ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: МКЦ

Младински културен центар

Лилјана Мазова: За жената со безгранична љубов за отфрлените и осамените
Борче Грозданов: Актерска сага за лудилото
Лилјана Мазова: Емотивна театарска приказна за сексот и за лагите

______________________________________________________

Лилјана Мазова: За жената со безгранична љубов за отфрлените и осамените

Лилјана Мазова
За Мајка Тереза, во светот најпознатата скопјанка по хуманоста и добитничка на Нобеловата награда за мир (1979 година), по објавените книги, снимени филмови и бескрајни вистински приказни за нејзината безгранична љубов и посветеност на отфрлените и осамените, а во чест на првите сто години од нејзиното раѓање (родена како Гонџа Бојаџиу во Скопје 1910, а почината како Мајка Тереза во Калкута во 1997 година), е создадена театарската претстава „Светица на темнината“. Иницијатори/реализатори се Спомен домот Мајка Тереза во Скопје и Министерството за култура на РМ. Премиерната изведба се одигра во Младинскиот културен центар (28 јануари, 2011), а за натамошниот век на следните изведби, со оглед на пригодноста, се најавени други простори, места, земји...
ИЗМЕШАНОСТ Претставата по текстот на Венко Андоновски, во чиј поднаслов е напишано „во спомен на Мајка Тереза, светица на оние од калта (1910-1997)“, се измешани документарен приказ на нејзиниот живот и авторовиот светоглед на тој живот. Фасцинацијата од првото го потемнува второто. Недефинираното драмско дејствие за посветеноста на Мајка Тереза кон напуштените, болните и сиромашните, иницијално го бара човекот кој докажа дека добрината нема граници. дека со неа може да се биде почитуван, најпочитуван граѓанин на светот; да се биде  светица на темнината, односно темнината да се претвори во светлина. Второто ниво не дозволува повеќе од сценско редење на драмската приказна. Оттука е и реализацијата која го задоволува третото и единствено ниво на изведбата: пригоден сценски приказ. Иако во него се главно театарски творци кои сами по себе создаваат повеќе, тие во „Светица на темнината“ се затворени во текстот кој не остава простор за отворена сценска игра и театар кој ќе има став и процес. Доминантноста во нагласката на документарното наспроти допадливата идеја за театар кој би кажувал многу повеќе и многу по целно, потпората ја бара во следот на фактите за животот и делото на родената скопјанка – сиот живот го поминува во Калкута – со што е речиси невозможно да се оди подалеку од она што текстот го има како драмско дејствие.
ОГРАНИЧЕНОСТ Режисерката на „Светица на темнината“ Нина Николиќ со   актерите Сабина Ајрула-Тозија и Амернис Нокшиќи-Јовановска и актерите  Дејан Лилиќ, Емил Рубен и Ѓорѓи Јолевски, го вади максимумот од текстот. Режијата ги следи сцените и ги позиционира знаците исклучиво низ играта на актерите. Сцената е речиси празна: само актерот и тој во ликот. Реалистички, документарни, се и костимите на Мери Георгиевска, а музиката на Александар Пејовски ја следи режисерската идеја: колку е можно да се премости еднолиниската ограниченост на драмска структура.
Поделеноста на ликовите на Мајка Тереза меѓу искусната и посветена на ликот/ликовите Сабина Ајрула-Тозија (на почетокот како мајка на Гонџа, а подоцна Тереза во повозрасните години и до крајот на животот) и со енергијата и суптилната трансформација на Амернис Нокшиќи-Јовановска (како младата Гонџа и сестра Агнеса) низ режисерските и актерски знаци разбива делови од зададената монотонија. Ајрула-Тозија ги внесува сето свое искуство и енергија во целта и фасцинацијата да ја прикаже енергијата и хуманоста на големата Мајка Тереза.
Евидентна е и дисциплината и спокојот на искусните актерите Дејан Лилиќ и Емил Рубен кои низ сопствената моќ го доградуваат она што го нема, со што на 50. минутниот сценски тек за големиот косполит Мајка Тереза за која, заедно со театарската екипа, во принцип, би се очекувала да се и главна мамка за публиката.

Глобус, 01.02.2011