ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови



© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


  Турски театар - Скопје

Актуелниот Театар на народности е основан со Решението на Извршниот одбор на Градскиот народен одбор на Скопје (бр. 4579/1950) во пролетта 1950, иако дејностите за негово формирање започнуваат во втората половина на декември 1949 година. Во моментот на формирање Театарот е именуван како Малцински народен театар. Негов прв директор е Абдуш Хусеин, тогаш истакнат културен деец, завршен матурант на првата генерација на Државна театарска школа во Скопје. Помошник-директор е Абедин Красниќи.
Во рамките на Малцинскиот народен театар од самиот почеток паралелно работат две „актерски групи“ (формулацијата е преземена од тогашните весници), составени од аматери коишто дотогаш настапуваа во културно-уметничките друштва „Јени јол“ и „Емин Дураку“. И двете друштва претходно настапуваа на Аматерски театарски смотри во Скопје, каде што нивните членови се здобиваа со првиот посериозен сценски опит.
Во текот на јануари 1950 година, по одржаните аудиции, составени се професионални ансамбли на Малцинскиот народен театар. Неговата „турска група“ броеше 17 членови (15 мажи, 2 жени), а „албанската група“ 19 членови (15 мажи, 4 жени). И двете „групи“ своите први премиери ги изведуваат во текот на јули 1950 година, на сцената на Македонскиот народен театар.
На 20 јануари 1950 година, во салата на Реонскиот одбор во Скопје, на свечен начин се одбележа официјалното започнување на работата на Малцинскиот народен театар.

Првата премиера на „Турската група“ - идната Турска драма е одиграна на 9 јули 1950: комедијата на Бранислав Нушиќ Сомнително лице (Supheli Sahis), во режија на Абдуш Хусеин. Во претставата настапија актерите: Шефки Махмут, Јлд`з Ахмет, Суна Махмут, Сеза Окчуоглу, Бехиџ Садулах, Муса Халим, Шерафетин Неби, Фикрет Демир, Абдуш Хусеин и Фаик Хасан.

Три дена подоцна, на 12 јули 1950 година, „Албанската група“ - идната Албанска драма, ја изведува својата прва претстава: комедијата на Гогољ Женидба (Martesa), во режија на Абедин Красниќи. Во претставата настапија актерите: Ангелина Џони, Паулина Широка, Викторија Широка, Абедин Красниќи, Ѓон Марку Кола, Зеф Јаку, Фаик Адеми, Марк Марку, Антоанета Мазреку, Аљуш Османи.

До почетокот на 1953 година Театарот работи во просториите на Народноиот фронт на 111 реон, за на 8 јануари 1953 на неговите актери свечено да им биде предаден во употреба новиот објект (салон со 650 седишта), во кој ансамблите ќе работат до неговото уривање во земјотресот (1963). Актуелниот објект на Театарот на народностите се користи од 1975 година, кога и институцијата и нејзините составни членки - Турската драма, Албанската драма - ги добиваат сегашните официјални називи.

Во текот на својот полувековен развиток, Театарот на народностите, минувајќи низ интензивни, но и низ кризни фази, успеа да создаде специфичен театарски израз, со што битно ги одбележа и двете театарски традиции, турската и албанската, успешно промовирани и етаблирани во македонскиот културен живот. Соработувајќи, од самиот почеток, со низа релевантни театарски дејци коишто примерено дејствуваа и дејствуваат во македонскиот културен круг, Театарот на народностите значајно придонесува и кон потврдување на мултикултуралноста/интеркултуралноста на македонското општество.
Се разбира, овој интерактивен процес едновремено се потврдувал и од „другата страна“: редица најдобри македонски режисери, сценографи, костимографи и композитори - Тодор Николовски, Мирко Стефановски, Саша Маркус, Тома Владимирски, Рада Петрова-Малкиќ, Тодорка Кондова-Зафировска, Владимир Милчин, Крсте Џидров и други - некои од најдобрите свои претстави ги постварија токму со ансамблите на Турската и на Албанската драма. И некои режисери од странство, пред се Бранко Брезовец од Хрватска, дадоа бележителен придонес кон афирмацијата на мултикултурната ориентација на овој Театар, како целина.

Во текот на последнава деценија, и двата ансамбла на Театарот на народностите со голем успех промовираа некои свои проекти и во странство, гостувајќи во голем број земји и учествувајќи на повеќе еминентни театарски фестивали (Германија, Холандија, Турција, Италија, Бугарија, Албанија, Буркина Фасо - Африка, Југославија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Австрија, Швајцарија, Литва, Шведска итн.).


      репертоар: Турски театар - Скопје
      гостувања: Турски театар - Скопје
      рецензии: Турски театар - Скопје