ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови



© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


  МОБ - Опера

Првите оперски претстави во Македонија датираат од 1931/32, кога на сцената на Српско народно позориште во Скопје се поставуваат Мадам Батерфлај на Џ. Пучини и Травијата на Џузепе Верди. За нив известува рецензентот под псевдоним Меломан во весникот Вардар (8 мај 1932). Во овие постановки гостуваат оперските уметници Надежда Архипова, Николај Баранов и Стефан Писек. За заживување на овие опери посебна улога имаат капелмајсторите Леополд Дворжак и Јосип Рајхениќ, како и постоечкото аматерско хорско пејачко друштво „Вардар“. Во 1938 година, на исти полупрофесионални принципи се изведува и операта Кавлерија рустикана на Пјетро Маскањи.
Во смисла на афирмација на оперската уметност во Македонија во дваесеттите и во триесеттите години од 20 век треба да се спомене активноста на Сергеј Михајлов во Штип, каде што тој на аматерски основи ги поставува оперите Кавалерија рустикана, Манон Леско и Палјачи.
Во триесеттите години е регистрирана појавата на првата професионална македонска оперска певица Нада Џамбазова-Креља.
Комлексниот развој на оперската уметност во Македонија датира од 9 мај 1947 година, кога на сцената на Македонскиот народен театар е поставена операта Кавалерија рустикана на Пјетро Маскањи. Иницијатор на овој настан е Здружението на музичките уметници на Македонија, чиј тогашен претседател е Живко Фирфов. Значајни носители на оваа иницијатива и реализација, исто така, се Тодор Скаловски, Стефан Гајдов, Петре Богданов-Кочко и Трајко Прокопиев.
Протагонисти на оваа претстава според програмата: диригент Тодор Скаловски; режисер Бранко Поморишац; корепетитор Лилјана Костиќ; хорот го увежбаа: Петре Богданов-Кочко, Тодор Скаловски, Стефан Гајдов; инспициент Стефан Гајдов; суфлер Живко Фирфов; Сантуца - Елисавета Савченко, Данка Фирфова; Лола - Милка Гушевска; Туриду - Петре Богданов-Кочко; Алфио - Стефан Русјаков; Лучија - Ганка Атанасова-Марковиќ; учествуваат Симфонискиот радио-оркестар, Радио-хорот и Студентскиот хор.
На 1 јануари 1948 година е донесен Указ на Министерството за образование за формирање на Опера при Македонскиот народен театар.
Во развојот на Операта при Македонскиот народен театар (МНТ) се издвојуваат четири периоди: 1948-1963 (до земјотресот во Скопје, кога се урива зградата на МНТ), 1964-1983, период на работа во објектот на монтажниот театар; 1983-1992, период поврзан со работата во новиот објект на МНТ, а последен е периодот од осамостојувањето на Република Македонија до денес.
Во почетниот период ансамблот на Операта се формира со тоа што целосно ги прифаќа, во постојан работен однос, ансамблите на Хорот и Симфонискиот оркестар при Радиото. Во оркестарот се вклучуваат и дваесет и шест италијански музичари, поранешни членови на Филхармонијата од Трст. Нивното искуство и професионализам битно го подигнуваат нивото на овој состав.
Диригенти од овој период: Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Кирил Спировски, Даворин Жупаниќ, Ино Перишиќ.
Вокалните уметници, вработени или привремено ангажирани како солисти се: завршени ученици на Средното музичко училиште во Скопје; потекнуваат од други средини; музичкото и вокалното образование го стекнувале надвор од Македонија; биле истакнати хористи во претходната деценија (меѓу солистите-првенци од првиот периоид се сопраните Павлина Апостолова, Васка Биџова-Гајдова, Зина Креља, Марија Скаловска-Мирчов, Данка Фирфова; алтот Ана Липша-Тофовиќ; тенорите Томче Грнчаровски, Петре Богданов-Кочко, Артур Сурмејан, Васил Ќортошев, Марио Џуранац…; баритоните Благој Петров-Караѓуле, Енцо Серини…; басовите Данчо Митровски, Методија Илиевски Креола).
Еден од најзначајните настани во периодот на формирањето на македонската Опера е уметничката активност на светски афирмираниот диригент Ловро фон Матачиќ во оваа куќа, кој во Македонија престојува од 1948 до 1952 година.
Од 1948 до 1963 година на сцената на Операта при МНТ се поставуваат педесетина дела, или речиси две третини од вкупниот број премиерно реализирани оперски наслови на оваа сцена. Овој податок говори за големиот професионален и работен ентузијазам, но и за значајната општествена и материјална поддршка која ја имала оваа институција. Репертоарот е заснован првенствено на италијанското творештво од деветнаесеттиот век. Сепак, тој се урамнотежува со одреден број дела од француската и од германската класика, како и со дела на современи автори. Евидентно е настојувањето за репертоарска застапеност на различни оперски жанрови.
Други белези на ова предземјотресно време се: планомерната грижа за потребни кадри, често вработувани од други средини; комуникација низ заемни гостувања со уметници од сите центри на поранешна Југославија и од соседните земји; неколку гостувања на светски познати уметници; масовниот одзив на публиката и секогаш полниот салон на Македонскиот народен театар.
Во 1954 година е праизведена првата македонска опера Гоце од Кирил Македонски, по либрето на Венко Марковски.
Во почетокот на шеесеттите години Операта добива позитивен импулс што се должи на вклучувањето на првите македонски академски едуцирани кадри, диригентите: Фимчо Муратовски, Александар Лековски, Ванчо Чавдарски, Ангел Шурев, солистите: Милка Ефтимова, Благоја Николвски, Димитар Мариновски. Природниот и урамнотежен развој на Операта при МНТ е драстично прекинат од земјотресот (1963).
Треба да се потенцира непосредно постземјотресната активност на Операта која повеќе од четири месеци работи под отворено небо, останувајќи и докрај верна на својата публика и на високоетичкото сознание за неопходноста од чинот на духовното во борбата за елементарно опстојување. Редок пример на солидарност е и сејугословенската турнеја, организирана за ансамблите на МНТ од страна на многубројни театарски и оперски куќи од поранешна Југославија (1964).
Периодот на работа во новиот монтажен театар се одликува со неколку карактеристики: смената на генерации, како кај солистите, така и во ансамблите на Хорот и Оркестарот (проблеми решавани спорадично); приспособување на репертоарот и сценските постановки кон симплифицираните можности на новата сцена; заминувањето на видни македонски диригенти и солисти од оваа куќа; намалениот број на премиерите, премиери-обнови, гостувања и вкупниот број претстави; осипувањето на публиката. Но, исто така, треба да се спомене и доаѓањето на нови уметнички имиња, оперски уметници од врвен калибар, како што се: диригентот Олджрих Пипек, солистите Георги Божиков, Анастасија Димитрова, Паулос Раптис, Анастасија Низамова, што резултира со неколку премиери и премиери-обнови, чии високопрофесионални перформанси наоѓаат соодветен одглас кај рецензијата и кај публиката.
Од ова време датира и единствената турнеја на целиот ансамбл во повеќе европски земји, како и трајното вклучување на Операта во програмите на најзначајната музичко сценска-манифестација во Македонија, меѓународниот фестивал Охридско лето.
Дваесетгодишнината од постоењето на Операта се одбележува со праизведбата на уште едно македонско оперско дело, Цар Самуил на Кирил Македонски.
Специфичен продукт на седумдесеттите години остануваат Мајските оперски вечери, меѓународна фестивалска манифестација, насочена пред се кон комплетните оперски остварувања на сите балкански центри, која низ повеќе програмски концепти со различен интензитет и уметнички дострели функционира до денес.
Вселувањето во новиот објект на МНТ останува во сенка на низа уметнички проблеми: недоекипираност на Хорот и Оркестарот; недостиг на солисти и на раководен уметнички кадар. Новиот објект не ги решава на најсоодветен начин ниту проблемите на просторот. Напротив, честата неусогласеност меѓу стартните амбиции и техничката лабилност на големата сцена отвора нови проблеми, кои се најдрастично изразени токму во потребите на Операта при МНТ.
Ако говориме за позитивното на овој период, тогаш тоа се фактите на консолидирање и растеж на ансамблот на Хорот, поканата за враќање на видни, формирани македонски солисти (Милка Ефтимова, Симеон Гугуловски); поставувањето на повеќе домашни дела, меѓу кои се и две опери за деца; постојаниот ангажман на повеќе истакнати странски диригенти (Новаковски, Козловски, Пшебилски); организираните индивидуални гостувања на македонски солисти на странски сцени.
Се чини дека оперската уметност од сите сегменти на македонската култура беше најчувствителна на кризите и општествените превирања од крајот на осумдесеттите и во деведесеттите години на 20 век. Чести промени на раководниот кадар, видлив пад на вкупното темпо на работа, недоекипираност и крајно лоша материјална поставеност на уметниците, изразено мал број премиери и претстави. Сепак, во последните сезони се претчувствува постепено решавање на евидентната криза.
Присуството на нови диригентски и солистички имиња формирани во Република Македонија, како што се: Вања Николовки-Ѓумар, Оливер Балабурски, Славица Петровска, Весна Гиновска, Павлина Новакова, Цветан Стојановски, Зоран Сотиров, Игор Дурловски, нивните нови амбиции, уметничките афинитети и професионални потенцијали, но и искуството, традицијата, историското сознание и паметење - сето тоа ни дава за право да веруваме дека растежот од безмалку мртвата точка во последните три сезони не е случајност. Последните премиери и претстави на Операта при МНТ се предвесници на долгоочекуваното квалитативно ново творечко време за оперската уметност во Република Македонија.


      репертоар: МОБ - Опера
      гостувања: МОБ - Опера
      рецензии: МОБ - Опера