ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови



© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


  Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп

Како први документирани податоци за организиран театарски живот во Прилеп засега треба да се сметаат оние од 1887 година, поврзани со активностите на прилепската црковно-училишна општина. Имено, на 13 септември 1887, на редовното заседание на училишното настојателство, учителот Атанас Бадев е назначен за управител на штотуку организираниот општински театар, кој првата претстава ја одиграл веќе на 20 октомври истата година. Тоа е постановка на Молиеровата комедија По неволја доктор, што ја изведувал ансамбл составен исклучиво од аматери: месните учители и повозрасни ученици, кои играле и женски улоги. Режисер, сценограф и суфлер е самиот Бадев.
Овој даскалски театар инцидентно ќе делува се до почетокот на наредниот век, изведувајќи по некоја премиера годишно или на секоја втора година. Како последни негови изведби, најверојатно, треба да се сметаат дури четири премиери изведени во текот на учебната 1907/1908 година, меѓу кои и премиерата на преставата Многустрадалната Геновева.
Професионален театар во Прилеп е формиран есента 1949 година, со решение на Градскиот народен одбор, како негов основач. Официјално именувана како Градски народен театар Прилеп, оваа институција веднаш вработува 13 постојани и десет хонорарни актери. Првиот директор е Рампо Конески, долгогодишен театарски аматер. Прва премиера на овој театар е комедијата Кир Јања од Јован Стерија Поповиќ, изведена на 18 февруари 1950 година, во режија на Аце Михајловски.
Во историјата на прилепскиот театар 1954-тата година се смета за пресвртна, бидејќи тогаш е адаптирана театарската зграда, а уметничкиот ансамбл е засилен со поголема група скопски актери, предводени од режисерот Мирко Стефановски. Во текот на наредните шест години (1954-1960), под уметничкото водство на Мирко Стефановски, прилепскиот театар ќе се афирмира како еден од најдинамичните, најинтригантни и најуспешни македонски театри, воопшто.
Во 1965 година театарот станува организатор и домаќин на театарските игри Војдан Чернодрински, кои подоцна прераснуваат во Македонски театарски фестивал.
Меѓу 1950 и 2000 година Народниот театар „Војдан Чернодрински“ има изведено 200 премиерни претстави и прикажано над 4.000 изведби, проследени од над еден милион гледачи.

Прв професионален состав на Градскиот народен театар Прилеп (18 февруари 1950):

Рампо Конески - директор; Орде Паноски - сценограф; Блага Аламиоска; Нада Галеска; Мара Русеска; Ратка Смилевска; Димче Гешоски; Кирил Жежоски; Благој Келески; Аце Михајлоски; Цане Настоски; Ѓорѓи Ристоски; Владо Спиркоски; Борка Солески; Димче Шилоски - актери.
(Вкупно вработени: 20)


      репертоар: Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп
      гостувања: Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп
      рецензии: Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп