира, дека, нивниот живот е конципиран како живот во заедница.

Редот накратко го укинува папата Клемент XIV, во 1773 година, со образложение дека Исусовците ги надминале своите овластувања. Причините за острата забелешка на Папата се бараат во многуте ингиренции што си ги припишале членовите на редот за да ја спасат Црквата. Нивното делување отсекогаш било таинствено, задкулисно, длабоко промислено, строго и целосно подредено кон општите канони на Лојола. Каноните ги толкувале онака како што претпочитале дека е најдобро. Не бирале средства при постигнувањето на своите цели. Методите на делување ги приближиле до Светата инквизиција, уште во самите почетоци на редот. Долго се прераскажувала епизодата, поврзана со Лојола, кој навреден од одредена група на протестански свештеници, му се пожалил на главниот Инквизитор. Истата група подоцна била уапсена и не се знае како завршила. Вакви слични приказни се нераскинлив декор со митотворечката аура поврзана со исусовците.
Поради големиот притисок, но и потребата да се систематизира, проширува и афирмира религијата, набргу потоа (во 1814 година), на Исусовците пак им го враќа правото да работат и со таа дозвола, како официјален црковен ред, функционираат до денес.

4. Исусовечките школи – колегиуми, системот на образование и театарот

Исусовците основале, формирале и презеле многу училишта. Безмалку сите училишта во католичкиот свет. Поради посветеното учење и напредните училишни методи и високата моралност се сметаат за првите реформатори на образованието. Класичните учења на Ренесансниот хуманизам ги вградиле во схоластичката структура на католичката мисла. (Donohue, 1963)
Едукативниот систем им е насочен кон совладување на многу јазици (кога се оди во мисија, мора да се познава матичниот јазик), дипломатија, класични литератури, филозофија, поезија, народна литература и реторика (една од најважните дисциплини, од кои подоцна се раѓаат и театарските претстави), се на се, едно цврсто конципирано класично образование кое понатаму ќе се надградува.
Исусовечките колегиуми се изградени по принципот се на едно место, за полесно совладување на материјалот. (Ваквиот принцип е задржан до денес, посебно во едукативниот систем на САД).
Почнуваат од примарно, основно образование еднакво на сите, за потоа оние што се заинтересирани да му пристапат на редот, да продолжат во специјалните колегиуми. Пристапниците кон редот, може, но и не мора да го имаат поминато општото основно исусовечко образование. Основното образование (од основно училиште, па дури до колеџ) може да го посетуваат и оние што не му припаѓаат на редот. За разлика од тоа, за припадниците на редот едукативниот систем е подреден во насока на основните канони на Лојола и на ширењето на верата.
Во текот на шеснаесеттиот и седумнаесетиот век, многу активно, Исусовците го преземаат образовниот систем во сите земји каде што е доминантна католичката религија. Организирано се поставуваат и се позиционираат на повеќе скалила на јавниот и општествениот живот. Ги има низ целиот свет, а сведоштва за нивното постоење има до денес (еден илустративен пример, во Скопје, Католичката црква го носи името Братство на Исусовото срце, што е еден посебен доказ дека црквата е рецидив на поранешна исусовечка ќелија).
Едукативниот систем го организираат како ќелии. (На сличен начин денес се организираат голем број организации – од политички партии до терорстички организации. Од ова се гледа огромното влијание на целокупната култура што го извршиле припадниците на друштвото).
Секоја ќелија е раководена како единица која функционира посебно, но и во корелација со целиот систем. Главни едукативни дисциплини на кои најмногу се посветувало внимание во почетните одделенија се: реторика, дикција и мнемоника.
На крајот од семестарот (а ги имало два, како и во денешниот систем на образование! – повторно исусовечка придобивка), како и на 31 јули (денот на Св.Игнасио) се одржувале приредби (=претстави) на кои учениците требало да го покажат своето владеење на овие дисциплини. (Donohue, 1963)
Правоговорот, вештината на говорење и вештината на паметење, биле важни за сите ученцици, без разлика на тоа што ќе специјализирале понатаму. Од овие приредби (=претстави) се раѓа еден театар кој ќе восхитува и денес. Од напишаните драмски текстови со високо моралистичка религиозна содржина се прават претстави кои треба да го восхитат обичниот гледач. Затоа што приредбите на учениците не ги следеле само тие, туку и нивните родители и роднини, или воопштено, целата религиозна заедница. Репертоарот го сочинуваат претстави со библиски и митолошки теми, кои се исти насекаде во исусовечката заедница. Одобрени од Папиниот индекс (Конгрегација за книгите) тие се изведуваат со цел да едуцираат, поучат и морализираат. Овие текстови се познати и под името језуитска драма. Драматолошки се дефинираат како религиозни театарски дела на латински јазик, кои ги изведувале лаици; ги пишувале главно наставниците во исусовечките школи и ги изведувале учениците за да ги вежбаат реторичките вештини и умешностите на однесувањето. (Konstantinovic, 1992: 321)
Освен училишни, се прават и првите професионални претстави. (MacDonell, 1995)
Професионалните претстави се изведуваат во згради, на сцена. Познато е дека првите театарски згради се изградени во Ренесансата, па така  во овој период тие се развиваат и стануваат место за масовна популаризација на религијата.
Наследството од Ренесансата (целата насочена кон човекот и максимата на Леонардо Човекот е мерка на се!) сега веке не може да се користи. Ова е време на барок, на уметност која се враќа кон средновековните идеали, кон Бог и Црквата. Затоа е потребно да се направи претстава што ќе предизвикува, восхитува, а при тоа и подучува.
Основното правило на овој тип театар се наоѓа во комуникацијата. Мора црквата
(Папата, Исусовците) да го контролираат народот. Во овој театар формата е поважна од содржината. Главната максима е дека Уметничкото дело треба да восхити!


* Заклучок

Исусовците, најпознатиот католички црковен ред (братство или дружба) на театарскиот свет во наследство му оставиле многу придобивки. Сите тие имаат еднакво значење, како во периодот кога се појавиле, така и денес. Целта на овој труд беше (се надевам и ја постигна) од ракурс на театарската историја да се дознае правата придобивка или наследство што Исусовците му ја оставиле на целиот театарски свет, без разлика на неговата матична религиозна припадност. Водејќи го читателот по организираните патишта, како на редот, така и низ биографијата на неговиот основач, настојував да покажам, докажам и прикажам, дека Исусовците му помогнале на театарот, исто како што тоа го сторил театарот во нивниот образовен систем. Макар што се повеќе мистифицирани отколку научно елаборирани, сепак денес Исусовците се пристапни за анализа и истражување. За потребите на оваа студија истражував историски податоци, како од историите на религиите, така и од историјата на театарот. Театарската историја е податлива научна дисциплина, која слично на архитектурата, постоењето на еден артефакт, или пак, дел од артефакт, го користи како геном за да може да ја направи реконструкцијата. За разлика од анализите на театарските претстави, кога задолжително се прави реконструкција на самата претстава, во оваа студија се обидов да ја реконструирам епохата на исусовците за да може полесно да се разберат некои од денес нашироко признатите и познатите нивни придобивки. Истражувањето го спроведував низ лавиринтските врвици помеѓу теоријата, историјата, забавата и мистиката. Етеричното настојував да го материјализирам, а материјалното даго сакрализирам. Ваквата алхемичарска функција не си ја доделив a priori, таа самата се наметна во текот на создавањето на студијава.
Се разбира дека и понатаму, исто како и театарот, и историските (а-историските, легендарните, мистичните) знаења за исусовците ќе се обидат да не заведат со класичните методи на таинственот, необјаснивост, премолченост. Во тоа е убавината, таму е решението на загатката!


Користена литература:

Batusic, Nikola (1991) Uvod u teatrologiju, Zagreb: Graficki zavod Hrvatske.

Catholic Encyclopedia (2004) from: http://newadvent.catholiccompany.com/product.detail.htm (25 april 2005).

Donohue, John W. (1963) Jesuit Education, New York: Fordham.

Елијаде, Мирча (2005) Историја на верувањата и религиските идеи, том III, Скопје: Табернакул.

Jesuits (----) from: http://en.wikipedia.org (25 april 2005).

Jesuits (----) from: http://www.jesuits.org (25 april 2005)

Кар, Едвард Халет (2001) Што е историјата?, Скопје: Слово.

Konstantinovic, Zoran (1992) Jezuitska drama vo: Zivkovic, Dragan (ured.) (1992) Recnik knjizevnih termina, Beograd: Nolit.

Лужина, Јелена (2000) Историја на театарот: Ретроспектива или, можеби, перспектива, во: Лужина, Јелена (прир.) (2000) Прилози за историјата на македонскиот театар, Прилеп: МТФ „Војдан Чернодрински“.

MacDonell, Joseph (1995) Companions of Jesuits, Fairfield: Fairfield University.

Molinari, Cezare (1982) Istorija pozorista, Beograd: Vuk Karadic.

O`Malley, John (1993) The First Jesuits, Cambridge: Harvard University Press.

Salamanca (----) from: http://www.usal.es/web-usal/Ingles/Universidad/Historia/Historia.shtml (20 jun 2005)

St.Ignatius Loyola (----) from: http://www.ignatiushistory.info/01521.html (25 april 2005).

Vatican (----) from: http://www.vatican.va (25 april 2005).

Waterworth, J. (ed.) (1848) The Council of Trent, London: Dolman (пристап од скенираниото издание на интернет во http://hanover.history.edu/project.html (25 april 2005))


Белешки:

1. Во 1517 година на вратата од капелата во Витенберг, Мартин Лутер, буквално се чекан го заковува листот на кој се испишани деведесет и петте тези против католичката црква, а посебно против постоењето на небесен амабасадор во лицето на папата. Затоа и редот на Исусовците е насочен директно само и за папата.
2. Тридентски концил е специфичен црковен собор одржан во малото италијанско гратче Тренто/Trident, на кој осумнаесет години (18!) највисоките свештеници на Римокатоличката црква, повеќето – кардинали, заседавале како да се спаси католичката вера од продорот на Протестантизмот. Почнал за време на понтификатот на Павле III, a  завршил за време на Пиј IV. По заклучоците на Тридентскиот концил се формирани две клучни институции, кои и денес се многу актуелни. Конгрегацијата за книгите или Папин индекс е институција позната како официјална цензура на католичката црква. Сите книги и уметнички артефакти во католичкиот свет пред да бидат објавени, требало да имаат дозвола од оваа институција. Конгрегацијата за науката на верата е институција што се грижи за сите аспекти штитењето и ширењето на верата.  (Според: Waterworth, J.(ed.) (1848) The Council of Trent, London: Dolman, достапен како скенирано издание на интернет: http://hanover.history.edu/project.htm)
3. Војник-сладострасник или хедонист, уживател на убавите работи во животот, во комбинација со добар пијалак и добро друштво
4. Ова се најголемите и најреспектираните универзитети во Европа, а воедно и  најстарите кои успешно работат до денес. Универзитетот во Саламанка е основан во 1218г. од, Кралот Алфонсо IX и е една од најеминентните школи во Европа, по редот на основањето е втор (прв е Универзитетот во Болоња). За Исусовците од секогаш им било важно образованието и затоа и местата на кои се образувале морало да бидат значајни.
5. Оперирањето со симболични и магични бројки е целосно искористено во религиозните книги и прирачници. Не случајно и историјата за редот на Исусовците започнува со еден од најшироко семантизираниот број седум.
6. Неофит значи нов човеки, се поврзува најчесто со првиот степен во било кој религиозен или мистичен ред. Неофит = новајлија, новодојден.