ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови



© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


  МОБ - Балет

Почетоците на македонскиот балет се совпаѓаат со отпочнувањето на дејноста на Операта на Македонскиот народен театар, која е организирана на 9 мај 1947 година. За потребите на овој ансамбл се формира група која има задача да настапува во оперскиот репертоар, толкувајќи ги балетските делници.
Одговорноста да го организира ансамблот, педагошко-репетиторската и кореографската дејност ја понесува Георги Македонски. Својата едукација и сценската активност тој ја остварува во Белград, а со решение на директорот на Македонскиот народен театар (МНТ), Коле Чашуле, на 1 јули 1948 година, Македонски е прераспределен на работно место во Операта, за да се формира балетски ансамбл.
Младиот ансамбл, составен од воспитаници на Пионерскиот дом „Карпош“, на сцената на МНТ првпат настапува на 27 јануари 1949 година, во балетскиот фрагмент Валпургиска ноќ од операта Фауст на Ш. Гуно.
Потребата од едуциран кадар, подготвен да учествува во реализацијата на првите балетски претстави, ја наметнува идејата за официјализирање на специјализирана едукативна институција. Со декрет на Советот за просвета на Народна Република Македонија во учебната 1948/49 година балетското студио прераснува во Нижо балетско училиште, каде што наставата ја реализираат Георги Македонски, Анализе Асман и Рела Визнер. Истовремено со обуката на првата генерација балетски уметници се одвива и сценската активност, која резултира со подготовка на првата балетска претстава, премиерно прикажана на 30 декември 1949 година. Тоа е четириактниот балет Бахчисарајска фонтана, музика на Б. Асафјев, во кореографија на Георги Македонски.
Во текот на наредните години се формира репертоар во кој е доминантна карактерната жанровска линија, што особено ја развива и ја поддржува Александар Доброхотов, кој во Скопје е ангажиран од 1952 година. Во текот на 1951/52 година е организирано Средно балетско училиште, во кое продолжуваат да се едуцираат првите генерации балетски уметници.
На 26 јуни 1953 година е изведена првата балетска претстава со национална назнака Македонска повест, работена на музика од Глигор Смокварски, поставена од еминентниот југословенски кореограф, Димитрие Парлиќ. Три години подоцна, на 25 мај 1956 година, поставена е уште една претстава која во себе интегрира елементи од македонскиот фолклор, тоа е балетот Охридска легенда на музика од С. Хрстиќ, повторно во кореографија на Димитрие Парлиќ.
Дефинираниот репертоар, заокружениот едукациски процес и перманентната сценска дејност веќе профилира кадар кој се потврдува со својот квалитет. Тука особено се издвојуваат: Натка Пенушлиска, Елпида Паковска, Елица Поповска, Јован Пашти, Смилка Силјанова, Магдалена Јанева, Тони Шулевски, Олга Милосавлева, Емилија Џипунова, Александар Стојановиќ и други.
Во тој период во балетскиот колектив престојува извонредниот балетски педагог и кореограф, Нина Кирсанова, која придонесува за брз квалитативен развој. Таа на македонската сцена ги поставува најзначајните балетски дела од класичниот репертоар: Копелија (1954); Заспаната убавица (1955); Жизел и Штраусијада (1956); Шопенијана (1957). Истата година (1957), Георги Македонски го поставува балетот Лебедево езеро. Официјална потврда за квалитативното рамниште на ансамблот е наградата за најдобра балерина, што ја добива Натка Пенушлиска на Југословенското балетско биенале во Љубљана (1960).
Вториот балет на музика од македонски композитор е делото Лабин и Дојрана од Трајко Прокопиев, изведено на 11 јуни 1958 година. Делото, поставено од Александар Доброхотов, на сцената промовира еден од најзначајните македонски кореографи, Олга Милосавлева, која во овој балет е поставена за асистент-кореограф.
Постојаниот уметнички раст на ансамблот го иницираат и голем број кореографи кои дејствуваат во Македонскиот народен театар: Макс Кирбос, Јитка Ивеља, Јелена Вајс и други. Освен стандардниот класичен репертоар, поставени се и повеќе современи дела: Човек и коб (1960); Жар-птица (1961); Отело (1966); Петрушка (1967).
Рускиот кореограф и педагог Јуриј Мјачин, кој во неколку наврати престојува во Скопје, го одбележува развојот на балетскиот колектив и училиште. Тој на домашна сцена ги поставува: Балетскиот концерт, составен од делови на повеќе класични балети (1968); Рајмонда (1969); Дон Кихот (1972); Мирандолина (1979); Чекори на Терпсихора (1988) итн.. Својот ангажман Мјачин не го ограничува единствено во делот
на кореографијата, туку тој учествува и во едукацискиот процес и влијае во неговото унапредување. Од неговата класа произлегува наредната генерација балетски уметници: Јагода Сланева, Снежана Филиповска, Виолета Бајрами. Во делот на машката интерпретација се издвојуваат: Марин Црвенов, Антон Баталаков, Екрем Хусеин и Александар Хаџиманов.
По Георги Македонски особени заслуги за формирање на македонската кореографија има Олга Милосавлева. На домашна сцена таа остварува над дваесетина самостојни кореографии, при што професионалниот интерес го насочува особено кон фолклорот, профилиран низ балетската естетика, давајќи на тој начин сопствен придонес за утврдување на националната стилско-жанровска линија.
Во 1978 година Балетот и Операта на МНТ ја добиваат Наградата 11 Октомври. Следната, 1979 година, Балетот, кој во првите триесет години е во состав на Операта, се одделува и започнува да функционира како еден од трите уметнички ансамбли на Македонскиот народен театар (покрај Драмата и Операта).
Преминот во новиот објект на МНТ, Балетот го одбележува со премиерната изведба на Легенда за љубовта во кореографија на гостинот од Украина, Анатолиј Шикера, на 17 февруари 1983 година. Во овој период од македонската балетска уметност на сцената се афирмира извонредно квалитетен балетски кадар: Зоица Пуровска, Тања Вуисиќ, Зоран Велевски и други.
Осумдесеттите години ги карактеризира успешниот настап на гостувањата и на фестивалите одржани на ниво на поранешна Југославија. Потврда за тоа се добиените колективни награди: во 1981 година на Југословенско балетско биенале во Љубљана Балетот при МНТ добива награда за изведбата на Охридска легенда, а во 1985 година добива специјално признание за изведбата на Бахчисарајска фонтана. Републичката просветна заедница во 1987 година го наградува композиторот Љубомир Бранѓолица и Балетот на МНТ за постановката и изведбата на Дубровничка легенда. Во 1989 година, пак, за дотогашната дејност, Балетот на Македонскиот народен театар ја добива Наградата на град Скопје 13 Ноември.
Осумдесеттите години наметнуваат и богата активност надвор од сцената на матичниот театар. Освен гостувањата низ Републиката и настапите на фестивалот Охридско лето, остварени се и настапи во Хрватска, Франција и во Кина .
Во поливалентната жанровска структура, покрај класичниот и современиот репертоар и балетите кои се атрибуираат како национални, на сцената на МНТ се забележува застапеност на дела наменети за најмладата публика, како: Петар Пан (1970); Пецо и волкот (1983); Снежана и седумте џуџиња (1988); Волшебникот од Оз (1996).
Последното десетлетие од активноста на македонскиот Балет
(1990-2000) е одбележано со продорот на новиот, модерен балетски израз и со појавата на млади, надежни уметници (Катерина Кипровска, Сандра Мијалкова, Горан Божинов и други). На сцената на Македонскиот народен театар првпат се презентира рецентната танцова естетика, која претставува рефлексија на светските трендови. Со гостувањето на неколку уметници со светско реноме (Драгутин Болдин, Милко Шпаренблек), како и со профилирањето на младата македонска кореографска елита (Искра Шукарова, Гордана Дејан - Поп Христова, Рисима Рисимкин), се дефинира новиот уметнички рецентен израз.
Балетот го продолжува трендот на перманентен раст и развој,
афирмирајќи се во светски рамки, за што најдобра потврда е последното гостување на балетскиот ансамбл во Тајван (1999).


      репертоар: МОБ - Балет
      гостувања: МОБ - Балет
      рецензии: МОБ - Балет