ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови

Почетна страница

© Институт за театрологија. 2004

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст ]


   ФАКУЛТЕТ ЗА ДРАМСКИ УМЕТНОСТИ - СКОПЈЕ

    Почетокот на Факулетот за драмски уметности го бележиме со основањето на Одделот за драмски актери при Вишата музичка школа во Скопје, во 1969 година. На тој начин беше овозможено образование на актерски кадри за театарска, филмска и телевизиска продукција.
    Развојот на Одделот за драмски актери, како и афирмацијата на првите завршени студенти придонесе во 1979 година овој оддел да се осамостои во Факултет за драмски уметности. На Факултетот се уште се школуваа само актери, но веќе се зацртуваа плановите за развој и на други оддели, во согласност со потребите на нашата култура и творештво.
    По обемни подготовки, во 1986 година се формира уште еден оддел - за режија и за драматургија. Три години подоцна, во 1989 година, се формира Оддел за организација, а во 1992 година и Одделот за филмска и телевизиска камера, како и Одделот за филмска и телевизиска монтажа. На овие нови оддели се примаат студенти секоја четврта година.

    Придонесот на Факултетот за драмски уметности во културата и творештвото во Македонија е несомнено и е забележано повеќепати. Во овој миг, генерациите актери, режисери, драматурзи, сниматели, монтажери и продуценти школувани на Факултетот се движечка и носечка сила на театарското, филмското и телевизиското творештво. Тој успех беше истакнуван и наградуван на многу национални и интернационални фестивали.
    Наставничкиот и соработничкиот кадар на Факултетот е составен од најпознати творци во областите кои ги предаваат: режисери, актери, драмски автори, познавачи на сценскиот говор и сценските движења и танци, мајстори на камера и монтажа, театролози, организатори на крупни потфати од нашиот културно-уметнички живот. Најголем број од нив се добитници на значајни награди, за животно дело, за одделни остварувања и за посебни придонеси во творештвото.
    Развојот на Факултетот беше овозможен од придонесот на вработените во него, од нивниот ентузијазам и согледувањата за негово комплетирање, но уште повеќе од поддршката што тој ја имаше во општествената заедница, од театрите, филмот, телевизијата, културните
домови, од Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" и од државните органи задолжени за образованието и културата. На тој начин можеше да се надминат многубројните тешкотии со кои се соочуваа вработените на Факултетот, а кои доаѓаа како резултат на обемната и се пошироката и поразновидна настава. Така, Факултетот можеше да се прошири, да биде релативно добро опремен, да набавува нови технички средства, да ја збогатува својата библиотека со стручна литература, неопходна за образование на студентите.
    Факултетот е забележително присутен и во културните и уметничките движења и активности во Македонија. Не само што негови наставници и студенти учествуваат во остварувањето на многу проекти, туку и продукцијата која се создава во рамките на наставата предизвикува мошне голем интерес во јавноста. Оттаму, Факултетот со одделни класи честопати учествува на фестивалот Охридско лето, на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп, на Фестивалот на аматерски и алтернативни театри - ФААТ во Кочани, на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола  итн.
    Исто така, врските на Факултетот за драмски уметности со сродните факултети се релативно добро развиени, особено со оние од балканските земји. За тоа голем придонес има Фестивалот СКОМРАХИ. Идејата за интернационален студентски фестивал почна да се остварува со мошне значаен успех, особено ако се имаат предвид околностите во кои се одржуваше овој Фестивал: војна во блиските простори, развивање на национализам и аутархизам во одредени средини, недоразбирања поттикнати од страсти, болки и страдања.
    При Факултетот за драмски уметности работи и Институт за театрологија, развиен како дел од научно-истражувачката дејност на Катедрата за теориски и историски предмети. Членовите и соработниците на Институтот досега континуирано ја систематизираа и пополнуваа театарската дата-база, на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп организираа четири симпозиуми од областа на театрологијата, подготвија и реализираа четири зборници и неколку книги од областа на театарот. Овој тим, кој работи под раководство на проф. д-р. Јелена Лужина, ја  изработи и 
првата дигитална енциклопедија подготвена и публикувана во Македонија, воедно и единствена дигитална театарска енциклопедија на Балканот, Театарот на македонската почва.

КАТЕДРИ НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ДРАМСКИ УМЕТНОСТИ

1. Катедра за драмски актери (востановена во 1969);
2.
Катедра за театарска режија;
3.
Катедра за филмска и телевизиска режија;
4.
Катедра за драматургија;
5.
Катедра за организација;
6.
Катедра за филмско и телевизиско снимање;
7.
Катедра за филмска и телевизиска монтажа;
8. Институт за театрологија.

    Во рамките на Факултетот работи Секретаријат, со сите служби неопходни за опслужување на наставата, Студио за продукција, дистрибуција и архивирање на проектите од наставната програма, Библиотека со видеотека. Факултетот располага со една сала со сцена, како и со четири помали сценски простори за практична настава и за вежбање на задачите, а има можности и за проектирање филмови.

горе