ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Wonderland Theatre - рецензии

Wonderland Theatre - Скопје

Лилјана Мазова: 5:17 на Нела, Ана, Драгана ... за еден град - Скопје

______________________________________________________

Лилјана Мазова: 5:17 на Нела, Ана, Драгана ... за еден град - Скопје

Лилјана Мазова
Нема поубава театарска приказна од онаа во која баш убаво ќе не вовлечат нејзините творци.

Можеби и ќе не разнежнат, но сигурно кон сето она што е создадено ќе почувствуваме радост од концептот, играта, приказната која е твоја, моја, нивна, наша ... иако се работи за различни времиња и различни генерации. За нашиот град - за Скопје, за неговите мали луѓе и нивните приказни од пред 50 години - во очи на големата катастрофа земјотресот на 26 јули 1963 година. Во таа приказна убаво се препознаваат и денешните новородени генерации во градот кој „неговите жители се посебно наклонети кон задоволста и уживања. Живеат како секој ден да е последен. Не се штедат од ништо, јадат, се опиваат, љубат.“

„5:17“
Претставата е со повод, ама и со многу умеење. Насловот е од оној час/миг кога се случи големата катастрофа: земјотрес со јачина од девет степени по Рихтер, под урнатините останаа/загинаа 1070 граѓани, според статистиката 80 отсто од Скопје беше разурнато...

Продукција е на независниот театар „Вондерленд“. Насловот е „5:17“, авторка на текстот е Ана Ристоска, режисерка е Нела Витошевиќ, актери се Драгана Костадиновска, Дениз Абдула и Стефан Вујисиќ. Премиерата (23 јуни) се одигра во кафулето „Интро“, во спомен обележјето на Скопје - Старата железничка станица.

Дел е од програмата на Скопското културно лето. Ќе се игра таму, или било каде, како претстава по која му се радуваме на театарот и на неговите творци, зашто внеле многу умеење, работа, постапка и моќност. Радува и нивната младост - енергична и сосема јасна, радува нивната мисла, посветеност и верба во она што го создаваат. Со право. И не само што тие имаат право, во право сме и ние кои сме биле активни гледачи на нивната умешност.

АНА
Во време од првите студентски (испитни) драмски текстови на Ана Ристоска до денес има седум/осум години. Доволно време да се открива нејзината определба - драмско писмо кое целно му се обраќа на светот во/со/околу неа.

„Колегата“, „Ќерка“, „Големи очекувања“ (дипломска претства во Македонскиот народен театар - Скопје, тема е животот во театарот), „Лилика“ (драматизација по мотиви од истоимениот расказ на Драгослав Махаиловиќ), сега изведената драма „5:17“ и веројатно уште други кои сеуште се само нејзини.

За „градот на учени луѓе и големи господа, градот кој некогаш бил гнездо на поети и пријатели на сиромашните“, за градот кој секои петстотини до илјада години ќе се уништи и потоа, врз пепелта или урнатините одново се раѓа со нов лик. „Во тој град, пред светлината да ја наруши темнината во пет часот и седумнаесет минути за миг времето застанува .... тргнува возот на кој градот не му е позади а месечината не му е напред“...

Ана создала чувствителна приказна во која се неколку индивидуални приказни. Нема класична реплика на ликови, туку еден вид на наратори кои ги пренесуваат/толкуваат индивидуалните судбини на десет различни ликови/карактери. Драмата ја конструира според најновата европска естетика што за основа има чувствителност и мозаичност, филмичност.

Има Женски лик кој толкува карактер, чувста, убавина, став, живот на Балерина, Мајка, Поетеса, Матилда (мачка, ама не улична туку уживање, портретирање, галење, мазење); има Прв машки лик (Доктор, Син, Математичар, Дрво); има Втор машки лик (Татко, Машиновозач, Старец на 90 години).

Градот на Ана и е од неговата историја, од приказните и спомените на други, вистински или не - секој за себе сам си открива. Заедно, и додека текстот се чита и додека се гледа изведбата, тој е наш, мој, твој. Мозаичната приказна има свој тек во кој се менуваат убави, комични, емотивни раскажувања (главно во трето лице еднина). Кога ќе „се  ’прероди‘ градот некои луѓе умираат, нови се раѓаат, а оние што преживуваат се ни таму ни овде, не можат да се пронајдат и живеат во сеќавањата.“ Вкупно, судбини кои таа ги вади од меморијата на градот, со точни локации, професии, нивни состојби, нивна чувствителност. Нема никаква претенциозност да се биде хроничар на едно време. Напротив, времето да се повика и на животот да се гледа со отворени очи низ/во отворената драматуршка структура на текстот.

НЕЛА
Младата режисерка Нела Витошевиќ студиите по режија ги заврши во класа на проф. Слободан Унковски. Работи на алтернативната и на професионалната сцена. За „Змејовата невеста“, текст на Димитар Георги Молеров (1874-1961), кој долго чекаше на праизведба и токму таа тоа го постави со ансамблот на Прилепскиот театар (како мјузикл), Нела е годинашен добитник на единствената награда за режија (а театарот за најдобра претстава) на МТФ „Војдан Чернодрински“. Две нејзини претстави/режии се наградени и на МОТ (домашна продукција). Театарот на Нела е отворена мисла/размисла за приказните на малите луѓе во време кое никогаш не е на нивна страна.

Во „5:17“ театарската интрига/провокација таа ја спроведува низ отворениот систем на работа со екипата/актерите и публиката. Близината/интимата со интимните приказни од „5:17“ се оформени како амбиентален театар кој е очи в очи со публиката за која во просторот во кој се игра има само четириесет (40) места. Актерите карактерите/ликовите ги играат од позиција на посматрач кој е во мозаичната структура на дејствието со филмска нарација, брза промена на ликот и настаните, слика е на едни луѓе кои ги живеат своите соништа и животни дилеми без да помислат дека тој ден, ноќта или раното утро, се околу нив ќе се урне, ќе ги снема под урнатините...

Ставајќи се себе и актерите меѓу гледачите, сите тие (па и гледачите) се во состојба во која секој ја развива својата фантазија. Секој е дел/учесник во таа игра без граници, поткрепена со емоции на дофат, движења, танц, брза преобразна, нарација - односно посматрач. Мозаичноста на текстот во изведбата користи и филмска нарација.

Автентичноста, која практично може да важи за секој град или секое време, ја поткрепува со музика на легендарниот Драган Ѓаконовски-Шпато и токму од времето во кое е лоциранаа драмата, и со италијански или француски канцони (исто од она време) на кои актерите пеат или танцуваат. И, веројатно, секој од присутните, сака да им се приклучи. Брзината со која се движи приказната е клучна. Исто како и работата со актерите кои се во позиција постојано да влегуваат од еден во друг лик - секогаш како раскажувач.

ДРАГАНА, ДЕНИЗ, СТЕФАН
Драгана Костадиновска е од младата македонска актерска генерација на која и се верува. Таа тоа го потврдува/докажува со секој лик во секоја нова претстава. Во работата со режисерката Нела Витошевиќ во „5:17“ таа е Женскиот лик и ги пренесува/моделира или модерира ликовите на Балерина, Мајка, Поетеса, мачката Матилда. Во балетски патики и нежно розово фустанче, само со една бела долга марама, се преобразува во сите нив. Чувствително, одмерено, суверено во секој од нив.

Близината со гледачот ја користи како инспиративен мотив за отвореност кон играта, истражување до степен на сведеност на состојба во која се чувствуваат внатрешните и гласните монолизи на различните ликови. Дениз Абдула и Стефан Вујисиќ, секој во по еден од Машкиот лик (Доктор, Син, Математичар, Дрво и Татко, Машиновозач, Старец на 90 години), во ограничениот простор и играта без ограничување на фантазијата што ја поставува режијата на Нела, се исто млади актери со добри перформанси. Секој е во новиот лик за миг, за миг е во другиот, за миг му се враќа на претходниот или оној пред него, игра некој друг, исто од позиција на „разкажувач“ на лик/карактер/наратор а оживувач на конкретен карактер.

Тројцата заедно функционираат сложно во прецизно „исфантазираниот“ режисерки концептна Нела Витошевиќ.

Глобус, 25.06.2013