ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Мал драмски театар - Битола

Мал драмски театар - Битола

Александра Бошковска: Затворена и некомуникативна претстава
Цветанка Зојчевска: Контролирана интима
Лилјана Мазова: Создавање театар во движење
Лилјана Мазова: Животот како слика која емитува несреќи

______________________________________________________

Александра Бошковска: Затворена и некомуникативна претстава

Долго очекуваниот копродукциски проект „Црвено“, работен според хит-романот „Се викам црвено“ на Орхан Памук, ја доживеа својата премиера во Битола на сцената на Народниот театар.

Актерската екипа, составена од четири држави, настапи пред салон полн со публика, нестрплива да ја види новата претстава на Мартин Кочовски, режисер кој преку своите постановки ја возбудува и позитивно ја вознемирува македонската театарска јавност во последно време. Па сепак, она на што сме навикнале, а тоа е интеракциска експлозија меѓу сцената и гледалиштето, овој пат комплетно изостана.

Да нема недоумици, „Црвено“ е далеку од лоша претстава. Во неа сите елементи се креативно и професионално склопени, а актерите играат со многу страст и верба во она што е создадено. Театарскиот јазик е инвентивен и иновативен, зборот, иако присутен, е потиснат од музиката, криците, примитивната и примарната артикулација. Сценските слики се визуелно убави и чисти, секоја со сопствена динамика и впечатлив пресврт.

Но, гледачот не може да се оттргне од помислата дека постановката тече покрај него, како некој визуелен и аудиофон во кој не може да продре и кој не го допира. Дејството, иако е ставено во ритуален контекст, спакувано е во премногу херметичка рамка и тешко се следи. Се чини дека претставата се одвива на три различни плана - наративен, идеен и естетски, кои склопени во вака дадената целина не се надополнуваат. Напротив, работат еден против друг и создаваат чувство на конфузност.

Претставата изобилува со решенија и идеи веќе понудени и исцрпени од истиот режисер во другите негови претстави: генерациската реакција на сите револуции и еволуции на балканските простори, оргазмот како чин на тотално ослободување, па и кучешкиот мотив, кој во една сцена е сосема цитиран од постановката на „Друга страна“.

Но, би било неправедно ако не го потенцираме целосно посветениот удел на актерскиот ансамбл во кој учествуваат актери од Македонија, Словенија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора: Илина Чоревска, Стефанија Зисовска, Огнен Дранговски, Бајруш Мјаку, Здравко Стојмиров, Уршка Вохар, Јелена Русјан, Кристина Стевовиќ, Бојана Кнежевиќ, Аднан Хасковиќ, Алдин Омеровиќ, Ведран Ѓекиќ. Тие со исклучителна дисциплина владеат со сцената, го освојуваат просторот со својата пластичност и создаваат тимска комуникација која успева да произведе неколку свежи и провокативни сцени, како сцената со ритмичното тепање, сцената со коњите или сцената на ритуалното убиство на Бајруш Мјаку.

За визуелниот дел на претставата се погрижија турскиот режисер и сценограф Нурла Тунџер и македонскиот костимограф Марија Пупучевска. Музиката, која и овој пат беше интегрален дел од претставата, е дело на Оливер Јосифовски.

Дневник, 21.09.2010